Срѓан КЕРИМ: Не знаев дека Мартин Протуѓер бил вмровец, за неговото вработување ми интервенираа луѓе од СДСМ!

by Фокус 12:38
12:38

Текстот е објавен на 22 јануари 2010-та, во неделникот „Фокус“ број 760

Разговарал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

- Advertising -

ФОКУС: Во Фокус минатите броеви пишувавме за нашата лична карта во ОН. Спорно беше дали таму е впишан македонскиот јазик и идентитетот, како што тврди Стево Пендаровски. Сепак, и ОН се оградуваат од УНТЕРМ од каде што се црпат тие информации?

КЕРИМ: До 2000 г. во ОН постоеше билтен, кој се викаше „Нејм билтен“ на ОН и таму сите прашања поврзани за името на државите се разгледуваа, се расправаа и се ажурираа. Од 2000 г. ОН одлучија да имаат електронска верзија и УНТЕРМ е наследник на тој билтен. Дури и кога беше билтенот, а и сега, Секретаријатот вообичаено се оградува од можни спорни интерпретации на некои работи, од политички причини.

Зашто, можно е да се направи некоја техничка грешка, а потоа грешката да се толкува како политичка и земјите да реагираат. За да го избегнат тоа, тие секогаш рутински велат дека се оградуваат. Значи, не станува збор за оградување од УНТЕРМ, туку во случај да има нешто спорно. Инаку, шефицата на УНТЕРМ е на списокот на оние што официјално, од заменикот генерален секретар добиваат официјално известување, бидејќи потсекретарот на Генералното собрание е задолжен да го води тој сектор. Во однос на македонскиот јазик, тој во ОН е официјален јазик од 1977 г. и азбуката е запишана како македонска кирилица. По уставните промени 1974 г. во СФРЈ, трите јазици, спрскохрватскиот, словенечкиот и македонскиот станаа државни јазици. ОН ја прифаќаат македонската азбука и ја објавиле како македонска кирилица. ОН и денес прифаќаат дека овој систем на македонска кирилица се користи во ПЈР Македонија. Значи, признаваат дека сме имале јазик уште тогаш. Има и билтен од 1997 г. каде што се извршени корекциите, во кој пишува државјанство (nationality) и јазик – македонски.

ФОКУС: Тоа не е спорно, како што црпиме државност од СФРЈ, така и јазик. Но, во моментов, кога зборуваме за името, спорно се покажува што ќе се пишува во графите за државјанство (nationality) и јазик. Значи, во личната карта на државите во ОН има графа за име, кратко име, државјанство и јазик. Ние, во овој момент, согласно резолуцијата 817 преговараме за името, за кое се бара брзо решение. Кога почнале разговорите околу нашиот прием, ние сме дошле до референцата БЈРМ. Тогаш застанале сите наши дискусии. Значи, во таа лична карта на државата, впишана е само референцата, а сѐ друго е празно, треба да биде одлучено. Проверете го тоа! Но, факт е дека сега ние преговараме само за име, на што не обврзува резолуцијата, а не разговараме за државјанство и за јазик.

КЕРИМ: Јас се согласувам за тоа, тоа е единствената коректна интерпретација на она што е во ОН. Сѐ друго е додадено, измислено и манипулација, за да не те прогласат за предавник кога ќе ја промениш референцата, зашто ќе речеш, еве, ви го спасив јазикот и идентитетот, е па сега не можев и името, не сум толку голем херој.

ФОКУС: Тоа му овозможи на Ѓорѓе Иванов да каже дека нам ни бил признаен јазикот и идентитетот, ама некој во 2005 г. го ставил на маса. Тој ја заврте приказната. На народот треба да му се објасни дека македонскиот јазик си постои од 1974 г., ама тоа не е тема на дискусија, ако ја продолжиме таа дискусија, дополнителен смут внесуваме кај луѓето. Треба да се каже дека ние разговараме за замена на референцата. Но, немојте да тргнеме од тоа дека бил впишан јазикот, а сега ние допрва го упропастуваме.

КЕРИМ: Тоа е замена на теза.

 

ВО 2001-ТА ПРОПУШТИВМЕ ДА СЕ ПРИБЛИЖИМЕ КОН ЕУ

ФОКУС: Дали во ОН го употребувавте авторитетот на функцијата, за проблемот околу името со Грција да го објасните кај одлучувачките фактори во меѓународната заедница и каква е поддршката?

КЕРИМ: Во ОН постои многу стриктна поделба на надлежности. Според таа поделба, тоа прашање е во доменот на генералниот секретар и на секретаријатот. Но, неформално, неофицијално, не еднаш ме прашувале луѓето за што се работи, дали е решлив проблемот. Јас сум разговарал на таа тема и сум објаснувал, вклучувајќи го и разговорот со Буш. Тој ме праша зошто сте вие така емотивни, а јас му велам, затоа што и вие сте емотивни за Втората светска војна, во која учествувал Вашиот татко.

И татко ми бил учесник и тие биле сојузници. Тогаш ние сме имале антифашистичко народно ослободително собрание на Македонија. Фирмата, брендот, се викал АСНОМ, значи на Македонија, а не на Финска. Тогаш се легитимирале луѓето и сојузниците ги прифатиле и затоа мораме да бидеме чувствителни и треба да сфати грчката страна и вие пред сѐ, како луѓе што утре ќе одлучувате во СБ, дека тоа е генезата. Оттаму, понатаму во Југославија цело време бевме Република Македонија, социјалистичка, народна, федеративна, како што се менуваше уставот, но сепак Република Македонија и немаше никаков проблем.

