Маричиќ за „Фокус“: Воведуваме ново кривично дело „Безобзирно управување со моторно возило“

by fokus

Министерот за правда, Бојан Маричиќ на барање на „Фокус“ даде свое видување дали се потребни измени на Кривичниот законик во однос на зголемување на безбедноста во сообраќајот. Тој најави дека се работи на воведување на ново кривично дело „Безобзирно управување со моторно возило“.

Сакам да ја информирам јавноста дека во рамките на Работната група на Министерството за правда за изготвување нов Кривичен законик вградуваме ново кривично „Безобзирно управување со моторно возило“ за што се пропишува затворска казна и до 3 години, а доколку има  смртни последици казната најмалку 4 години затвор, објаснува Маричиќ.

Во однос пак на ублажувањето на казните и условна осуда за тешки дела во сообраќајот кои се актуелни деновиве, министерот најави дека ќе иницира дебата во рамките на Работна група и тоа во однос подобрување на законските решенија и елиминирање на можните злоупотреби во ова насока, како и анализа на примената на постојните одредби од страна на судовите и Јавното обвинителство, во однос на кривичните дела поврзани со загрозување на безбедноста во сообраќајот.

Маричиќ најавува дека на истиот состанок ќе бидат поканети и претставници на Врховниот суд, Јавното обвинителство и Судскиот совет.

Јавноста вчера реагираше откако охридскиот Суд вчера пресуди само условна казна и глоба од 3.000 евра за возачот кој ја предизвика сообраќајната несреќа лани во Охрид, а во која загинаа две млади момчиња. Возачот возел со брзина од 106,6 километри на час, на место каде е дозволена брзина од 60 километри на час.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости