Попладнево во селото Ресулај кај албанскиот град Валона едно 24 годишно момче е осомничено дека убило осум свои роднини. Како што јавуваат медиумите во Албанија, станува збор за масакр што се случил во семејството Зукај, наводно поради нерасчистени проблеми околу имотот.
Осомничениот Ридван Зукај најнапред влегол во куќата на своите баба и дедо вооружен со автоматска пушка, калашников и ги застрелал. Заедно со нив убил уште две други лица од семејството на чичко му.
Потоа заминал во куќата на другиот чичко, која била само 30-тина метри подалеку. Таму убил уште четири лица, односно чичко му, неговата сопруга и две деца, од кои едното имало 16, а другото 8 години. Шестмина други лица се ранети, а осомничениот е во бегство.
Според очевидци во селото, убиецот немал психички проблеми, но бил корисник на дрога. Полицијата попладнево ги повикало на распит неговите родители, а по Ридван Зукај трагаат голем број полициски тимови. Се смета дека е вооружен и опасен по околината.