Буш ми рече, нека дојде татко ти во Белата куќа, да се сретнат со татко ми, да направиме фешта. Му реков, за жал, тоа е неизводливо, татко ми е починат пред 20 г. ќе ми беше задоволство да дојдеше, ако беше жив.

ФОКУС: Освен фешта паднаа ли предлози?

КЕРИМ: Му реков дека јас ја разбирам загриженоста на Грција. Грција сака да има дистинкција меѓу целиот поим Македонија, зашто повеќе од половина територија на Македонија е во Грција, а таа територија, и нејзиниот назив е постар од сите нас. Нема ништо поприродно што еден народ, на таа територија си одбрал да се вика Македонци. Да е тој народ сместен меѓу Естонија и Финска, би било чудно да се вика Македонија и Македонци. Да не навлегуваме воопшто во етно-генези, кој од каде дошол. Тој народ одлучил така да се вика.

Можам да разберам дека треба да има дистинкција, за да не биде дека ние претендираме сѐ што е Македонија дека е наше. Но, еве, што му фали на името Држава Македонија (State of Macedonia) за да има дистинкција со грчка Македонија. Има State of Israel, Кувајт, Монтенегро… И тоа е нешто што е во ОН валоризирано и прифатливо, не измислуваме нешто ново. Трето, ајде да ги видиме географските одредници. Зошто да правиме преседан да не користиме веќе утврдени одредници. Ако може Уругвај да се вика Источна Република Уругвај, зошто ние да не се викаме Северна Република Македонија, не Република Северна Македонија. Природно е името да си биде споено со државниот поредок, а географската одредница да биде пред тоа. Затоа е направено и во случајот на Уругвај, за да не се тепаат Парагвај и Бразил околу тоа. Ако се движиме во тие рамки, ако направиме долгорочна спогодба за партнерство, добрососедство и пријателство каде што ќе ги утврдиме сите оние работи што ни се важни за двете држави да соработуваат, а да не се конфронтираат, проблемот ќе биде решен.

ФОКУС: Не ја искористивме волјата на администрацијата на Буш во Букурешт и таа шанса пропадна.

КЕРИМ: Проблемот е во тоа што ние ја сфаќаме надворешната политика како принуда и тоа е еден од нашите стереотипи. Демек, сѐ нешто ние не би правеле, ама бидејќи нѐ тераат овие од меѓународната заедница, ние мораме.

Така направивме и во 2001-та. Наместо ние да ја водиме играта да седнеме и да кажеме ајде, навистина да видиме дали нашиот устав е доволно модерен, европски и да одиме во Брисел, да разговараме со ЕУ, да направиме со нив заеднички устав и договор, ние се инаетевме. Инаку, тоа ќе беше прв случај во кој ЕУ ќе учествуваше во правењето модерен устав на една држава со сите етнички и други критериуми, човечки и малцински права. Потоа можевме да кажеме, ете, тоа е личната карта на нашата држава, сега заслужуваме преговори и прием во ЕУ. Ние денес ќе бевме членка на ЕУ, ако тоа го направевме во 2001 г. Наместо тоа, сите од ред, во државниот врв и опозицијата, велеа – ни буква од уставот не менуваме, најдобар е нашиот устав. Малцинствата ги уживаат сите права!

ФОКУС: Зошто за тоа не влијаевте како министер за надворешни работи?

КЕРИМ: Јас се обидов, дадов интервју, за да се „досетат власите“ кај Роберт Поповски во Канал 5, каде што реков дека ништо не треба да биде табу, па ниту уставот. Вечерта ќе ме изедеа – предавнику, ти ја предаде Македонија! Чекајте велам, каков предавник, ние решаваме сериозен проблем на државата, а мораме да го решиме не дефицитарно, туку да добиеме нешто ако сме паметни, ако не сме паметни, ќе изгубиме, оро ќе играме и уште ќе викаме убаво е орото.

Така и се случи, дојде Охрид, сите покорно го потпишаа договорот, а пред тоа велеа – не, ни буква од уставот нема да менуваме. И Грција тогаш беше многу позитивно расположена, немаше состанок на ЕУ каде што меѓу првите не зборуваше грчкиот министер во наш прилог. Ајде, нека се праша секој надворешно политички аналитичар, зошто во онаква каша во Македонија каква што беше во 2001 г. ние добивме Спогодба за стабилизација и асоцијација, а сега, кога нема таква каша, ни оддалеку нема ништо. Затоа што нашата надворешна политика се разбира како стереотип на принуда. Сега треба пак да инсценираме некоја гужва, хаос, за повторно меѓународната заедница да дојде, бидејќи овде не сака никој да ја понесе одговорноста, и да каже – дојдете ваму, потпишете со Грците!

До кога вака, кога ние ќе станеме суверена држава?

ФОКУС: Сепак, власта вели дека прави напори да го реши проблемот, но непопустливи се Грците.

КЕРИМ: Секој што се разбира од елементарна дипломатија знае дека претпоставка да решаваш едно прашање е да создадеш мерки, дури самиот да измислиш, за создавање минимална меѓусебна доверба. А тоа го нема.

Неодамна, кога се видов со Папандреу во Копенхаген, ме праша што мислам за оваа работа, му реков, нема што да мислам додека нема мерки на доверба, мора прво тоа да се создаде, да се поправи климата која е затруена до даска, а потоа да разговараме за решенија. Тоа е редоследот на потезите. Дури, во Македонија веќе никој не се прашува дали има финансиска криза, дали ќе преживееме, дали девизните резерви ќе се истопат. Главно прашање е кој е предавник, а кој патриот во однос на Грција.

