„Марковски компани“ за 5 години добилa тендери вредни над 150 милиони евра, но ЕСМ и го раскина договорот за ископ тежок 46 милиони евра!

Битолската „Марковски компани“ во периодот од 2019 до 2023 година склучила 77 договори за јавна набавка во вредност од 151 милиони евра, од кои 66 договори биле склучени со ЕСМ, а нивната вкупна вредност изнесувала 141 милиони евра. Меѓутоа, најголемиот договор на битолската фирма во сопственост на белорускиот конзул во земјава, Борче Марковски, беше раскинат од страна на државната компанија за производство на струја поради неодговорно, нестручно и ненавремено реализирање на обврските. Станува збор за договор склучен годинава во висина од 46 милиони евра, при што 10 отсто од работата им припаѓала на тројца подизведувачи, меѓу кои се две струмички компании поврзани со семејството Заеви - „Сим инженеринг“ и „Јавор транс“. Инаку, ова не е единствената јавна зделка каде функционирала истата комбинација...

by Фокус

За петгодишниот период од 2019 до 2023 година, во земјава се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 359 милијарди денари или 5,8 милијарди евра, а 36 отсто или околу 2,1 милијарда евра од вредноста на тендерите им припаднала на 50 фирми, при што само првите 10 фирми на врвот на оваа листа добиле тендери во вредност од близу 1,3 милијарда евра, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

На листата со 50 најголеми добитници на тендери може да се сретнат градежни компании, нафтени фирми, веледрогерии, додека на дел од нив речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки. Според истражувањето, во наведениот период биле склучени 168.400 договори за јавна набавка со 6.378 фирми. Оттука, како што наведуваат од ЦГК, се покажува дека тендер добиле 9 отсто од вкупно регистрираните околу 71.300 фирми во државата.

Прва на листата најголеми добитници на тендери е „Марковски компани“ од Битола, која во посочениот период 2019-2023 склучила вкупно 77 договори за јавна набавка во вкупна вредност од 151 милиони евра. Од нив, дури 66 тендери биле со државното претпријатие АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) во вредност од 141 милиони евра или 93 проценти од вкупната вредност на тендерите.

Овие договори се за ископ на јаловина, за ангажирање помошна механизација, за ремонтни активности, за високостручни машински интервенции со работна рака, за работна рака за тековни машински интервенции и други обврски во рудниците на РЕК Битола. Она што е индикативно, дури една петтина од вредноста на договорите, односно 30 милиони евра, „Марковски компани“ ги добила во нетранспарентна постапка – со преговарање без објавен оглас.

Инаку, оваа фирма повторно се најде во фокусот на јавноста, откако вчера актуелниот директор на РЕК Битола, Тони Петрушевски, информираше дека ја раскинал рамковната спогодба за ископ на јаглен и јаловина која во февруари годинава ја потпиша претходното раководство на АД ЕСМ. Поточно, договорот беше со важност од 18 месеци, т.е. до август 2025 година, но по последниот развој на настаните тој нема да се реализира во целост.

Носителот на набавката не ги испочитува предвидените обврски за одговорно, целосно, стручно, квалитетно, совесно и навремено извршување на задачите согласно техничката спецификација. „Марковски компани“ како ангажиран оператор со несоодветно постапување покрај тоа што во континуитет не успевал да ги испорача договорените количини на јаглен, директно ја загрозил енергетската стабилност на државата. Во тој контекст, со несоодветна динамика за отстранување на јаловинските маси ја нарушил геомеханичката стабилност на рудникот Брод-Гнеотино.

 

Поради неиспорачаните количини и кршење на договорите од страна на предметниот оператор, РЕК  Битола бил принуден да врши дополнителна набавка на јаглен за да продолжи стабилна и континуирана работа на блоковите во термоелектраната. За да биде појасно, би сакал да посочам дека на раскинувањето на соработката претходеа опомени и укажувања од раководството на РЕК Битола, дека операторот не ги реализира договорните обврски според утврдениот обем, динамика и квалитет. Но и покрај укажувањата продолжил несериозниот однос преку флагрантно кршење и непочитување на договорните обврски – рече Петрушевски.

