За да направат кариери, додворувачите на власта исплукаа сѐ што вредеше пред 1991 година!

by Фокус 12:51
12:51

Текстот е објавен во 904. број на неделникот „Фокус“ на 26. октомвир 2012.

Она што го постигнавме во 1991 година ќе беше невозможно, ако Република Македонија во 1944 година не станеше држава. За жал, и во науката и во публицистиката, а особено во политиката, не е развиена свеста за поврзаноста на различните периоди на развојот на нашата држава и во зацврстувањата на националната свест кај Македонецот. Затоа сега има и многу интелектуалци, кои, за да ги истакнат своите лични вредности и да го зајакнат своето лично значење, плукаат речиси во сѐ што е сторено од 1941 до 1991 година!

- Advertising -
"

Пишува
Стојан АНДОВ

Октомври кај нас е месец за историски реминисценции. Во октомври 1893 година е основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација. Во октомври, барем официјално, започна нашето Народно ослободително и антифашистичко востание. Тоа е единственото востание во историјата на македонскиот народ кое успешно заврши и доведе до формирање на нашата држава. И двата датума (11 и 23 октомври) ги празнуваме и ги одбележуваме, врз основа на законски решенија. Оваа есен ништо посебно не се случува во нашата земја.

Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во 2012 година, потиснат е од предизборната кампања која е во тек. Играта ја води ВМРО-ДПМНЕ и во однос кон своите коалициони партнери и во однос кон опозицијата. Се разбира, изненадувања се можни, но во овој момент причини за да ги очекуваме изненадувања нема или се барем невидливи. Затоа и овој пат се задржувам за историската проблематика.

СЛОБОДАТА ПРИСТИГНА ВО ЕДЕН СЛИЧЕН ОКТОМВРИ

Инаку, овој октомври, барем според климатските услови досега, многу ми личи на октомври пред 68 години, оној во 1944 година. И овој како и тој претежно е сончев месец, без доволно врнежи. И тогаш, како и сега, земјоделците се жалеа, дека земјата не можат да ја обработат и да ја подготват за сеидба. Наспроти релативно високите дневни температури и убавото сончево време преку ден, ноќите и утрата и тогаш како и сега беа студени. Тој октомври имав девет години и го поминав во село Чемерско, според сегашниот речник, како привремено раселено лице. На 7 септември 1944 година, партизаните го зазедоа и го ослободија Кавадарци.

Во тоа зовриено време и ние децата со големо внимание слушавме за тоа што се случува во животот. Разбравме дека единицата од окупационата војска на Бугарија, што беше сместена во Тутунскиот монопол, утрото се повлекла и си заминала. Тоа се случило во согласност со договорот што во име на партизаните, го водел Јасмин. Во прво време, не знаевме кој е тој Јасмин. Мислевме дека е од Прилеп или од Велес, а дури потоа разбравме дека тоа бил Мито Хаџивасилев, познат на помладите како човек со најголем стаж како илегалец. Партизаните се согласиле бугарските војници со себе да си го понесат лесното оружје-пушки, автомати, пиштоли и бомби, а митралезите и двата топа со се муниција да им ги остават на партизаните. За да се увери народот, едниот топ партизаните го донесоа на плоштадот во Кавадарци, а другиот на сред село во Ваташа.

Ние децата бевме многу среќни што партизаните, кои ги чуваа топовите, ни дозволуваа да јаваме на нивните цевки. Но тоа задоволство траеше многу кратко. Имено, партизаните го ослободија Кавадарци, но Неготино остана неослободено. Таму немаше бугарски војници, ама една помала германска единица испратена од командата на групата Е од Грција да ја обезбедува железничката станица, мостовите и пругата, го контролираше и Неготино. Кога партизаните се решија да ја нападнат таа единица и да го ослободат Неготино, без да знаат дека неа Германците ја зајакнале со нови сили, наидоа на жесток отпор. Бидејќи партизаните немаа оружје за опсада, а се очекуваше низ Македонија да поминат големи германски сили на пат кон Германија, не се направи нов обид за ослободување на тој град. Сепак Кавадарци остана под власт на партизаните.

Германците испратиле неколку мотори со приколки да ја извидат состојбата во Кавадарци, но на влезот на градот партизаните ги убиле војниците, а моторите ги запалиле. Во меѓувреме Германците со артилерија го избомбардираа Кавадарци, кога загинаа неколку цивили. Партизаните набрзина ги изнесоа двата топа и ги поставија на блискиот рид Љубаш. Оттаму можеа да го контролираат патот Неготино -Кавадарци. Откако Германците се уверија дека партизаните имаат митралези и топови, веќе не се решија на нови препади кон Кавадарци. Двата топа немаа дострел до германските позиции во Неготино но секој испад на Германците веќе на половината пат кон Кавадарци ќе беше изложен на топовскиот оган. Селата меѓу Кавадарци и Неготино извесно време беа, војнички речено ,,ничија земја” но во нив делуваа Народно-ослободителните одбори.