ФОКУС: Груевски на средбите со политичките партии вели – Видовте, Грците бараат ние да го смениме идентитетот, не попуштаат од тоа, и што сакаме ние сега? Го натера дури и Фуере да признае дека е така. Безизлезна е ситуацијата!

КЕРИМ: Она што може да му се даде како кредит на Груевски, е фактот дека овој проблем е напластен, никој не го решавал претходно и сега дошол редот на нив, но треба да се ослободиме од психологијата да играме црн петко. Со името и со такви стратешки работи не се игра „Црн Петко“, па ете, сега, да речеме му се погоди нему Црн Петко, ние сите ќе се смешкаме, а тој нека види што ќе прави со таа карта во рака. Сите треба да застанеме зад тоа, затоа што сите подеднакво не е ставот на засега.

СО ПРОЕКТОТ АУДИ ЌЕ ВЛЕЗЕВМЕ ВО „АГЕНДА 2000“

ФОКУС: Опозицијата беше конструктивна, подадоа рака. Но го сака ли тоа Груевски? Една работа е да зборуваме за името, а не за кризата, но сосема друга е ако е тоа параван да не влеземе во НАТО, ЕУ!

КЕРИМ: Ако се оди по тој пат, да не влеземе во ЕУ и НАТО, тоа значи враќање на Македонија на позиција која никогаш ја немала во однос на меѓународната заедница, па и внатрешно. Тоа отвора потенцијален конфликт. Не сакам да верувам дека такво нешто би било во главата на некого, да нѐ води во таа насока, затоа што тогаш ќе се отворат многу други потешки прашања, а ние не треба да заборавиме, дека токму поради таа политика на ној со главата во песок, пропуштивме многу шанси да бидеме веќе во ЕУ.

Нам и атентатот на претседателот ни беше опомена 1995-та дека сѐ уште не сме решиле некои клучни прашања поврзани со безбедноста и судбината на земјата, затоа што очигледно и тогаш некој се занесувал и си правел калкулации со создавање огромна и нерешлива криза во Македонија да дојде до нејзина поделба, па овој дел да влезе во она што остана од Југославија. Тоа беа индикатори. Постојано ни се случуваа работи кои требаше да ни покажат дека ние со контрамерки можеме на минимум да го сведеме тој ризик. Ние тоа не го направивме. Го испуштивме проектот АУДИ 1996-та, а тоа беше најголемата, најдобрата и најопиплива контрамерка да се оддалечиме од тие размислувања и планови на разни центри.

ФОКУС: Вие учествувавте директно во тој проект како амбасадор на Македонија во Германија…

КЕРИМ: Учествував, за на крајот да доживеам најголемо разочарување, да ми биде сугерирано од врвот на државата да престанам да „кокодакам“ на таа тема затоа што се зборувало дека сум добил ауди автомобил!? Демек, ме поткупиле. Не ми остана ништо друго, туку цинично да одговорам. Јас мислам, реков, дека во овој случај треба ние нив да ги поткупуваме за да дојдат.

Проектот беше во завршна фаза, а во 1996 г. тоа ќе значеше, Дрезднер банк, Дојче банк и други да дојдат во Македонија и да влеземе во агендата 2000 на ЕУ. Постојано се вели кај нас дека не знаеме зошто не влеговме во агендата 2000 на ЕУ! Не влеговме заради тоа. Не го положивме тој клучен тест дека ние сакаме да соработуваме со големи инвеститори од Европа. Кажете ми дали ќе имаше отпори во Брисел доколку Ауди, Дрезднер банк и другите, откако ќе дојдеа во Македонија, утредента ќе кажеа дека сакаат Македонија да влезе во ЕУ? Ќе имаше ли проблем со името, ако се знае дека Ауди прифати проектот да се вика Ауди – Македонија, а на автомобилите што ќе се правеа овде, од левата страна ќе пишуваше А3, а од десната – Ауди Македонија! Така се решаваат работите, а не со повикување дека ние сме од Бога, а тие од ѓаволот.

ФОКУС: На инаугуралната седница како претседател на Генералното Собрание на ОН, Вие го кажавте уставното име на Македонија, а и Црвенковски во генералната дебата го најавивте како претседател на Македонија. Тоа предизвика реакции и Грците го сфатија како сериозна провокација? Во едно интервју подоцна рековте дека од аспект на дипломат сепак сте направиле грешка зашто како функционер на ОН требало да ја користите референцата БЈРМ. Зошто постапивте така?

КЕРИМ: Не реков грешка, туку дека постапив некоректно, но свесно. Прво, јас ја подготвив грчката страна на тоа. Второ, кога го држев инаугуралниот говор, јас го повикав грчкиот амбасадор во ОН Василакис, кој сега преговара со нас, и му најавив дека ќе го употребам уставното име. Тој покажа разбирање, не се јави за збор, не протестираше. Пред генералната дебата на шефовите на државите, повторно разговарав со грчката страна, ги известив, а тогаш тие реагираа посериозно. Јас им реков дека морам да водам сметка за достоинството на сите држави, па во тоа име не можам да го газам достоинството на мојата држава. Тоа го кажав и во инаугуралниот говор.

ФОКУС: Но, нели требаше да го браните и грчкото достоинство? Зошто не го најавивте Црвенковски како претседател од земјата чие уставно име е Република Македонија, а во ОН е заведена како БЈР Македонија. Така ќе беа сите задоволни. Нели со тоа на Груевски му дадовте преттекст, да си рече, ако Бранко игра на патриотската приказна, тогаш јас морам да бидам поголем патриот!

