Текстот е објавен на 22 јануари 2010-та во неделникот „Фокус“ број 760.
Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ
Дали македонското револуционерно движење било поврзано со масоните, и колку масоните имале влијание во македонската историја? Кои македонски дејци биле членови на масонски ложи? Според документите што досега се откриени во архивите на неколку масонски ложи, особено во архивата на софиската масонска ложа „Светлина”, десетици македонски интелектуалци, револуционери и преродбеници биле масони, а дел од нив дури и водечки личности на своите ложи. Така, на пример, охриѓанецот Александар Протогеров станал Велик Мајстор на масонската ложа „Светлина”, а високи позиции во своите масонски ложи „Зора” и „Светлина” имале и Македонците Андреј Љапчев, Кирил Прличев, Јордан Бадев, Антон Кецкаров, проф. Љубомир Милетич, Ефтим Спространов, Наум Томалевски, д-р Димитар Точков, Георги Баждаров, Јордан Чкатров, Иван Ѓурков, Димитар Мирчев, проф. Никола Милев, д-р Руменов, Георги Кулишев, потоа Димитар Ризов, новинар и дипломат, автор на првата етнографија на Македонија напишана на француски јазик, Наум Тефикчиев, трговец и снабдувач со оружје на четите на ВМРО, близок пријател на Гоце Делчев, и други.
ЕДИНСТВЕНИОТ МАКЕДОНСКИ ПРЕМИЕР НА БУГАРИЈА БИЛ МАСОН!
Еден од најистакнатите македонски масони секако е познатиот висок политичар Андреј Љапчев, премиер на Бугарија во третата деценија на минатиот век. Тој е роден 1866-та година во Ресен, а своето образование го стекнал во Цирих, Берлин и Париз. Во време кога редица други македонски интелектуалци се вклучувале во ВМРО или во други македонски организации, Љапчев се ангажирал во Демократската партија на Бугарија, а подоцна и во Демократскиот зговор, каде што напредувал до раководител на партијата.
Во 1922 година бил суден како еден од виновниците за таканаречената Втора бугарска катастрофа. Ресенчанецот Љапчев, сограѓанин на Христо Татарчев и Симеон Радев, бил на чело на Бугарската влада во периодот од 1926-та до 1931-та година. Како Македонец не се ангажирал за решавање на македонското прашање, но во таа насока сепак водел малку поеластична надворешна политика од својот претходник Александар Цанков, иако и двајцата биле од истата политичка партија. За разлика од него, професорот Кирил Прличев, син на големиот македонски поет Григор Прличев, уште од гимназиски денови бил вклучен во македонското револуционерно движење.
По завршувањето на солунската гимназија во 1894-та година активно се вклучил во движењето, па во 1902-та година веќе бил секретар на Задграничното претставништво на ВМРО, а за време на Илинденското востание бил борец во четата на Христо Чернопеев.
Подоцна, од 1909 до 1913-та година, бил учител во Солун. По завршувањето на балканските и Првата светска војна повторно се активирал во ВМРО, па на Шестиот конгрес во 1925-та година бил избран за член на Задграничното претставништво на Организацијата. По расцепот на ВМРО влегол во новоформираната Протогеровистичка фракција на ВМРО, но во 1931-та година се повлекол од секакво учество во македонското револуционерно движење.
Автор е на повеќе книги од македонската историја, а во 1943-та година, како директор на музејот во Охрид, го открил гробот на свети Климент Охридски. Според неговото сопствено сведоштво, зачувано во семејната архива на син му Григор Прличев, тој, освен што е македонски револуционер со најдолг стаж во Организацијата, бил и еден од најстарите членови на масонската ложа „Светлина”. Починал во Охрид во 1944-та година.
МАСОНОТ КЕЦКАРОВ Е ПОГРЕБАН ВО ЦРКВАТА СВ. КОНСТАТИН ВО ОХРИД!
И Антон Кецкаров е охриѓанец, роден е една година пред Кирил Прличев, а починал една година подоцна од него. И Кецкаров бил масон, а истовремено и револуционер. И тој се школувал во Солунската гимназија, каде што професор по општа историја и црковнословенски јазик во тоа време е големиот славист Петар Драганов.
По завршувањето на гимназијата бил учител во Охрид, Битола, Солун и Одрин. Поради солидализирање со ученичкиот бунт во 1899-та година бил отпуштен од Битолската гимназија. За време на Илинденското востание е член на Горскиот штаб на Охридската околија. По задушувањето на востанието се засолнува на планината Караорман, а потоа преку Албанија и Црна Гора се префрлува во Бугарија, живеејќи привремено во градот Добрич.