Партизанската власт наскоро оцени дека поголем дел од постарите луѓе и децата треба да го напуштат Кавадарци и да се сместат во планинските села. Од нас четворицата (татко ми, мајка ми и сестра ми), само јас бев меѓу евакуираните. Со група деца од Кавадарци бевме сместени во селото Чемерско, поставено на едно плато, на висина околу 700 метри над морето, во огранците на Кожуф. Мене ме зеде баба Чонка, сестра на дедо ми Андо. Во Чемерско бевме околу триесетина деца, распоредени по роднини, а помал дел беа сместени во школото. Деца, како деца, брзо заборавивме на војната и се препуштивме на игрите. Шетавме низ селските градини, кои наутро беа оросени, а росата имаше посебен сјај кога паднала врз печурките во градините.

Баба Чонка имаше и три внучиња од синовите, од кои двајца Коле и Драги, си играа со нас. На двапати дојдоа во селото политички активисти, еднаш Мито Мицајков, а вториот пат Ристо Џунов. И едниот и другиот збореа за народната борба и победата, но и за потребата секој Македонец да даде сѐ од себе, па дури и животот, за еднаш засекогаш да се ослободи Македонија. Нив ги слушаа бабите и дедовците, но и ние бевме поседнати наоколу. Луѓето прашуваа за многу работи, за тоа кога ќе биде ослободена Македонија, со кои сили партизаните располагаат и тн. Се сеќавам на еден дедо Иљо, со мустаќи пожолтени од тутун, го праша Ристо Џунов велејќи:
,,Да беше татко ти овде, тој стар комита Џико, ќе ми одговореше, но јас и тебе ќе те прашам: на чија страна е Турчинот, може ли пак да ни се врати?” Доби одговор дека Турција е неутрална, а дека нашите Турци од Бохула, Барово, Бесвица, Долни Дисан и другите села се на наша страна. Еден дедо Глигор, пак, праша кога ќе дојдат Русите? Велејќи дека ,,еден век” ги чекал, ама тие не дошле. Рече, нека дојде барем еден, да го избакниме.

На 8 ноември, откако Германците се повлекоа од Неготино, после мали ,,чарки” беше ослободен и тој град. Нас, децата не вратија во Кавадарци и за неколку дена почнавме да одиме во училиште. Ја бев запишан во трето одделение и така ми се случи да бидам еден од генерацијата која прва своето школување го започнува и го завршува во македонско училиште со настава на македонски јазик. Прва учителка ми беше партизанката Ленче Поп Ристова. Целата училишна година учевме само од предавањата на учителките, бидејќи немавме учебници. Главна литература ни беа ,,Орлите на Македонија”, а наскоро и книшката ,,Јунак над јунаци”. Државата со големи усилби го развиваше школскиот систем за младите, а за неписмените возрасни организира безброј курсеви за нивно описменување.

РЕФОРМСКИОТ ПЕРИОД НА КРСТЕ ЦРВЕНКОВСКИ

Во првите години од ослободувањето, се ,,ослободивме” и од еден друг многу голем ,,непријател”, маларијата. Наскоро после ослободувањето ни беше покажана новата македонска азбука поради што многу се израдувавме и со која почнавме успешно да се служиме. Како што растевме, така се повеќе дознававме за тоа што се случува околу нас и во нашата земја. Ние од нашата генерација, наскоро дознавме за АСНОМ и неговите решенија, но набрзо потоа гледавме и збунувачки настани.

Еднаш нѐ изведоа во чаршијата да гледаме како минуваат ,,ратните богаташи и непријателите на народот”. Меѓу оние што ги видовме најбројни беа трговците, а најголем дел од нив имаа синови или ќерки партизани, и помали деца што учеа со нас. Со сите грешки и застранувања државата сепак успешно одеше напред. Го прошири и основното и средното образование. Го зголеми бројот на гимназиите, а беа основани и бројни стручни училишта, какви дотогаш во Македонија речиси немаше. Наскоро потоа беше основан и Скопскиот универзитет, а за предавачи, покрај домашните професори дојдоа и професори од другите Републики, пред се од Хрватска. Од нив дојдоа најмногу на медицинскиот, правниот и економскиот факултет, а најголем дел од нив во нашата земја ја завршија и својата професионална кариера, оставајќи белези на благодарност кај своите студенти, но и важни научни трудови со кои се користеа и подоцнежните генерации.

Македонија, како и Југославија, поради разни околности (пресметките со окупаторските слуги, потоа Граѓанската војна во Грција и економската и воената блокада на Југославија од страна на земјите на Информбирото, почнаа да излегуваат од атмосферата на воена опасност дури негде во 1955/56 година. Тогаш отворено почна да се покажува дека идеолошката чистота и патриотизмот не се доволни за да напредува земјата. Во годините после ослободувањето, од школскиот систем излегоа бројни млади луѓе кои имаа чисто македонска национална свест.

