Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, кој беше градоначалник на Чаир во неколку последователни мандати, по истекот на стоте дена од формирањето на актуелната влада планира да поднесе интереплација во парламентот против двајца министри избрани од редовите на неговата партија.
Како што дознава Фокус од извори во ДУИ, станува збор за првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и за министерот за надворешни работи Бујар Османи, за кои Меџити сметаше дека се погрешен избор уште при формирањето на владата.
Како што е познато, тогаш тој и уште неколку пратеници и функционери, главно од ограноците од Чаир и Сарај, се спротивставија на номинацијата на Груби и Османи за членови на владата, па дури и не се појавија на Генералното собрание на кое се раправаше и гласаше за кадровските решенија.
Во меѓувреме, според неофицијални информации, разликите на оваа релација не се намалиле, туку напротив, само дополнително се зголемиле, бидејќи, меѓу другото, започнал процес на елиминација на луѓето блиски до Меџити, кои беа или требаше да бидат именувани на одредени функции.
Од тие причини, поранешниот градоначалник на Чаир и актуелен предводник на чаирскиот огранок во последно време не учествува во работата на парламентот, поради што дополнително се отежнува обезбедувањето на потребното мнозинство неопходно за кворум и гласање.
И покрај нашите обиди, не успеавме да стапиме во контакт со Меџити за да добиеме коментар околу информациите дека планира интерпелација за Груби и Османи после 100 дена од изборот на Владата, кои истекуваат во првата половина на декември.
В.С.