Маршот на ангелите, кој ќе се оддржи по 41 пат, оваа сабота ќе биде во Штип, најавија од Здружението „16 Март“.
-За првпат, чекорите на тагата, достоинството и барањето правда ќе одекнат и во Штип. Во знак на почит кон нашите 63 ангели, кон повредените и кон сите семејства што повеќе од една година ја носат најтешката болка, ве повикуваме да ни се придружите на 41-виот Марш на ангелите, повикуваат родителите на загинатите деца.
Маршот ќе почне во 16.05 часот, од плоштадот „Слобода“.
-Ова не е само марш. Ова е чекор за сеќавање. Чекор за вистината. Чекор за правда. Ќе чекориме мирно, достоинствено и гласно ќе потсетиме дека нашите најмили не смеат да бидат заборавени и дека правдата не смее да доцни. Не забораваме. Затоа чекориме. Правда за нашите ангели, се наведува во повикот.