КЕРИМ: Се согласувам. Можеше да се оди и со таа опција, но неа ја упропасти грчкиот амбасадор во ОН. Во два грчки весници пред воопшто и да разговараме со грчкиот амбасадор излезе токму тоа, дека јас ќе го најавам Црвенковски како што велите вие. Очигледно беше дека Грците сакаат да ми извршат притисок. На амбасадорот му реков дека нема потреба од притисок, требаше да дојде кај мене и да се договориме.

ФОКУС: Сеедно. Зошто не го најавивте Црвенковски на тој начин, можевте да речете дека сте се договориле со Грците?

КЕРИМ: Во ситуација кога ме прозиваат грчките весници, јас требаше да подлегнам на притисоци од Грците.

ФОКУС: Нели ова личи на Груевски, и тој вели дека не сака да подлегнува на притисоци?

КЕРИМ: Знам, но ова навистина беше испровоцирано од нивна страна, за да се прави гужва, да стане тема.

ФОКУС: Не сметате ли дека од денешна дистанца тоа влијаеше да се запали моторот, да се вознемират внатрешно политичките релации меѓу Груевски и т.н. предавничка структура?

КЕРИМ: Жално е ако тоа навистина им послужило за такви работи. Јас политиката не ја разбирам така. Кога се работи за прашања од врвен национален и државен интерес треба да се реагира сосема поинаку, а не да се банализираат работите до таа мерка што тоа да стане борба за секојдневни политички интереси.

 

ПРЕМИЕРОТ САКАШЕ ВОСОЧНА ФИГУРА, А НЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ

ФОКУС: Додека бевте во ОН сигурно сте правеле планови да бидете кандидат за претседател. Но, се случи она што се случи. ВМРО-ДПМНЕ го кандидираше Иванов. Игравте ли на патриотизам во ОН, мислејќи дека Груевски ќе ве кандидира?

КЕРИМ: Не. Јас мислам дека добра дијагноза на тоа што се случи со мојата кандидатура е вашиот текст од 12 декември 2008 г. каде што пишувате за желбата на премиерот да има претседателски кандидат – восочна фигура. За мене клучно прашање беше дали навистина има подготвеност од страна на двете највлијателни партии во државата и нормално, двете албански партии што учествуваат во тие консултации, со нив да се реставрира и да се постави дигнитетот на функцијата претседател на РМ. Македонската пирамида да има врв. Бидејќи видов дека нема расположение, се откажав.

ФОКУС: Нели знаевте дека Црвенковски и Груевски се во војна и дека такво нешто не е можно?

КЕРИМ: Нормално, јас од моја страна никакви иницијативи не произнесував, ниту пак кокетирав со нив.

ФОКУС: Но имавте рејтинг, а сепак не се кандидиравте.

КЕРИМ: Рејтингот беше единствената движечка сила да влезам во разговори и тоа иницирани од нивна страна, не од моја, но разговорите се водеа на начин кој апсолутно не беше веќе сериозен. Едните те предлагаат без да те консултираат, а другите имаат готов одговор однапред, па го користат тоа за да го соопштат, за на крајот да ми кажат – дојди на конвенцијата, кандидирај се, а веќе се собрани потписите од половина раководство на партијата за еден кандидат.

ФОКУС: Зошто беше тоа така изведено, за да се минира вашата кандидатура?

КЕРИМ: Целта им била да се амортизира притисокот што одеше преку резултатите од анкетите, зашто се појавува едно име и се гледа дека луѓето се расположени да бидам кандидат. Како да се амортизира? Со инсценирање. Инсценираш кандидат, а не си се консултирал со другата страна и знаеш однапред дека поради начинот на кој што го правиш тоа, овој ќе одбие.

ФОКУС: Значи, Црвенковски тоа намерно Ви го направи за да Ве минира?

КЕРИМ: Како поинаку? Ако имаа сериозни размислувања, ќе ме повикаа, ќе разговаравме, станува збор за кандидат за претседател! Преку медиум не можеш некому да му кажеш дека ќе го кандидираш ниту за амбасадор, а не пак за претседател.

ФОКУС: Зошто Груевски одигра така како што одигра? Имавте ли Вие некаква комуникација за да добиете сигнали дека ќе бидете или нема да бидете кандидиран?

КЕРИМ: Немаше никакви сигнали. Напротив, јас мислам дека со фактот што се појавуваше името на Ставрески како кандидат нон-стоп се ставаше до знаење дека ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа некаков нечист непартиски кандидат.

ФОКУС: Во ВМРО-ДПМНЕ имаше високи партиски личности, се споменува Сашо Мијалков, па дури и членови на владата што Ве поддржувале? Сепак, Груевски не Ве прифати?

КЕРИМ: Можеби имало. А Груевски никогаш сериозно не објасни која е причината. Мене ми беше чудно кога во емисијата Јади Бурек, Јанко го прашуваше премиерот зошто Керим не е кандидат, овој постојано не одговараше, за на крајот да каже една полуреченица, дека јас сум имал карактерни особини кои нему му биле дискутабилни.

ФОКУС: За кои особини се работи? Лично не сте разговарале за тоа со Груевски? Дали можеби очекувал послушност, сервилност од Вас?

КЕРИМ: Не знам за кои особини. Никогаш не сме разговарале за тоа. Ќе треба него да го прашате кои карактерни особини не му се допаѓале.

