Марјан Стаменковски: Од стар вмровец до жртва на тероророт на ДПМНЕ

by Фокус

архиваТекстот е објавен на 25-ти април 2014-та година  во неделникот „Фокус“ во бројот 968

Тој е стар вмровец, со партиска книшка од 1994 година. Речиси цели 20 години е поддржувач на политиките на владејачката партија. Стаменковски вели дека секогаш бил готов да направи сѐ за неговата партија да победи на изборите. Но, сепак, тврди дека никогаш тој и неговата сопруга не донирале по 1.000 евра за партијата, ниту, пак, неговите вработени, иако нивните имиња можат да се најдат на списоците за донации за предвремените парламентарни избори во јуни 2011 година! Прв јавно,со слично тврдење, излезе Самоил Малчевски, некогашен студентски лидер и истакнат член на ВМРО ДПМНЕ. Неодамна Марјан Стаменковски беше брутално претепан од страна на непознати лица по кои полицијата сѐ уште „трага“.

Пишувала
Ирена МУЛАЧКА

Секој што барем малку се разбира во бројки, знае дека сумите пари што ги трошат политичките партии во актуелната изборна кампања, а божем јавно и транспарентно ги претставуваат пред граѓаните, се далеку од вистинскиот износ, кој за некои партии се мери и со неколку милиони евра. Ретко се добива детален финансиски отчет од политичките партии – колку ги чинеше задоволството наречено избори?

Во секој изборен циклус, тие законски се присилени да достават финансиски извештаи до надлежните институции за тоа колку вкупно ги чинеле изборите, кој сè финансирал и колку пари се собрани преку „донаторите“ олицетворени во граѓани и во фирми.

Нормално, како и на секои избори досега, во трошењето милионски суми за реклами, спотови и пропаганда предничи владејачката партија. А тоа може да се забележи и по двата финансиски извештаи објавени на страна на Државната комисија за спречување корупција, каде што само за првиот круг од претседателските избори, за кандидатот Ѓорге Иванов биле донирани околу половина милион евра.

Првиот извештај покажува дека вмровските симпатизери донирале 230.000 евра, додека вториот финансиски извештај е потежок за 14 илјади евра, односно на контото на ДПМНЕ се слеале уште 244.000 евра. Меѓу донаторите можат да се забележат министри, градоначалници, советници, директори на клиники, козметички студија, кои од својот џеб одвојувале скромни од 500 до 200.000 денари.

Сепак, по паричните суми може да се заклучи дека донаторите за овие избори биле поштедливи во однос на локалните избори лани и предвремените парламентарни избори во 2011 година, кога речиси сите суми се движеа по точно 60.000 денари. Што е уште поинтересно, за јунските парламентарни избори меѓу донаторите се најдоа земјоделци, секретарки, редари, учителки со потпросечна плата, за кои сè уште останува нејасно – од каде нашле 1.000 евра за да ѝ помогнат на партијата!?

Оттука се отвора друго прашање – дали тие луѓе навистина за сите овие изборни циклуси донирале за ВМРО-ДПМНЕ или нивните имиња по некоја случајност се појавиле само како фиктивни донатори на списокот, за на некој начин да се оправдаат парите?

ДОНИРАЛ, НЕ ДОНИРАЛ, ТЕ ИМА НА СПИСОК

Пред неколку месеци, ова прашање се потруди да го разјасни некогашниот студентски лидер Самоил Малчески, кој во интервју за „Фокус“ истакна дека тој, неговата мајка и сестра се нашле на листата на донатори на партијата на власт за парламентарните избори во 2006 година, а не донирале ниту денар за партијата.

Оттука почна сè. По неговото јавно признание, се охрабрија дел од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, од кои некои навистина донирале, некои за првпат се гледаат на списокот, ама, или не се сеќаваат кога донирале, или воопшто не дале пари за партијата.

Мораме да признаеме дека на дел од вмровците, разочарани од својата матична партија, им беа потребни дури два месеца јавно да проговорат за оваа тема, плашејќи се, од како што велат, „долгата рака на ВМРО-ДПМНЕ“.

Марјан Стаменковски од Крива Паланка е стар вмровец, со партиска книшка од 1994 година. Тој речиси цели 20 години е поддржувач на политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Стаменковски вели дека секогаш бил готов да направи сѐ за неговата партија да победи на изборите. Но, сепак, тврди дека тој и неговата сопруга никогаш не донирале по 1.000 евра за партијата, иако нивните имиња можат да се најдат на списоците за донации на предвремените парламентарни избори во 2011 година.

