Контоминас ги има потписите на подмитените во аферата „Телеком“?

by Фокус

Текстот е објавен 22 февруари 2013 година во дневниот весник „Фокус“.

Пишувал
Владо Апостолов

Само грчкиот посредник во аферата „Телеком“ наводно ги задржал оригиналните тајни документи потпишани од македонските владини функционери во 2005 година, стои во одлуката на судијата Ричард Саливан од Јужниот окружен суд во Њујорк која датира од 8 февруари годинава.

Со одлуката судијата Саливан го одбил барањето на обвинетите челници на „Маѓар“ и на „Дојче телеком“, Елек Штрауб, Томаш Морваи и Анраш Балог, судот во Њујорк да се прогласи за ненадлежен во процесот кој Американската комисија за хартија од вредност го води против нив.

„Транспаренси интернешнл – Македонија“ во неколку наврати објави дека грчкиот посредник е всушност бизнисменот Димитрис Контоминас кој гради хотел веднаш до скопскиот плоштад како дел од проектот „Скопје 2014“.

Невладината во средата му го испрати на јавниот обвинител Марко Зврлевски тајниот документ, „Протокол за соработка“ на кој стојат имињата на македонските владини функционери, но таа верзија е непотпишана и може да се најде на интернет заедно со последната одлука на њујоршкиот суд.

Според тужбата на Американците на почетокот од 2005 година македонскиот Парламент подготвувал закон за либерализација на телекомуникациите кој бил неповолен за интересите на „Маѓар телеком“ во Македонија.

Понатаму, во тужбата стои дека за да се ублажат ефектите од новиот закон обвинетите челници на компанија стартувале коруптивна шема која била запишана во таен документ кој останал во компјутерите на „Маѓар телеком“.

Протоколот предвидувал дека функционерите ќе ги ублажат штетните ефекти во новиот закон, а за возврат македонската Влада ќе добие дивиденда од 95 милиони евра и тие ќе бидат поткупени. Наводно Анраш Балог и висок владин функционер го потпишале документот на 27 мај 2005 година, додека три дена подоцна во протоколот се склучил и функционер од помалата партија од тогашната владејачка гарнитура.

Помалиот владин партнер бил вклучен поради страв дека ќе го минира договорот.

Во текстот на одлуката судијата се повикува на жалбата на тројцата обвинети во која пишувало дека, ниту „Маѓар“ ниту „Дојче Телеком“ не задржале потпишани копии од протоколот, а македонските владини функционери не успеале да ги заведат како официјални документи.

„Транспаренси интернешнл – Македонија“ викендов побара јавниот обвинител да покрене постапка токму против Контоминас, а Зврлевски за „Фокус“ уште еднаш изјави дека обвинителството не нашло докази дека има поткуп во овој случај.

Поврзани новости