ФОКУС: Од кога го знаете Груевски?

КЕРИМ: Уште од владата на Георгиевски, нели бевме министри, тој за финансии, јас за надворешни работи. Морам да кажам дека соработувавме добро, иако имавме разлики. На крајот на краиштата, тој ми понуди да одам за претседател на Генералното собрание на ОН. Ме повика и ме праша дали сакам да одам.

ФОКУС: Дали тогаш стана збор за Вашите карактерни особини?

КЕРИМ: Не, затоа подоцна ми беше чудно.

ФОКУС: Имаше информации дека додека сте биле во ОН, буџетот за вашата функција изнесувал 250.000 долари, а во исто време покрај тие средства и МНР учествувало со 250.000 долари. Да не е тоа причината за таквиот однос на Груевски, да не сте ги чинеле многу скапо?

КЕРИМ: Не, нема врска. Тој буџет на ОН беше наменски, за плаќање на тројца соработници. Сите други трошоци ги сноси државата од која доаѓа претседателот.

ФОКУС: Колку трошоци сносеше нашата држава?

КЕРИМ: Исто толку, дури јас мислам дека ние вративме околу 70.000 долари од буџетот што ни беше одобрен. Тоа така функционира, вообичаено е, не претставуваше никаков проблем, ниту пак сме имале спор околу тоа. Сите трошоци за мене беа под сите стандарди во однос на сите други претходни претседатели. Претседателите што беа пред мене имаа големи резиденции, а јас имав двособен стан од 102 квадрата.

 

АФЕРИТЕ ПОВРЗАНИ СО МОЕТО ИМЕ СЕ РАСЧИСТЕНИ

ФОКУС: Сепак, претходно, кога бевте амбасадор на Македонија во ОН живеевте во зградата на Доналд Трамп во Њујорк. Имаше муабети дека неколку бизнисмени од Македонија партиципираат во вашиот престој. Дека сте добар дипломат, ама дека сте скап дипломат. Тогаш да не разбрал Груевски за Вашите карактерни особини? Или извештајот на Каргов за изградбата на амбасадите сега го дознал?

КЕРИМ: Не, не можел сега да го дознае. Груевски беше министер за финансии…

ФОКУС: Тоа се опашките што се влечат зад Вас. И Илинка Митрева, како министер, чепкаше по Вашето досие од Германија, за градбата на амбасадата и становите. Постојано јавноста се скандализираше со афери во кои Вие сте учествувале, но ништо не излезе како процес. Зошто?

КЕРИМ: Да продолжеше во времето на Митрева да ескалира тоа, јас цврсто имав намера да ѝ поднесам кривична пријава на неа лично и да одам до крај. Затоа што тоа беше невиден безобразлук. Без трошка вистина. Вклучувајќи и такви апсурдни работи што се објавуваше дека во Њујорк ми испратиле 50.000 долари за покривање на трошоците на становите и за платите на вработените, а јас сум ги потрошил на жена ми. Јас велам, луѓе, вие го потценувате мојот интелект! Тие приказни постојано се ширеа тенденциозно за да се наруши мојот углед во јавноста.

А станот кај Трамп го земавме само поради тоа што е отспротива на зградата на ОН. Ние имавме конзул што живееше во Њу Џерси и му требаа три часа за да стигне на работа. На 11 септември 2001 кога се случи трагедијата во Њујорк, тој не стигна на работа. Три дена не можеше да дојде на работа, а замислете да се случеше да загинат Македонци? Башка, тоа беше исто така двособен стан, а не резиденција.

ФОКУС: Но цената на станот изнесуваше 11.000 долари месечно!

КЕРИМ: 11.000 долари е најнормална цена за Њујорк, за такви простори.

ФОКУС: Токму затоа велат дека скапо сте чинеле?

КЕРИМ: А зошто за Насте Чаловски кога беше амбасадор во ОН се плаќаа 10.000 долари за стан и не беше ништо спорно и не се викаше дека е расипништво? Згора на тоа, таму каде што тој живееше, беше многу полош простор од нашиот. Но, да не истечеше тој договор поради нередовно плаќање на кириите, да не нѐ избркаа, јас ќе си живеев таму.

ФОКУС: Точно ли е дека додека сте биле во Њујорк Ве финансирале и некои наши бизнисмени?

КЕРИМ: Нема абер.

ФОКУС: Знаете дека оставате простор да се јават некои луѓе и да го кажат тоа.

КЕРИМ: Нека се јават слободно.

ФОКУС: Зошто не побаравте да се расчистат официјално аферите, со кои министрите мафтаа против Вас. Денес некој може да рече дека Керим е уценет, во фиока му држат документи и во секој момент можат да го компромитираат?

КЕРИМ: Не може да држат. Сѐ е расчистено. За амбасадата во Германија имаше комисија која се изјасни. Сите пет членови на Комисијата недвосмислено утврдија дека сѐ е чисто. Инаку, се работеше за кредит, аранжман со НБМ, која депонираше средства во Дрезднер банката, и за тоа добиваше камата, на сметка на тоа ние добивме кредит од истата банка, со камата која е еден отсто пониска од каматата што ја добиваше НБМ, така што практично ние заработивме со аранжманот како држава, а изградивме зграда на извонредна локација во Берлин што денес е невидено благо и си го отплаќавме кредитот.

ФОКУС: Пред и околу Вашиот настап на трибината на ДЕМОС во јавноста постојано се зборуваше дека ќе се вратите на политичката сцена. Ве споменуваат како можен премиер на влада на широка коалиција. Сте разговарале ли за тоа со некого?