По случајно пребарување на интернет, ги најдов списоците со донации за јунските избори пред три години. Додека разгледував да видам кој сè донирал за партијата, ги видов моето и името на сопругата меѓу донаторите. Останав запрепастен. Нека извадат документи и нека докажат дека моето семејство дало дури по 60.000 денари за партијата – истакна Стаменковски.

Меѓутоа, во целата приказна со донации не е вмешано само неговото семејство. На 13 јуни истата година, во списокот се наведени уште 11 луѓе кои донирале за партијата, а кои, според тврдењата на Стаменковски, биле вработени во неговата тогашна фирма „Еко – проект“.

Јас можам да тврдам за нас дека не сме донирале за ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не можам да го тврдам и за моите вработени. Сепак, не ми е јасно како тие луѓе со месечни примања од по 8.000 денари се способни да донираат по 60.000 денари? Од каде им се толку пари? – се прашува Стаменковски.

Според пресметките, ако тој и неговата сопруга дале по 1.000 евра во касата на партијата и плус уште 11 негови вработени дале по 1.000 евра, тогаш се доаѓа до сума од 13.000 евра, кои ги донирале семејството Стаменковски и нивните вработени. Ако, како што тврди тој, тие воопшто не донирале – тогаш кој ги дал тие пари и зошто нивните имиња се злоупотребени?

По неговото јавно признание, „Фокус“ веднаш упати прашања до генералниот секретар Кирил Божиновски, кој е потписник на списокот за донации од изборите во 2011 година. Тој не одговараше на својот мобилен телефон, ниту, пак, одговори на смс-пораката што му ја испративме.

Ништо поразлично не поминавме ни со директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. На нашите телефонски повици тој не одговори, ниту, пак, добивме повратен одговор на испратената порака.

ИМ СЕ СПРОТИВСТАВИВ, ПА ЗАРАБОТИВ КАЗНИ ОД 18.000 ЕВРА

Притисоците, заканите и нападите го натерале Стаменковски да преземе радикален чекор и да се пресели во Скопје, плашејќи се за безбедноста на своето семејство. Тој повеќе од 15 години бил посветен на идеологијата на партијата, но тиквата пукнала откако на последните парламентарни избори пред три години вмровците не го исполниле своето ветување и не ја вработиле неговата сопруга, која шест години волонтирала. Откако им се спротивставил, како што тврди, почнува неговата голгота и борбата да му се одмаздат.

Но, да почнеме по ред. Стаменковски во Крива Паланка на времето имал седум дуќани, а подоцна отворил маркет на кој целосно му се посветил и еден по еден почнал да ги затвора другите дуќани. Новиот бизнис го отворил со помош на владиниот закон во кој шест месеци плаќа државата, додека наредната година и пол, платите на вработените одат на сметка на работодавецот. Но, како што вели Стаменковски, ако во едно ти помогнат, во друго ќе ти одмогнат.

Го отворив маркетот и почнав со работа. Тогаш добив наредба од партијата на власт сите 12 луѓе, кои требаше да ги вработам, да ги земам од општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Не успеав да ја вработам ни сопругата на брат ми. Замислете, моето семејство без работа, а јас вработував луѓе од кои немав никаква корист, освен што морав да ги плаќам по 13.000 денари. Во мојата фирма вработив 28 луѓе, од кои едни ги плаќав за да работат, а другите бев присилен да ги земам – тврди 36-годишниот кривопаланчанец.

До толку бил врзан со владејачката партија, што на отворањето на неговиот маркет присуствувале градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексоски, и вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Според него, работите се влошиле откако тој почнал јавно да им се спротиставува, незадоволен од политиката што се води, од игнорантскиот однос и од тоа што по којзнае кој пат неговата сопруга останала невработена. Тука почнуваат инспекциите и казните по неговиот грб.

За да ми се одмаздат, почнаа нон стоп да ми испраќаат инспекции. Досега имав пет инспекции – три од УЈП и две од Дирекцијата за храна и ветеринарство, со што досега за казни платив 18.000 евра. Последната што ми стигна е 3.200 евра, но неа сè уште не сум ја платил. Најчесто казните се за чување документи од претходните дуќани; па зошто ги чувам во новиот маркет. Ќе најдат нешто ако решиле да те казнат – тврди Стаменковски.

