Текстот е објавен на 20 април 2012-та во неделникот „Фокус“ број 877
Пишувал
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Откако македонското Собрание, во почетокот на 2008 година, за прв пат усвои Закон за лустрација, процесот на прочистување на општествените пори практично се сведе на обид на ликвидација на владејачката ДУИ, на дискредитација на Уставниот суд и на критички настроениот дел од невладиниот сектор, како и за девалвирање на опозицијата.
Токму тоа беше целта на кодошките документи што никнуваа од под земја и паѓаа од небо, за водството на „интегративците”, како и на крајно сомнителното лустрирање на поранешниот прв уставен судија Трендафил Ивановски и на директорот на Соросовата фондација Институт отворено општество Македонија, Владимир Милчин. Првиот стана кодош, бидејќи прифатил соработка со тајната служба како средношколец, додека вториот од жртва стана шпион. Во недостиг на цврсти материјални докази, за да бидат поткрепени овие приказни, се форсираше тезата дека двајцата не би можеле да изградат успешна професионална кариера без соработка со тогашна УДБА.
Во меѓувреме, постоеше и обид за лустрирање на двајца поранешни министри на СДСМ, Љубомир Фрчковски и Ѓунер Исмаил. Иако овие два случаи не беа процесуирани, сепак, подлегнаа на длабинска медиумска обработка. Така што ефектот на оцрнување беше во целост постигнат.
ПРЕРОДБЕНИЦИТЕ И РЕВОЛУЦИОНЕРИТЕ БИЛЕ БУГАРИ?
Случајно или не, приоритет во лустрацискиот филтер имаа функционери од приватниот, наместо од јавниот сектор, а во прв план влегоа поранешните, наместо актуелните функционери. Така, власта секаде пикираше кодоши, освен, се разбира, во сопствените редови. Комисијата за верификација на фактите со надгласување ги спаси и оние за кои порано, со или против своја волја, сеедно, подлегнале на притисоците на тајната полиција. Оттаму, логичкото прашање кое се поставува е, дали информаторите и соработниците на тајната полиција се насекаде, освен на Илинденска бб?
Одречен одговор на ова прашање нудат документите до кои дојде „Фокус”. Станува збор за службена белешка на Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, подготвена во март 2002 година, од одделението на еден источномакедонски град и доставена до четвртата управа на УБК за аналитика. Поради назнаката „државна тајна”, што претставува највисок степен на доверливост и класифицираност, нема да ги објавиме евиденцискиот број, називот на оперативната истрага, како и инспекторот што ја водел операцијата, кој, според нашите информации, пред неколку години преминал од државната во јавната безбедност.
Имено, белешката се однесува на сопруг на актуелна пратеничка од власта, кој е носител на раководна функција во едно јавно претпријатие. Документот, кој се заснова на спротивставување на неговата дејност со бугарската тајна служба БНРС, структуриран е во три дела, од кои првиот го носи предметот на разговорот. Вториот, носечки и најинтересен дел, распослан на две и пол страници, ја опфаќа содржината на разговорот меѓу јавниот функционер и сопруг на народна избраничка од редовите на власта и инспекторот.
Инаку, во белешката, со низа лексички и правописни пропусти, што е честа појава при изработката на документите од овој тип, стои дека лицето кое е предмет на интерес, уште во почетокот на деведесеттите години на минатиот век, почнал активно да пројавува интерес и да се ангажира за теми од историските и јазичните области. Во таа насока, тој почнал да ги проучува македонската историја и јазик, па тргнал по литература од соседните држави, пред сѐ од Бугарија. Според него, најголемите умови и пишани дела останале кај источниот сосед.
„Тој смета дека историчарите во Македонија не ја прикажуваат историската вистина за корените на македонскиот народ и јазик заради создавање на национална гордост и величина за старите корени на народот, што според него е многу погрешно и доведува до непотребен конфликт со Бугарија и самите себе. Негов став е дека ние Македонците, па и нашите претходници (преродбениците и револуционерите), се декларирале како Бугари. А македонскиот народ настанал во дваесеттиот век, како што настанале многу народи во Европа”, напишал инспекторот за сопругот на актуелна владејачка пратеничка.
КОНТАКТИ СО БУГАРСКИ ФУНКЦИОНЕРИ
По воведот во содржинскиот дел од белешката, инспекторот ја изнесува причината за средбата со него – неговите зачестени контакти со бугарската амбасада во земјава и со високи функционери во Софија, како резултат не неговите написи во сферата на културата на двете земји. Како што пишува во документот, тој имал ручек кај тогашниот бугарски амбасадор во земјава, Александар Јорданов, на кој присуствувале видни гости од културата, уметноста и дипломатскиот кор, додека со сопругата присуствувале на прославата на бугарската државност во Домот на АРМ.
Исто така, признал дека се запознал со многу познати лица од Бугарија, меѓу кои и со нам добро познатиот Божидар Димитров, директор на Националниот музеј во Софија и подоцна бугарски министер за дијаспората. Покрај тоа, се сретнал со Спас Ташев, тогашен потпретседател на Агенцијата на Бугарите во странство, како и со водачите на Македонската патриотска организација Џорџ Лебамов и Љубен Топчев. Откривајќи сегменти од разговорите со нив, сопругот на пратеничката на инспекторот му рекол оти се познавал и со Александар Попов од бугарското министерство за образование, кој им помогнал на многу Македонци кои студирале во Бугарија.
Притоа, во белешката стои и идентитетот на извесен човек од Македонија, кој се декларирал како Бугарин, во контекст на човек кој бил материјалист. Инспекторот запишал дека неговиот соговорник за овој човек имал негативно мислење, поради неговата наметливост. Ама, во секој случај, одржувал средби со него.