Во тој прв период на развој на државата имаше повеќе идеолошки грешки, што беа следени и со сериозни кршења на човековите права. Но и во тој период се до 1962 година, период во кој Република Македонија се развива под лидерството на Лазар Колишевски, на планот на општото националното освестување и за афирмација на македонската нација, се постигнати огромни резултати. Во тој систем, кога политички лидер во Македонија беше Колишевски, кого на брзина и некритички го обележуваа и го квалификува како србоман, не се обновуваше српскиот школки систем во Македонија, не се основаа ниту српски институции со задача да го србизираат народот, туку се зеде курсот на целосно македонско национално афирмирање, со амбиции за рамноправност со оние други нации во Југославија и во соседството кои значајно пред нас создале свои држави.

,,Системот на Колишевски” не дозволи да се вратат српските колонисти, кои Македонија ја напуштија за време на Втората Светска војна. Во тој систем е создадена и автономијата на МПЦ. Но развојните можности на тој систем, пред се во областа на економијата, но и во другите области наиде на своите граници, кои не дозволуваа слободни иницијативи на нараснатите интелектуални можности на новите генерации во државата. Проблемите со кои се соочи Југославија во економијата, ја предизвикаа првата стопанска реформа во 1961 година. Се покажа дека е потребен пресврт во политиката и во Македонија. Тоа не беше изолирана состојба само во Македонија, туку истите симптоми силно се чувствуваа и во другите Републики. Во Македонија периодот од 1962 па се до 1971 година, може да се означи како период во кој политички лидер е Крсте Црвенковски.

Еден од првите потфати на Црвенковски беше отварањето кон млади кадри кои во своите области стручно се докажале. Во претходната колумна во „Фокус“, во општи линии, ги спомнав главните потфати во времето на лидерството на Црвенковски, кои битно ја променија сликата за Македонија. Се разбира тие пресврти и тие нови дострели нужно се потпираа на постигањата од претходниот период. Концепцијата на Крсте Црвенковски ќе беше невозможна, ако не се остварија претходно сите нужни претпоставки, во периодот на раководството на чие чело беше Колишевски.

НЕГАТОРСКИОТ ОДНОС Е ПОПУЛАРЕН, АМА – ШТЕТЕН!

Спротивностите меѓу првиот и вториот период на развојот на нашата држава, само на прв поглед оставаа впечаток дека тие периоди меѓу себе се исклучуваат. Работите стојат сосем поинаку. Спротивно на првиот впечаток, а заедно со сите нивни спротивности, и едниот и другиот период претставуваат нужни фази во развојот на народот и државата и на тој начин претставуваат целина. Ако тоа не го разбереме, нема да сфатиме ни што ни се случува денес, ниту пак, што не очекува во иднината. Она што го постигнавме во 1991 година, ќе беше невозможно, ако Република Македонија во 1944 година не станеше држава и, покрај сите тешкотии и извитоперувања, ако успешно не ги мина спомнатите две фази во сопствениот развој. За жал, и во науката и во публицистиката, а особено во политиката не е развиена свеста за поврзаноста на различните периоди на развојот на нашата држава и во зацврстувањата на националната свест кај Македонецот.

Затоа сега има, пак за жал и многу интелектуалци, кои често за да ги истакнат своите лични вредности и да го зајакнат своето лично значење, плукаат речиси во се што е сторено од 1941 до 1991 година. Тој негаторски однос кој на прв поглед може да изгледа многу популарен, всушност, настојува да ги посече корените на создавањето и на развојот на нашата денешна Република Македонија. Денес, на пример, не само што не се признаваат резултатите од создавањето и развојот на државата до 1991 година, туку многу луѓе денес прават кариера, додворувајќи им се на денешните власти, а омаловажувајќи го се она што е постигнато до доаѓањето на сегашните власти. Истакнати дејци во нашето блиско минато се претставуваат како непријатели, или како шверцери, или, пак, како неспособни и случајни луѓе.

Таа практика, која денес е на сила, не овозможува да се воспостави објективен однос кон трајните вредности од нашето минато и денес, со своето дејство, воведува обичај и критериуми за оние кои ќе дојдат после оваа власт, да ги негираат сите нејзини постигања, а нејзините прваци да ги третираат како непријатели и криминалци. Додека не изградиме свест за линијата на развојот на македонската нација и поврзаноста на тој развој со развојот на демократијата и со успешното функционирање на демократските институции во општеството, самите не ќе бидеме способни да градиме било каква трајна вредност, бидејќи тоа не се постигнува со споменици и преименувања на стадиони, патишта, мостови… туку само со вистински развој на демократијата!

Поврзани новости