КЕРИМ: Ниту сум зборувал со некого на таа тема, ниту пак некому сум му дал повод такво нешто да излезе.

ФОКУС: Од каде тогаш тие шпекулации?

КЕРИМ: Не знам дали се работи за провокации, за обиди да се тестира како стојат работите, дали некому му се заканува опасност и сл. Јас само прифатив да одржам предавање на трибината на ДЕМОС, на тема што јас ќе ја изберам и тоа е сѐ.

ФОКУС: Но во ДЕМОС сега велат дека имаат политички амбиции. Се зборува дека може да одат со независна листа на избори?

КЕРИМ: Како и да е, јас тоа го направив од причини, да си го кажам својот став за состојбите во Македонија.

ФОКУС: Ви бил ли понуден политички ангажман директно?

КЕРИМ: Не, од никого. А слушам разни шпекулации.

ФОКУС: Дали би сакале да дојдете на политичка позиција?

КЕРИМ: Не, но постојано се протура идејата дека сакам политички ангажман. Еве, ако имам намера нешто да правам, јас нема да се кријам. Ќе излезам и ќе кажам, како што излегов и кажав на 22 јануари лани дека нема да се кандидирам за претседател. И ми беше криво поради тоа што изневерив многу очекувања на граѓаните, а од друга страна сфатив дека претседателот, како што напишавте вие, треба да биде восочна фигура.

ФОКУС: Но, чекајте, со таков рејтинг, ако Вие добиевте легитимитет од граѓаните како независен кандидат, кој ќе можеше да бара од Вас да бидете восочна фигура? Потсетувате на Гошев на времето, кој одби мандат зашто не бил за еднократна употреба. Очекувате ли во плурализам да Ве поддржат сите партии!? Впечаток е дека не секате да влегувате во политичка битка.

КЕРИМ: Јас никогаш не сум барал функција. Ниту амбасадорското место во Германија не го барав, туку ме замолија. Јас си имав работа во Париз, бев многу убаво платен, но го прекинав договорот за да заминам за амбасадор на Македонија во Германија. Работев како што знам и умеам, а тоа се валоризира. Нема да ме избереа за претседател на ГС на ОН да не знам да ја работам таа работа. Исто и за министер, не се нудев јас, туку ме повикаа Георгиевски и Гуштеров. Впрочем, јас сум бил функционер и во екс Југославија, а бев министер претходно и во македонска влада, во онаа на Гоговски. Морам да кажам дека тоа ми е едно од подобрите сеќавања и референци во животот, кога станува збор за државна работа, зашто се работеше многу сериозно и многу совесно.

СО САШО МИЈАЛКОВ СЕ ДРУЖАМ ОД ПОРАНО

ФОКУС: Сепак, нели мислите дека Вашиот однос Ве прави сомничав кон двете страни? Вие сакате да постигнете нешто што е невозможно. Да Ве сакаат и леви, да Ве ценат и десни, во ситуација кога има рововска битка меѓу нив. Така, денес слушаме муабети дека Керим одржува блиски релации со Црвенковски, но седи и во дискотеката „69“ со Сашо Мијалков!

КЕРИМ: Второто е точно, а првото е измислено.

ФОКУС: Сменете ја локацијата, барем, нели е името малку бизарно?

КЕРИМ: Јас го врзував за Камасутра, но шегата настрана, точно е дека се дружиме со Мијалков. А зошто да не, јас со него сум се дружел приватно и кога не бил на функција. Но, со Црвенковски немаме никакви контакти.

ФОКУС: 50 отсто погодивме. Седите со Мијалков, а потоа одите на трибина на ДЕМОС, а ги знаете контроверзите за ДЕМОС, дека наводно е шема на Груевски. Се работи за прашање на веродостојност!

КЕРИМ: Има ли право на живеење и легитимитет во Македонија резон кој не се вклопува во веќе постоечките стереотипи? Може ли да се прифати дека ако не си со едните, дека тоа значи дека си против нив и обратно.

ФОКУС: Овде не признаваат ништо освен да си во нечие стадо. Се знаете од поодамна со Мијалков, а неговиот братучед нема добро мислење за Вас. Тоа значи дека Мијалков мистифицира дека е толку моќен во таа структура?

КЕРИМ: Не знам. Ние отсекогаш сме се дружеле. Впрочем јас и со Груевски, кога беше министер за финансии и непосредно после тоа сме се дружеле. Не е никаква тајна дека Мартин Протуѓер, како одговорен за односи со јавност во МПМ отиде во ВМРО-ДПМНЕ. Јас тогаш се изненадив, не знаев дека Протуѓер има врска со партијата.

ФОКУС: Но, токму Протуѓер поради тоа што Дневник одбил да му објави колумна на Влатко Ѓорчев жестоко се пресмета со Вас на страниците на весникот. Вие не реагиравте, остана нејасно зошто, а лично бевте прозвани?

КЕРИМ: Јас не одговорив зашто сметав дека навистина, таков пристап и приземен начин на разговор не заслужува јавно да одговорам, ама му одговорив приватно. Наше право е, во компанијата, на нашите уредници, да прават избор на колумнисти, да прекинат соработка и сл. Затоа што, не само Ѓорчев, туку сите колумнисти се надевам дека сфатиле оти се ангажирани како личности, а не партиски. Весниците не можат да бидат продолжена рака на ниту една партија. Бурната реакција на Протуѓер само зборува дека тие поинаку ја сфатиле улогата на колумнистите, што за мене е жално.