Тој додава дека работите оделе дотаму, што неговото дете не сакале да го возат во училишниот автобус до училиштето, му се заканувале на неговото семејство, чии членови секогаш биле верни поддржувачи на партијата на власт, нему му се нафрлале да го тепаат. Тој немал друг избор и морал да се пресели во главниот град, каде што почнува сè од нула.

Стаменковски во кратки црти објаснува како кривопаланчани се присилени да гласаат за владејачката партија и какви се сите разработени шеми за добивање на изборите.

– Се прави системска кражба на гласови. Се викаат луѓето, се убедуваат да гласаат, им се даваат ситни пари, на фирмите им се закануваат дека ако не гласаат за нив, никогаш нема да добијат тендери и дека ќе им го уништат бизнисот. Нема шанси друг да функционира во државата, ако не е со партиска книшка. А, што е најжално, заборавија на старите вмровци кои години наназад трчаат за партијата – истакна 36-годишниот кривопаланчанец.

Стаменковски и неговата сопруга се само двајца на списокот донатори на кој има цела бригада од 530 луѓе, кои собрале 510.000 евра за да ѝ овозможат победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 година. Којзнае колку од тие луѓе навистина донирале за партијата, а колку по неколку години само си ги пронашле имињата?

Надлежните институции се слабо заинтересирани за истражување на оваа тема, а посебно кога е во прашање владејачката партија. Факт е дека додека едните молчат, другите добиваат!

НАЈУДАРНА ТУПАНИЦА НА ГРУЕВСКИ СЕ ЛЕПАЧИТЕ НА ПЛАКАТИ

Марјан Стаменковски тврди дека ВМРО-ДПМНЕ се претворила во бизнис-империја. Тој додава дека сè уште ја чува книшката и дека оттаму треба да го исфрли некој што е подолго време од него во партијата, а не Груевски.

Крстот ми е на чело. Јас по убедување сум вмровец. Мојот дуќан го викаа дуќанот на вмровецот. За таа партија сум се тепал на избори, со еден збор, сум правел сè. Сакам одмазда. Учествував во сите шеми за добивање на изборите. Да знаете само што сè им се прави на Ромите да гласаат, а ги поткупуваат со малку брашно, јадење и забави. Главни сега се лепачите на плакати. Тие се ударната тупаница на Груевски – тврди Стаменковски.

МАЛЧЕСКИ СЀ УШТЕ НЕ Е ПОВИКАН НА РАЗГОВОР

Откако беше објавен текстот во кој Самоил Малчески јавно призна дека неговите лични податоци се злоупотребени, скопското јавно обвинителство отвори предмет по случајот, но досега нема никакви официјални информации оттаму за тоа до каде е постапката. Според нашите информации, Малчески досега сè уште не е повикан на разговор.

Со измените во Кривичниот закон од 2011 година, за лажен извештај се пропишува казна од најмалку пет години затвор.

ЗАЕВ: ГРУЕВСКИ НЕ ПРИЈАВИЛ 80.000 ЕВРА ДОНАЦИЈА ЗА ВМРО

Опозицискиот СДСМ во вторникот објави нова афера во која го обвинува премиерот Груевски дека не пријавил 80.000 евра донација за ВМРО-ДПМНЕ. Зоран Заев со официјални документи во рацете ги промовираше, како што рече, „кеш игрите на премиерот“.
– На нив го има црвениот партиски печат на ВМРО-ДПМНЕ и потпис на овластеното лице, најверојатно тогашниот секретар на партијата. Станува збор за потврди за примени пари во кеш, како донација, во 2006-та година, од 30.000 евра и 50.000 евра, или вкупно 80.000 евра. Како донатор се јавува лицето Тумбовски Загорец. Во моментот на уплатата на донацијата во кеш, Груевски, покрај претседател на ВМРО-ДПМНЕ е и премиер на Македонија веќе четири месеци – рече Заев.

По пресот на опозиционерите, реагираше владејачката партија. Од таму тврдат дека премиерот Груевски поднел тужба за клевета и навреда против Заев, за како што велат, сите лаги и конструкции со кои го клевети лидерот на ДПМНЕ.

Поврзани новости