Имено, станува збор за договор за јавна набавка склучен на 13-ти февруари 2024, чие извршување практично веќе престанува да важи согласно член 15 од самиот договор. Според Бирото за јавни набавки, „Марковски компани“ го добила тендерот вреден 2,8 милијарди денари или 46 милиони евра во конкуренција на „Пелистер“ и „Гранит“. Всушност, се работи за т.н. рамковна спогодба, која никогаш нема да се исцрпи во целост откако договорниот орган реши да ја поништи.

Во текот на денешниот ден, пак, од АД ЕСМ денес соопштија дека, согласно своите обврски и надлежности, ќе ги преземат сите чекори пред управните и судските органи што ги има на располагање, имајќи ги предвид „сите последици кои се произлезени од несовесното и неквалитетно извршување на договорните обврски“. Предметниот економски оператор, според ЕСМ, не ги почитувал одредбите од договорот уште од самиот почеток, така што и претходното раководство на РЕК Битола имало основа за раскин на соработката.

„Носителот на набавката во континуитет не ги почитувал предвидените обврски за одговорно, целосно, стручно, квалитетно, совесно и навремено извршување на задачите согласно техничката спецификација. Поради неиспорачаните количини кои РЕК Битола веќе ги имал предвидено во планот за производство на примарна енергија и кршењето на договорните обврски од страна на предметниот оператор, Комбинатот бил доведен во ситуација да врши дополнителна набавка на јаглен од надворешни фирми за да овозможи стабилна и континуирана работа на блоковите во ТЕ „Битола“. Исто така, со несоодветната динамика за отстранување на меѓуслојните јаловински маси при експлоатација ја нарушил геомеханичката стабилност на рудникот Брод Гнеотино.

 

Во меѓувреме, РЕК Битола со реорганизација на работните процеси ќе се обиде да го премости периодот без надворешна механизација преку зголемување на ископот на јаглен од рудникот Суводол, како и со набавка на јаглен од постојните договори со економски оператори. Земајќи ги предвид сите законски можности, со спроведување на транспарентни и недискриминаторни постапки согласно Законот за јавни набавки, компанијата ќе креира платформа за лојална конкуренција, со можност за пониски цени на договорните услуги и ќе овозможи непречено функционирање на работните процеси. На тој начин ќе се обезбеди континуиран дотур на јаглен за производство на електрична енергија и стабилно функционирање на македонскиот електроенергетски систем“, соопштија од ЕСМ.

Меѓу другото, членот 6 од договорот кој беше раскинат открива дека „Марковски компани“ ангажирал подизведувачи за вкупно 10 отсто од работата. Меѓу нив се струмичките „Сим Инженеринг“ и „Јавор транс“, кои се поврзуваат со семејството на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев. Третиот подизведувач, пак, е „Топлина“ од Охрид.

Воедно, истата комбинација на „Марковски компани“ и струмичките „Сим Инженеринг“ и „Јавор транс“ може да се најде во уште еден вреден тендер од ланската 2023 година. Оваа рамковна спогодба за ископ на јаловина е склучена на 03.10.2023 година на износ од 1,5 милијарди денари или околу 25 милиони евра. Исто така, и според овој договор подизведувачите добиваат 10 отсто од вкупната зделка.

Тендер тежок 25 милиони евра: Фирми блиски до Заеви долетаа во РЕК Битола со „Марковски Компани“!

Што се однесува до двете струмички фирми, тие ги опфативме со сторијата објавена во неделникот „Фокус“ уште на почетокот на 2019 година, кога пишувавме кои се компании ги поседува семејството на Заев, како и нивните деловни партнери. Во бизнис мрежата на Заеви и партнерите влегуваат:

„Тотал инженеринг“, „Тотал Електрик“, „Еленица“, „Пеон“, „Герас Цунев“, „Пелагонија Струмица“, „Мамас“, „Тргопродукт“, „Сара Инженеринг“, Сара Јавор Инженеринг“, „Јавор Транс“, „Јавор Шпед“, „Јавор Асфалт“, „Сим Инженеринг“, „Делукс Инженеринг“, „Дас Инженеринг“, „Дравас Инженеринг“, „Омни Градба“, „Мам Свети Николе“, „Фарма Медика Канабис, „Зоки Петрол“, „Конта План“…

(АРХИВА) Бизнис-империја: Заеви и нивните партнери поседуваат 30 компании во Струмица!