ФОКУС: Нели ги коментирате сите овие работи со Мијалков? Каков е неговиот став за тоа? Има нешто многу крупно штом така реагираа, особено човек што работел во вашиот кабинет?

КЕРИМ: Со Мијалков на таа тема не правевме муабет, но мене лично ме изненади реакцијата на Протуѓер затоа што тоа зборува дека они тоа го доживеале како напад врз партијата.

ФОКУС: Дека Вие му се одмаздувате на ВМРО-ДПМНЕ зашто не сте станале претседателски кандидат!

КЕРИМ: Да.

ФОКУС: Протуѓер со понижување Ви напиша дека со наведната глава сте ја примиле веста дека нема да бидете кандидат за претседател!

КЕРИМ: Тоа е елементарна невистина. Јас како и од пресот на Заев што разбрав за ставот на СДСМ, така и за нивната одлука разбрав од партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, и самиот Ѓорге Иванов мене ми кажа, бидејќи ние се знаеме, дека тоа било од порано испланирано, така што јас немав потреба никого ниту да прашувам ниту да потпрашувам.

ФОКУС: Од кога е Протуѓер во ВМРО-ДПМНЕ?

КЕРИМ: Од кога е таму, не знам. Но, кога требаше да дојде во МПМ, да го примам на работа, бидејќи јас не го знаев, имав телефонски јавувања за негов прием. Но, тие што се јавија немаат врска со ВМРО-ДПМНЕ, туку се од другата страна.

ФОКУС: Се јавуваа луѓе од СДСМ!?

КЕРИМ: Да, но јас не ги сфаќав тие телефонски интервенции како партиски, туку како пораки на луѓе што јас ги знам, кои сакале да му помогнат лично.

ВАЦ ЌЕ СОРАБОТУВА И СО КАНАЛ5 НА СТОЈМЕНОВИ?

ФОКУС: Како МПМ бевте обвинувани од групацијата на Велија Рамковски. Се споменуваат стечаи, неплатени долгови, загуби, фиктивни фирми. Што е вистината за работењето на ВАЦ во Македонија?

КЕРИМ: Прво, ние сме задоволни од досегашниот наш ангажман и партнерство во Македонија. Не заработуваме во оној обем во кој се зацртани нашите цели, но сепак, со оглед на македонскиот пазар, кој е мал и многу ниската цена на весниците, тоа е оптимално.

ФОКУС: Се исплати ли инвестицијата на ВАЦ во Македонија?

КЕРИМ: Се исплати, иако сега мораме да одиме во нова фаза на развој, да се обидеме да направиме пробив како мултимедијална компанија, затоа што само со весници тешко дека ќе може наредните години да се донесе задоволителен профит во куќата.

ФОКУС: Ќе инвестирате во телевизии и радија? Горан Гаврилов од Канал 77 станува директор во МПМ. Се споменува и влез во ТВ куќи. Нели е тоа медиумска концентрација?

КЕРИМ: Знам, но ние тоа ќе го направиме кога ќе се создадат законски услови, а сега ќе одиме со он-лајн портали на интернет.

ФОКУС: А, што е со 30-те илјади евра долг кон некаква фотокуќа, кои нараснале на 100.000, па сега судски извршители се заканувааат дека ќе вршат пленидба на имотот на МПМ?

КЕРИМ: Се работи за еден судски случај кој се влече подолго време. По совет на нашите адвокати и правници не се согласувавме да го исплатиме долгот кој е многу дубиозен. Направени се финансиски малверзации пред ние да влеземе во куќата.

ФОКУС: Но, веќе има извршна судска пресуда.

КЕРИМ: После сѐ, одлучивме да ја платиме сумата, да се затвори тој проблем.

ФОКУС: Слушнавме нова приказна, дека на тој начин групацијата на Стојменов по заобиколен пат сака да стигне до Дневник?

КЕРИМ: Нема такви разговори за Дневник. Стојменов беше многу коректен и јавно се огради од тоа. Со него ние разговараме за деловно-техничка соработка меѓу МПМ и неговата медиумска куќа.

ФОКУС: Што може да се очекува во наредните 6 месеци, додека е шпанското претседателство? Ќе има ли решение за името?

КЕРИМ: Немам доволно сознанија дали претседателот на државата и премиерот преземаат нешто по тоа прашање, надвор од ова што го гледаме јавно, но мене не ми личи дека вака, како што одат работиве, во скоро време ќе најдеме решение. Постојаното укажување на претседателствата на ЕУ што треба да направиме е некаков симптом. Не можеше нас никој да нѐ замени во функцијата да се договориме со Грција.

ФОКУС: Има ли оваа политичка гарнитура желба да го реши проблемот со името?

КЕРИМ: Искрен да бидам, не знам. Не можам да верувам дека некој би можел да оди до таму, да сака да не го решиме прашањето, тоа не води во амбис.

ФОКУС: Фрчкоски спомна дека треба широка коалиција?

КЕРИМ: Тоа е повторување на сценариото од 2001 г. Морам да ви кажам отворено дека и тогаш мојата лична проценка беше различна од проценката на премиерот и на претседателот на Собранието кои се залагаа за широка коалиција. Јас сметав дека владата која беше комбинација на најголемата македонска и албанска партија има мандат од гласачите да ја разреши кризата.