Во текот на 1908-та година се враќа во Македонија за да продолжи со учителската работа, а подоцна учествува во Првата балканска војна. По војната е назначен за директор на тогашната битолска прогимназија, но набрзо заминува во Бугарија каде што останува до крајот на својот живот, ангажирајќи се во работата на Илинденската организација и во други здруженија на македонската емиграција.
Бил член на масонската ложа „Светлина” каде што членувале и редица други македонски интелектуалци, револуционери и преродбеници. Во 1922 година бил воздигнат во степенот Мајстор. Интересно е што во 1945-та година, односно на 21 јануари 1945, веднаш по смртта, според неговата последна желба, бил донесен и погребан во Охрид.
Меѓу документите за неговото членство во масонската ложа и Илинденската организација има и документ, односно одлука на партизанската управа на градот со дозвола посмртните останки на Антон Кецкаров да бидат погребани во Охрид. Имено, во решението издадено од Народниот одбор во кој членувале Георги Бандо, Љупчо Чакар и Јонче Заро „дозволува граѓанинот Андон Кецкар да се закопа во просторите на црквулчето Свети Константин, имајќи предвид желанието на покојниот и заслугите му”. Другарите партизани веројатно не знаеле дека во „црквулчето Свети Константин” во Охрид дозволиле да биде погребан масон, член на масонската ложа „Светлина” од Софија.
Меѓу видните дејци од македонското движење, кои истовремено биле и масони, е и штипјанецот Љубомир Милетич, филолог со знаење стекнато во Загреб и Прага. Умрел во 1937-та година на 74-годишна возраст во Софија. Според документите на масонската ложа „Светлина”, Милетич бил масон полни две децении. Благодарејќи на неговата упорност и посветеност, биле запишани и зачувани за македонската историја, автентичните сведоштва на редица македонски револуционери како Даме Груев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Христо Татарчев и други.
Како масон бил професор на Софискиот универзитет, член на БАН и нејзин долгогодишен претседател, а го формирал и раководел и со Македонскиот научен институт, кој го издавал списанието „Македонски преглед”.
Виден член на истата „македонска” масонска ложа во Софија е и битолчанецот Јордан Бадев, кој до 1913-та година бил учител во својот роден град, а потоа емигрирал во Бугарија. Бил масон и активен учесник во македонското ослободително движење, близок соработник на Ванчо Михајлов и коментатор на весникот „Македонија”. Исто така, тој е автор на неколку книги и статии посветени на учесници во македонското движење, а ја напишал и книгата „Заговорот против Тодор Александров”. Јордан Бадев бил убиен во 1944-та година.
БОРИС САРАФОВ БИЛ МАСОН?!
Според истражувањето на „Фокус”, засега единствено може да се потврди дека од лидерите на ВМРО само Александар Протогеров бил Велик Мајстор на силната софиска масонска ложа „Светлина”. Тој е роден во Охрид во февруари 1867-та година, а бил член на ЦК на ВМРО, заедно со Тодор Александров и Петар Чаулев. По убиството на Александров се спротивставува на терористичките методи на ВМРО, но, за жал, тоа ќе го чини живот, односно ќе биде ликвидиран од луѓето на Ванчо Михајлов.
Благодарејќи на масонските пријателства и контакти на Протогеров, македонската револуционерна организација имала одлични врски со значајни европски центри на моќ. Така, уште на почетокот на минатиот век, со масонска финансиска поддршка излегувале многу македонски весници во Европа, кои пишувале за страдањата и голготата на македонскиот народ.
Еден од тие весници е и весникот „Македонско движење”, кој излегувал од 1902 до 1903 година. Главен уредник на весникот бил ресенчанецот Симеон Радев, роден 1878-та година, кој, исто така, бил масон. По завршувањето на францускиот лицеј во „Галата Сарај”, во Цариград, ресенчанецот Радев активно се вклучил во македонското ослободително дело.
Одржувал чести контакти со Гоце Делчев, Пере Тошев, Христо Матов и Борис Сарафов, за кои пишува дека се „големи борци за слободата на Македонија”. Бил редактор на повеќе македонски весници од почетокот на минатиот век, меѓу кои и на „Македонско движење”.
Во едно негово шифрирано писмо цитирано во спомените на Кирил Приличев меѓу „браќата” по принципот Љубов – Вистина – Труд го спомнува и Ахил, псевдоним кој во тоа време го користел само Гоце Делчев! Сепак, засега нема никаков документ дали Гоце бил масон, односно, ако бил, во која ложа членувал. Но, како биле обезбедени средствата за печатење на македонскиот весник на Радев кој излегувал во Париз?
Според сведоштвото на Борис Сарафов, кој, како што е познато бил висок функционер на ВМРО и учесник во Илинденското востание – а најверојатно и масон, иако засега нема конкретни докази за тоа – парите за весникот ги дал некој непознат „англиски пријател”.