Актуелниот премиер Христијан Мицкоски, во својство на опозициски лидер своевремено објави случај со присвојување државно земјиште. Се работи за градежна парцела со површина од 18.462 квадратни метри, која Општина Струмица во 2014 година, кога Заев е градоначалник, на јавна аукција му ја продала за 700.000 евра на Сашко Брндевски, управител на „Сим Инженеринг“, еден од подизведувачите на „Марковски Компани“.

Како што обвинуваше Мицкоски, откако Брндевски во 2016 година добил одобрение за градење на станбен комплекс, тој веднаш склучил договор за пренесување на правото на градење или отстапување на парцелата со „Тотал Инженеринг“ во сопственост на Вице Заев, брат на Зоран Заев, како и со уште градежна компанија што се поврзува со Заеви – „АД Пелагонија Струмица“.

Она што дополнително ги поврзува Брндевски и Заев е уште една компанија за изградба на станбени и нестанбени згради основана во 2009 година – „Сара Инженеринг“, која во 2010 година купи две од трите градежни парцели за изградба на згради кај поранешната струмичка касарна во површина од 36.131 квадратен метар за вкупно 1,5 милиони евра.

Поточно, Брндевски денес е содружник во оваа градежна компанија, заедно со Ристо Кречев и Зоран Марковски, додека порано во нејзината сопственичка структура бил и Вице Заев. Воедно, Заев се јавува како содржуник заедно со Кречев во уште неколку компании. Една од нив е „Сара Јавор Инженеринг“, каде содружник е и Драги Цикарски, управител на „Јавор-Транс“ – вториот подизведувач на „Марковски Компани“.

Што се однесува до „Марковски компани“, пишувавме дека таа е во сопственост на Борче Марковскикој своевремено се врати во земјава по неколкугодишен престој во Србија, а во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија. По тој повод, се случи едно од ретките појавувања на Марковски во јавноста, кога порача дека ќе даде максимален придонес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Која е фирмата што директно доби тендер од ЕСМ вреден 19 милиони евра?

Оваа фирма доживува подем во 2012 година, кога впрочем почнува да добива тендери. Ако компанијата во 2011 година остварила приходи од 2,7 милиони евра и имала 61 вработени, веќе во следната година остварува двојно повеќе приходи (4,2 милиони евра), но и вработува речиси двојно повеќе луѓе (104). Ваквиот нагорен тренд продолжува и во следните неколку години.

Така, „Марковски Компани“ во 2013 година остварува приходи од речиси 11,5 милиони евра и профит од над 5 милиони евра, а во 2014 година вкупните приливи изнесуваат речиси 14 милиони евра, а профитот безмалку 7,5 милиони евра. Веќе во 2022 година, компанијата остварува приходи од 30 милиони евра, што е раст за 173 отсто во споредба со претходната 2021, додека добивката изнесувала 6,6 милиони евра, што пак претставува раст од цели 1.500 отсто во однос на 2011, кога добивката изнесувала помалку од половина милион евра.

(АРХИВА): Како Пелистер и Марковски Компани „војуваат“ за богатите тендери на РЕК Битола?

Непосредно пред политичките промени на средината на 2017 година, поранешниот директор на ЕСМ од СДСМ Васко Ковачевски ја обвинуваше оваа фирма дека е блиска до Сашо Мијалков, шеф на тајната полиција во време на ВМРО-ДПМНЕ предводено од неговиот братучед Никола Груевски. Но, „Марковски Компани“ продолжи да добива многу вредни тендери од ЕСМ и во време на СДСМ.

Иако компанијата доби неколку тендери и откако на власт се врати ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски, сепак, потоа следуваше поништување на нејзиниот највреден договори, што претставува вовед во покренување на судска постапка, но и изрекување на негативна референца. Неофицијално, дел од договорите меѓу ЕСМ и „Марковски компани“ ги истражуваат и надлежните институции.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости