Марјан Додовски: Власта водеше кампања според омилените удбашки методи!

by Фокус

Текстот е објавен на 17 јуни 2011 во неделникот „Фокус“ во бројот 833

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

За да дознаеме како, фер и демократски, се играше во Третата изборна единица, каде ВМРО-ДПМНЕ оствари најголем успех, а таму се тркаа дури тројца лидери на помалите десничарски партии, снимивме неколку куси разговори со нив. Еве го разговорот со Марјан Додовски, претседателот на ВМРО-Народна Партија.

ФОКУС Дали имате објаснување, како ВМРО-ДПМНЕ успеа баш во Тројката да направи најдобар резултат, а никој од помалите партии од десницата да не го мине прагот за влез во Парламентот?

ДОДОВСКИ Сакам да истакнам дека ВМРО-ДПМНЕ направи посебна стратегија за десниот кампус на политички партии. Штабот, фокусиран на луѓето од десницата, функционираше беспрекорно. Темелно и буквално беше снимен секој оној, кој е запишан во единствениот избирачки список. Вие да дојдете до информации дека се знаело, буквално, кој во која продавница колку должи, кој има поднесено барање за кредит да му се одобри, кој какви казни има – прекршочни или кривични, кој имал пријава од УЈП… Сето тоа беше ставено во функција, за луѓето да бидат уценети!

ФОКУС На еден од митинзите, Љубчо го прозва Жарко Караџовски. Кои биле емисарите кои оделе за да ги убедуваат вашите луѓе?

ДОДОВСКИ Емисарите во Тројката беа многу интересни. Тие се во групата на Жарко Караџовски, како Марија Козјаклиска, Јован Андоновски, поранешниот генерален секретар, кои без срам и перде одеа со ветувања за вработување, за укинување на прекршочни пријави… Ги искористија сите инструменти за да може да се направи притисокот, за да се дојде до посакуваниот резултат. Очигледно е дека одредени луѓе беа ставени во машина, дури да мора да доаѓаат и по митинзите и да веат знамиња, но, да мора да работат и за нив!

ФОКУС Излеговте со тезата дека генералите беа Тројански коњи во десницата. На кого конкретно алудирате?

ДОДОВСКИ Има многу генерали во Македонија, дел од нив активни, дел пасивни. Очигледно е дека дел од пасивните генерали, кои имавме можност да ги видиме и на самиот терен, извршија упад во „системот“!

ФОКУС Практично, Груевци успеаја да ги исплаткаат генералите?

ДОДОВСКИ Клучниот момент, кој можеби ќе се покаже како најтежок за Македонија, е што институциите на системот беа ставени 100 отсто во функција на партијата. Не се бираше дали се работи за Агенција за разузнавање, Контраразузнавање, УЈП, ДБК, јавна, тајна безбедност, социјални служби, Фонд за здравство, подрачни единици… Се случи целосна блокада на државниот систем, кој работеше за партијата на власт.

Она што е најпроблематично е што се влезе во најинтимниот живот на секој граѓанин. Ако знаете, на пример, дека некој треба да прави ин витро, и вие тоа го користите во избори, тоа е монструозно. Втора работа, вие на секого да знаете во кое дуќанче нема платено сметка и да одите кај газдата на дуќанот и да се понудите да ја платите неговата сметка. Трета работа, да им влезете во приватните сметки на луѓето и да знаете кој каде аплицирал за кредит и да им кажувате дека кредитот ќе ти биде одобрен, ако ни донесеш гаранција дека си гласал за нас..!

ФОКУС Како сега го коментирате резултатот во Тројката?

ДОДОВСКИ Резултатот во Тројката, како прво е нелогичен, нереален. Од друга страна, на толкава артилерија и машинерија што се употреби, треба да се гордееме со освоените гласови. Уште првите денови од кампањата, на еден од општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ дошол еден од кандидатите и им порачува: „Ќе се применат сите средства да не влезе никој освен ВМРО-ДПМНЕ. Не не интересира што ќе правите, како ќе правите, колку ќе правите, Марјан не смее да стане пратеник и ВМРО-НП не смее да има пратеник во Третата изборна единица“.

Кога ми јавија моите, првично не да не ми се веруваше, туку логиката на нештата кажуваше дека таму имаме бастиони на неколку места кои за нас беа показатели дека што и да се обидат да направат, нема да успеат.

Но, што се случува? Стигаат резултатите и вие гледате дека ДУИ во Штип, каде што нема Албанци, освојува повеќе гласови од мене, повеќе од Стојанче и повеќе од Љубе!? Значи, повеќе гласови од тројцата претседатели на политички партии добива министерот за здравство од ДУИ, во место каде што нема ниту еден Албанец!? Најдете ја здравата логика во приказната! Или, пак, наша членка која оди да гласа, неа ја нема на изборниот список, а сопругот кој и е починат пред 10 години, него го има!? И, што понатаму да правиме муабет!

ФОКУС Како го доживеавте апсењето на Љубе?

ДОДОВСКИ Ништо не се смени од она што беше пред 5-ти јуни. Имавме една приказна на апсења пред изборите, најавени апсења за време на кампањата, така што 6-ти јуни си беше исто како и пред изборите. Мислам дека беше една голема порака до сите лидери. Она што го кажувавме и во кампањата е дека демократијата падна сосема во Македонија и таа мора да се врати за да имаме доверба сите ние!

ФОКУС Се согласувам со Вас, но, како сега да ја вратиме, кога тие се повеќе се аздисани?

ДОДОВСКИ Да утепате невино дете, кое дошло да ја слави победата на ВМРО- ДПМНЕ е повеќе од страшно. За таков случај, во Грција падна влада. Кај нас сега одеднаш се појавуваат лица кои се во државни служби, па се во приватни служби, па се надвор од тие служби, се убива 22-годишно дете и се фрла буквално на страна и никој ништо не знае!? Обид да се сокрие безкрупулозно убиство! Посрамно од тоа, нема за една држава!

Поврзани новости