Во тоа време Сарафов бил задолжен за одржување на контакти со политичките и дипломатските претставници на европските земји, како и за обезбедување финансиски средства за македонското ослободително дело. Веднаш по престанувањето на излегувањето на македонскиот весник ”L’effort”, Сарафов оди во Париз, каде што со посредство на Симеон Радев се запознал со француските интелектуалци Пресансе, Клемансо, Виктор Берар и други, кои ја поддржувале македонската ослободителна организација. Меѓутоа, како што подоцна ќе запише во своите спомени, Сарафов бил цврсто решен да изнајде пари за нов весник.
Во средината на март 1902-та година дошол во Женева за да се сретне со својот „англиски пријател”. Тој „пријател” всушност бил влијателен член на една од Лондонските масонски ложи. Сеќавајќи се подоцна на таа средба, Сарафов пишува: „Добив 50.000 франци. Човекот изгледаше дека не е политичко лице, но веднаш видов дека е многу богат. Кога ги зедов парите, веднаш заминав во Париз. Таму имаше група студенти, меѓу кои беше и Симеон Радев. Во една кафеана им истресов 50 банкноти од по 1000 франка. Им реков во Париз веднаш да почне издавањето на весникот „Македонско движење”.
МАКЕДОНСКА МАСОНСКА ДИПЛОМАТИЈА
Ресенчанецот Симеон Радев, како главен уредник на весникот, заедно со уште неколку свои колеги, ги зел парите и веднаш почнал да го подготвува првиот број. Во клучните моменти за Македонија, значи на крајот на 1902 и почетокот на 1903 година, биле отпечатени 24 броја „Македонско движење”, весник кој излегувал на осум страници на француски јазик. Според некои претпоставки, сите броеви на весникот по свои канали ги добил и Гоце Делчев, тогашниот неформален лидер на македонското револуционерно движење.
Се разбира, весникот со големо внимание го следел и Александар Протогеров, кој бил меѓу најпознатите масони во македонската револуционерна организација. Тој бил првиот Велик Мајстор на Великата ложа во Бугарија. Неговиот авторитет меѓу влијателните бугарски политичари, како и меѓу дипломатскиот кор во Софија е огромен.
Заедно со него во масонските ложи „Зора” и „Светлина” во тоа време членуваат повеќемина видни дејци на ВМРО или луѓе поврзани со македонската ослободителна организација. Секако, масон бил и Симеон Радев, главниот уредник на „Македонско движење”, најсилниот македонски весник во тој период.
Битно е да се каже дека задграничните претставници и раководители на револуционерната организацијата, како Протоѓеров, Баждаров, Прличев, Спространов и Томалевски, по масонски канали, воспоставуваат значајни и многубројни контакти во Европа. По тие канали се одржуваат врски со Австрија, Унгарија, Италија, Германија, па дури и со Франција, која, како што вели Кирил Прличев, во тоа време била мошне „непријателски настроена кон ВМРО”, впрочем како и сега.
Преку масонството, ВМРО создава и одржува врска и со политичките партии во Бугарија. Токму во тој период македонската револуционерна организација има најдобри врски и пристап до највлијателните центри на моќ во Европа, па дури и со Британскиот двор, односно до кралот Едвард Седми, кој, исто така, бил масон.
За жал, по убиството на охриѓанецот Протоѓеров, Великиот Мајстор на масоните во Софија, кое било организирано од штипјанецот Ванчо Михајлов, паѓа авторитетот на Македонците во масонската ложа „Светлина”. Всушност, таа го губи своето влијание и значење за ВМРО, па новиот Велик Мајстор на масоните, Петар Мидилев, ги известува членовите да се воздржуваат во своите реакции кон убијците, најверојатно затоа што во заговорот против Протогеров директно е вмешан и генерал В’лков, односно бугарската држава.
Против воздржаноста на масоните на Мидилев кон егзекуцијата на Протогеров реагирале Македонците – масони Спространов, Баждарев, Прличев, Томалевски, Бадев… Но, попусто!
Кризата во ВМРО по убиството на Протогеров, станува криза и во масонската ложа во Бугарија, па Великиот Мајстор Мидилев прави два обида да ја разреши таквата состојба. Првиот кон крајот на 1929 година, а вториот во март 1930 година. И при двата обида, Мидилев се судрува со целосна непопустливост на Ванчо Михајлов кон луѓето блиски на генерал Протогеров, односно кон масоните во ВМРО.
Не знаејќи го поширокиот контекст на дејствувањето на масоните во полза на македонското ослободително дело, Михајлов на тој начин всушност ги прекинува сите битни врски што ВМРО ги имала воспоставено преку масоните во Европа и светот. Тоа, се разбира, многу влијаело ВМРО да се маргинализира и да се претвори во обична терористичка организација, која на крајот ќе мора да бара сојузници само меѓу фашистите.