Инаку, за мене беше големо разочарување кога добив една оценка врзано за мојата кандидатура за претседател на РМ која доаѓаше од круговите на ВМРО-ДПМНЕ дека во 2001-та сум бил одличен министер за надворешни работи, ама за меѓународната заедница, а не за Македонија. Тоа беше голем индикатор дека ние имаме сосем спротивставени сфаќања што е надворешна политика и како се застапува, како се брани меѓународната позиција на Македонија. Ако треба во такви околности да сносам одговорност во вршењето на највисоката државна функција, тоа значи дека ќе треба да се закрвиме и да почнеме да се прозиваме кој е предавник, а кој патриот.

Сфаќањето за меѓународната политика е сѐ уште на она стереотипно ниво од какво што замислував дека одамна сме се ослободиле. Тоа се базира на резон дека сѐ нешто некој нас нѐ мерка, сѐ нешто некој нас нѐ мести, ни го спушта, а ние сме жртви, невини и мораме тоа да го трпиме и ќе го истрпиме, оти тоа ни е судбината да трпиме, да бидеме под јарем.

ФОКУС: Ја влоши ли оваа влада меѓународната позиција на земјата?

КЕРИМ: Очигледно дека меѓународната позиција не е добра, зашто јас го мерам тоа од контактите надвор. Се плашам дека што повеќе време минува, онаа симпатија, која секогаш му припаѓа на послабиот во еден спор, што ја имавме со години на наша страна, сѐ помалку е присутна и тоа ме загрижува, зашто не можеш без сојузници.

ФОКУС: Кои се главните забелешки кон оваа власт?

КЕРИМ: Проблемот е во тоа што ние веќе не можеме да се пласираме онака како што порано се пласиравме како држава, затоа што заглавивме во овој спор и на сите им станавме спорни. А не можеме да аргументираме со тоа дека Грците се виновни. Секој знае дека како што за танго се потребни двајца и за кавга треба двајца. И затоа проблемот станува сѐ посложен, затоа што ги губиме непотребно тактичките предности што сме ги имале. Ако ја оцениш со една реченица историјата на независна Македонија, таа би била – 18 г. на пропуштени шанси и на големи заблуди!

ФОКУС: Зошто се изгубени овие 18 г.? Имаат ли влијание некои служби од соседството? Ако имате привилегија да разговарате со Мијалков, нели тоа го загатнувате?

КЕРИМ: Неверојатно е колку се чувствува тоа, инфилтрираноста на некои служби тука од соседството и правење збрки, ентропија во Македонија и циркуси, но прашање е колку и ние од Македонија учествуваме во тоа.

Предлог
НА ГРУЕВСКИ МУ ПРЕДЛОЖИВ ПЛАН Б ЗА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОТ СО ГРЦИЈА

ФОКУС: Имавте ли Вие конкретен предлог за решение на спорот околу името?

КЕРИМ: На Груевски му велев, дај да подготвиме План Б и да ги ангажираме петте земји од Советот за безбедност, САД, Франција, Британија, Кина и Русија. Но, прво планот да им го понудиме на САД и на Франција, да ги земеме за кумови. Америка нам кум, Франција на Грција кума, оти повеќе им веруваат. Јас им го најавив тоа и на Американците и на Французите во разговори со нивните амбасадори во ОН.

ФОКУС: Какво решение беше предвидено во планот Б?

КЕРИМ: Да се понуди име од типот Држава Македонија (State of Macedonia) или Северна Република Македонија и да одиме во мисија кај едните и кај другите, да ги привлечеме, да ги придобиеме за планот, а потоа тие да ги повикаат Грците и да се договориме. На крајот, Советот за безбедност би донел резолуција.

ФОКУС: И што Ви рече Груевски за тој предлог?

КЕРИМ: Не добив никаков одговор, очигледно немаше интерес за предлогот.

 Лобисти
АДМИРАЛОТ ВАЈЦЕР БАРАШЕ ПАРИ И ОД МИЛОШОСКИ

ФОКУС: Што е со оној генерал што требало да лобира за Македонија, а министерката Митрева кажа дека имало договор, но нема да се плати.

КЕРИМ: Адмиралот Вајцер имаше договор потпишан од страна на владата, премиерот и јас како министер за надворешни работи. И не му ги исплатија парите за извршената работа. Во договорот беше предвидено во текот на две или три години да лобира за Македонија во НАТО, да пишува анализи. Ние му плаќавме редовно, додека траеше мојот мандат, после тоа веќе не му плаќаа. Човекот му пишуваше говори, анализи на претседателот Трајковски. Владата на СДСМ велеше дека нема пари. Не даваа образложение, но не го плаќаа.

ФОКУС: А не му го раскинаа договорот?

КЕРИМ: Не му го раскинаа и тој после одеше и до Милошоски нон-стоп да протестира.

ФОКУС: Го исплатија ли?

КЕРИМ: Не, и човекот е попарен. Можете и него да го прашате, тој не е било кој, туку еден од најважните луѓе во државата, беше советник за безбедносни прашања на германскиот канцелар во тоа време.

ФОКУС: Дали бил исто така лобист на некои тутунски компании?

КЕРИМ: Не лобист, туку кога се пензионираше, работеше за компанијата Империјал Тобако што сега го држи Тутунскиот комбинат во Скопје. Тој ја застапуваше таа компанија, јас имам цело досие за тоа и му го дадов на премиерот со предлог тоа да биде релација за работење меѓу Владата и приватизацијата на тутунските комбинати, а не да се шверцуваат цигари преку Косово. Подоцна таа фирма го добила тоа, но тоа не беше во време на нашата влада. Адмиралот претходно веќе си беше заминал од таму.

Поврзани новости