Маријана и Росана, сестрите близначки кои со своите бисерни гласови станаа сензација на македонска музичка сцена, уште во времето кога имаа по 17 години, по децениска пауза повторно ќе имаат заеднички настап во познат скопски локал.
Нивното заедничко појавување на сцената го најави актерот и музичар Александар Спасов Дац, кој откри дека ќе запеат заедно со него и со Александар Митевски.
Росана за „Фокус” вели дека периодов откако сестра и Маријана која живее во Австралија, дојде во посета на Македонија, добиле голем број на понуди за заеднички настапи, телевизиски гостувања и интервјуа. Поради зафатеноста, не ги прифатиле понудите, но не можеле да одолеат на упорноста на Дац и Александар.
-Со Маријана сме премногу зафатени, имаме многу приватни обврски, па затоа и никаде ништо не прифативме, а пристигаа понуди за интервјуа, телевизиски гостувања, настапи…
Но, големата упорност на Дац и Александар вечерва не донесоа во локалот Трибека, да бидеме нивни гостинки со еден мал настап.
Тоа е еден вид на благодарност кон публиката која е во голем број и навистина не почитува и не сака. Секако, за настанот сме им благодарни и на Дац и Александар. Инаку, долго време не сме настапувале заедно, па ова е можност да се присетиме на минатите времиња – ни изјави Росана.
Сестрите зад себе оставија богата ризница со хитови кои и денес се слушаат и се застапени на репертоарите за време на настапи на голем број музичари. И двете останаа синоним за квалитет и скромност на сцената, и чести се реакциите на публиката, која бара повторно да снимат заеднички песни.
Вики Клинчарова