На крајот, соговорникот истакнал дека имал погрешна претстава за цивилната тајна полиција и дека не може „да ја извршува работата во УБК”. Како главна причина ги навел неговиот „слободњачки карактер и ограничувањето, како и опасноста и ризикот по неговото семејство, кои ги носи оваа работа”. Тој апострофирал оти не сака понатамошни контакти со инспекторите, меѓутоа инспекторот што го водел разговорот со него, во третиот дел од белешката посветен на оценка за текот и исходот на разговор, препорачува во наредниот период да се иницира уште еден разговор, заради оперативни сознанија.
Од претходно кажаното, произлегува заклучок дека останува непознато, дали тоа е последниот разговор на посоченото лице со тајната полиција, но дефинитивно не бил прв. Впрочем, тоа го докажува и оценката на инспекторот, кој напишал дека интервјуираното лице „слободно ги кажал информациите со кои располага и ставовите кои ги има”, но сакал да ја „напушти работата со УБК”. Она што е кристално јасно – тој работел за службата, но што значи тоа и дали неговата дејност, за која знаеме само еден сегмент, може да се смести во рамки на одбрана на државни интереси или во кодошење на луѓето со кои пријателувал?
НЕ Е СПОРНА ВЕРОДОСТОЈНОСТА, ТУКУ ВЕРОЈАТНОСТА
Доброупатените во безбедносно-разузнавачката сфера објаснуваат дека односот со тајната полиција може да се заснова на две нивоа – информатор и соработник. Разликата е во степенот на соработка, односно информаторот е понизок степен на соработка кој може да прерасне во соработник, кој заснова облигационен однос со службата. Тие биле распоредени линиски или објектно, односно прибираат и пренесуваат податоци за одреден реон или објект.
Со оглед дека во конкретниот случај најверојатно се работи за релација информатор – служба, посоченото лице било повикано на разговор. Познавачите истакнуваат дека во периодот во поранешна СФРЈ, сите граѓаните едноставно морале да позитивно да одговорат на поканата за разговор со службата, бидејќи во спротивно постоел механизам за принудна реализација. Според нив, така било сѐ до 1994 година, од кога поканата за разговор мора да содржи образложение и да бидат наведени неколку права, како на пример, право на адвокат, што сугерира дека постоела и делумна добра волја за разговор во службеникот.
Во однос на содржината на разговорот, експертите со кои се консултиравме сметаат дека не е спорна веродостојна на документот, туку веројатноста на информациите. Тие информираат дека стандардите на НАТО предвидуваат дури осумнаесет степени на веројатност како резултат на склоноста на агентите да преработуваат, па и да измислуваат информации, сѐ со цел да исполнат одредена норма. Имајќи го предвид фактот оти инспекторите често пати ги слушаат соговорниците по неколку часа, нормално било да реинтерпретираат делови од разговорите, па често пати ги изместувале поентите.
Сепак, под претпоставка дека наводите во документот се совпаѓаат во реалната состојба и вистината, тоа е спорно од неколку аспекти. Прво, актуелен јавен функционер и најблизок роднина на истакната пратеничка од власта го оспорува македонскиот идентитет, со отворена пробугарска ориентација. Згора на тоа, негувал комуникација со функционери од Софија, кои не ги кријат антимакедонските ставови и често пати во јавноста настапуваат негаторски кон македонското прашање. Иронијата да биде најголема, разговорите со бугарските пријатели македонскиот јавен функционер ги пренесувал до тајната служба.
Патем речено, доколку дел од неговите информации за време на разговорите со инспекторите претставуваат кршење на човековите права и слободи од идеолошко-политички мотиви, посоченото лице ќе подлежи на лустрација. Во рамки на првиот Закон за лустрација, временскиот опфат е од АСНОМ во 1944 до осамостојувањето на Македонија во 1991 година, а во најновиот предлог – закон, тој е одреден до 2006 година. Точно во годината кога стапува на сила Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, тој стапува на сегашното работно место.
Еве, хипотетички земено, нашиот лик ги исполнува законските критериуми за да биде прогласен за кодош, зошто неговото досие да биде јавно обзнането, па срамот да го делат и неговите најблиски роднини, кои можеби немале никаква врска со неговите постапки? Или, напротив – неговата сопруга, во стилот на една нејзина колешка, чиј маж неодамна беше уапсен во полициска акција, достоинствено ќе рече дека правдата нема да заобиколи никого, макар бил член на најтесното семејство? Не, спроведувањето на правдата ќе продолжи да важи само за неподобните, неистомислениците и критичарите, без разлика во чии редови припаѓаат!
Екс-амбасадорот Јорданов против македонизмот
МОЗОЦИТЕ ВИ СЕ ИСПРАНИ, А ЈАЗИКОТ СРБИЗИРАН
По напуштање на амбасадорската функција во Македонија, поранешниот амбасадор Јорданов, во интервју за бугарската новинска агенција Фокус, вели дека за време на службата во Скопје работел против македонизмот, кој, според него, е доктрина на антибугаризам. Тој сведочи дека додека во земјава се соочувал со антибугарска кампања, на многу Македонци им велел дека мозоците им се испрани, а јазикот србизиран.
– Македонија постојано ја краде бугарската историја и ја фалсификува својата – вели во интервјуто Јорданов.
Божидар Димитров
ЛАГА Е СЕ ШТО Е МАКЕДОНСКО
Со жестоки и радикални изјави во јавноста се појавува и довчерашниот бугарски министер за дијаспора, Димитров, кој е автор на книгата „Десетте лаги на македонизмот”, во која се исмејува дека Античка Македонија, Словените, преродбениците, ВМРО, Охридската архиепископија, Самуиловата држава, Крсте Петков Мисирков се поврзани со македонската историја и идентитет!