Маска на лице

by Fokus

Дали ќе се прифати предлогот платите во јавниот сектор да се нивелираат на 14.700,00 денари, а приватниот сектор да се стимулира со истиот износ, не знам, но за мене, кој практикува работа која ќе биде сведена на минимум, е добредојдена мерка

Јанаки МИТРОВСКИ

Цела држава во карантин. Ако може да се нарече карантин, без да се спречат турканиците во автобусите на ЈСП. И оние малкумина на улица се со маска на лицето, небаре тоа ќе ги заштити од новата закана – Ковид 19. Се воведе и полициски час, со малку комично време. Од 21 до 5 часот, граѓаните, со мали исклучоци, нема да смеат да се движат по улиците. Тоа е така, бидејќи е познато дека корона вирусот се крие до девет часот навечер, а потоа излегува по улиците и демне!

НЕПОПУЛАРНИ, НО НУЖНИ МЕРКИ

Но, со веќе сто триесет и шест заболени и две жртви, ѓаволот ја однесе шегата. Претседателот на СДСМ, Заев веќе излезе со предлог-мерки, добар дел од нив непопуларни, но нужни. Два месеца поддршка од владата до висина на минималната плата е во ред, но исплатата на остатокот на платата се остава на волјата на работодавецот или не, добро го разбрав Зоки? Стопирање на дејствијата на извршителите, секако е одлично за оние дадени на извршител, но не и за извршителите, нивните вработени и семејствата.

Не смееме да им  забележуваме на нашите сограѓани што сѐ уште прават турканици во автобусите. Имаат ли избор? Би го чинеле ли тоа во ова време да можат да си дозволат луксуз да останат дома? Затоа треба да се стегне ременот, пари има. На пример, партиите, не само што треба  да се откажат од парите за финансирање од буџетот, како што предложи професорката Дескоска, туку и да ги вратат веќе земените. Ете со еден потег девет милиони евра. Тие пари и дополнителни нека се искористат за две недели да сопре сѐ, освен есенцијалните работни места.

Со многу фемкање се предложи и банките да ги одлагаат наплаќањата на кредитите на физичките и правни лица, а такви се многу во јадна Македонија. Ова е можеби најповолен потег за граѓанството, секако не и за банките. Никој не бара долговите да се избришат, но не треба да се заборави дека согласно нашиот Закон за облигациони односи, секој договор се склучува во согласност со Уставот, Законот и добрите обичаи. Добар обичај е банката, која има привилегија да дава камата на орочени средства на пет проценти, а да пушта кредити на дванаесет, во вакви пандемични времиња да им излезе во пресрет на своите клиенти.

НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ ГИ ЗАТВОРИТЕ

Сметам дека се занемаруваат Казнено-поправните установи и затворениците. Сите тие што треба да се јават на издржување казна затвор, која не е предолга, да биде одложено за период кога ќе помине кризата, а доколку некој затвореник биде дијагностициран со вирусот, да му биде дозволен прекин на издржување на казната. КП домовите се затворени места со густа популација и лесно може да се претворат во место на многубројни заразени.

Дали ќе се прифати предлогот платите во јавниот сектор да се нивелираат на 14.700,00 денари, а приватниот сектор да се стимулира со истиот износ, не знам, но за мене, кој практикува работа што ќе биде сведена на минимум, е добредојдена мерка. Дури и да нема поддршка, ќе сторам максимум во моја моќ да не биде загрозено ниту едно работно место во мојата канцеларија. Подготвен сум и на трошење лична заштеда, воопшто не ми е гајле за пари, бидејќи, за жал, многумина кај нас не разбираат дека пари се заработуваат, луѓето не се враќаат.

Поради очигледни причини ја затворив својата канцеларија и работам само по потреба или за итни случаи. Економските последици од оваа криза ќе бидат драматично поголеми од здравствените, рака на срце во зависност и колку ќе трае. Ако трае половина година, сме виделе и полошо. Ама ако потрае подолго, нема да чекаме на банките, сами ќе си ги вадиме ортомите!

Поврзани новости