ВАНЧО МИХАЈЛОВ ПРОТИВ МАСОНИТЕ ВО ВМРО!
Познатиот публицист и, најверојатно, влијателен масон во тоа време, русинот Лев Неманов, на 14 јули 1928 година, по повод убиството на Протогеров, пишува писмо до Ванчо Михајлов: „Верувајте и разберете, додека вие стоите на чело на Организацијата, никој во Европа нема да се осмели да каже ниту еден збор во нејзина заштита и оправдание. Излезете од ЦК, тргнете се од раководството, зашто мојата совест и совеста на целото европско општествено мислење не ќе може да се помири со мислата дека на чело на така големо дело може да остане човек со крвави раце…”
Оваа реакција на Неманов, колку што е реакција за убиството на Протогеров, како член на ЦК ВМРО, исто толку е и реакција на еден масон за убиството на својот масонски пријател.
Следните неколку месеци, но и години, Ванчо Михајлов и неговите терористи, каков што е Кирил Дрангов, на пример, ќе ги ликвидираат и другите масони во револуционерната организација, како што се задграничните претставници Баждарев и Томалевски, а неколкупати ќе се обидат да го ликвидираат и Кирил Прличев, син на Григор Прличев, човекот со триесет и шестгодишен стаж во ВМРО, еден од најобразованите луѓе во ВМРО, кој зборувал француски, германски, грчки и латински јазик, а кога не бил со чета во Македонија, уредувал весници, пишувал историски студии и ги преведувал Маркс, Волтер, Кауцки и други.
Според неговите запишани сведоштва, токму масонот Протогеров воспоставил многу врски низ Европа, како ниту еден друг деец на ВМРО дотогаш. Како што пишува Прличев во своите спомени, Протогеров воспоставил, на пример, блиски врски со Куен Хедервари, Кања и други унгарски државници.
Во тоа време, значи на почетокот на третата деценија на минатиот век, македонската револуционерна организација била во тешка финансиска криза. Тогаш од Будимпешта, тајно, неколкупати добива голема финансиска помош. Преку Протогеров, како Велик Мајстор на масонската ложа во Софија, била воспоставена врска со унгарскиот амбасадор Шандор де Киш, а од страна на ВМРО за одржување на врската со Де Киш бил задолжен Кирил Прличев. „Еден ден“ – пишува Прличев во своите спомени – „Шандор извади од касата на мисијата сноп банкноти, како дар за ВМРО. По неколку дена му доставив формална организациона расписка со сумата што ја добив, потпишана и со печат. Подоцна Де Киш уште многупати го повтори тој гест, и секогаш добиваше уреден документ”.
Преку оваа масонска врска се обезбедени и 13 пасоши за 13 Црногорци, кои со помош на ВМРО се префрлени во Црна Гора преку Албанија. Благодарејќи на масонските врски, се разбира, многу значајни текстови во влијателни весници за активностите ВМРО во тоа време напишал Лев Неманов, Евреин од Русија, но во тоа време познат новинар од Франција. Реализирани се и контакти со италијанскиот амбасадор Пјанчетини, со Филип Грејвс, главниот уредник на”Тајмс”, со влијателните политичари и угледни личности како што се Калефи, Де Лука, Јашар беј Еребара, Авни бег, Хусеин беј Старова, Мустафа Кемал и многу други. Таквите контакти со реализирани со помош на силните масонски врски на ВМРО.
Во 1931-та година, неколку години по убиството на Протогеров, софиската масонска ложа, предводена од Мидилев, бара од Кирил Прличев да ги врати масонската книшка и знаци. Тој наместо тоа им пишува писмо: „Горко тежи сознанието дека во создавањето и поддржувањето на срамниот крвав режим на братоубијците од 7 јули 1928 година наваму, учествуваат и наши браќа, кои се докажани рушители на принципите Љубов – Вистина – Труд”. Меѓу „браќата” масони, кои ги спомнува Прличев, биле д-р Станишев, Јордан Чкатров, Васил Василев, Јордан Ѓурков, Јордан Бадев и другите соработници на Ванчо Михајлов, кои до гуша се извалкале во братоубиствените атентати. Сепак, неколку години подоцна, Кирил Прличев ги вратил масонската книшка и знаците, и дефинитивно расчистил со своето масонство, а со тоа најверојатно завршуваат и сите врски меѓу масоните и македонската револуционерна организација.
Сепак, останува отворено прашањето колку масонството било инволвирано во македонското револуционерно движење, и дали во клучните мигови кога се одлучувало за кревање на востанието во 1903-та година масоните извршиле некакво влијание врз првите луѓе на организацијата? Се разбира, ова допрва треба да го истражи македонската историографија, која досега речиси воопшто го нема допрено овој аспект од македонското револуционерно движење.