Ако напишеме оти Македонија е најранлива по меѓуетничка линија, сигурно дека не сме напишале ништо ново или нешто што досега е непознато. Истото е и ако кажеме дека таа најпрвин би пукнала по меѓуетничкиот шев. Жалосно е да се види дека нешто толку познато и толку пати напишано го гледаме реално речиси секој ден на дело и притоа не сфаќаме дека тоа некогаш го плаќаме и со најскапото: со човечки животи.
Но, што е ново во моментот? Што е тоа што убиството и последователните случки кај Ѓорче Петров, овој пат ги прави големи и по многу нешта пресудни?
ДРЖАВА БЕЗ ПОПЛАВА
Се случи по поплавите на Балканот по кои, за првпат по долго време, граѓаните на Македонија организираа навремена и добра акција за солидарност. Врската на поплавите со случувањата е во тоа дека, иако немаше поплави предизвикани од поплавите во соседната Србија и малку подалечната Босна, и со тоа се виде дека Македонија, според водата, природно не припаѓа на таа вертикала, со солидарноста се потврди дека, сепак, со срце влече натаму. Накај север.
Солидарноста е за секоја пофалба и нема ништо лошо во тоа, освен, ете, неприродноста која бара дополнителен ангажман. Ангажман кој можеби воопшто немаше да биде потребен за поврзување по хоризонтална линија.
НАТО, НАНИ, РАДИШАНИ
Убиството и случките се случуваат во постизборниот период во кој имаше дури и барање гласови со антиалбанска емоција, како што тоа, впрочем, го направи сега мандатарот за нова влада, Никола Груевски. Таквиот повик и речиси остварената желба за освојување на мнозинството на пратеници за да нема можност од уцена, остава заведените по тоа да помислат дека сите Албанци се само „крадци на точаци“, а цела Македонија едно Ѓорче Петров или Радишани што им припаѓа само ним.
За потврдување на оваа перцепција секако придонесува невидливоста на албанското политичко присуство во јавноста, кое го немаше никаде ни за Радишани, ни за сочуство за убиството во Ѓорче и кое продолжува да го нема ни за заштита на дуќаните и куќите запалени како последица.
Веројатно ДУИ, на чело со Али Ахмети, е толку преокупирана во маалски стил да го среди зачленувањето на Македонија во НАТО, што не ѝ се важни две-три маала, како Радишани или Ѓорче Петров. Освен, ако и лично Расмусен не ја предочи најочигледната работа ‒ дека за да се влезе во НАТО, треба да влезеш прво во Ѓорче Петров и во Радишани. Име, меѓународно, може и да немаш, но правна држава и владеење на правото, секако.
ТЕМНИНА-ИДНИНА
Дополнително, сето ова почна и се случува во период во кој е очигледно дека голем дел на мнозинското население ќе остане надвор од централните институции, како што е случај со гласачите и со насила прогласените опозициски пратеници. Оваа политичка непретставеност ќе го продлабочи темниот дел на општеството кој, заедно со веќе евидентираниот дел кај албанските гласачи, ќе биде доста голем за да може да предизвика непознати одвивања во општеството кое ќе нема ништо со државата. Така, овој пат и голем дел од Македонците нема да веруваат во државата, покрај Албанците, кои и без тоа, не веруваа во „македонска“ држава.
И последното, што се врзува со насловот, е дека ова се случува во време на доделување мандат, при што се глуми нормалност на политичката сцена. Што, само во најдобар случај и со дополнителни напори, би можело да се изведе како да е сè нормално таму каде што не е ненормално, т.е. има влада, но не и во Радишани и во Ѓорче Петров, а утре и уште во некои маала. Затоа ова може да испадне како шах-мат за нормалноста. А шахистите знаат дека тоа е многу веројатно кога веќе е изгубена каса-прими кралицата, министерката за внатрешни, како што се покажа и во Ѓорче Петров, каде што, ете, наместо неа, требаше да се испрати ловец, топ или пион, која ли фигура му доаѓа тоа: Сашо Мијалков!?