Маричиќ: Целта на законот е пописот повеќе да не биде политичко прашање

by fokus

Целта на предлог законот за попис е тоа повеќе да не биде политичко прашање и да имаме модел што ќе се користи и сега и за следните години, вели министерот за правда Бојан Маричиќ.

Ако пописот не биде во април или на пролет идната година, посочи тој, нема логика кога понатаму, зошто имаме локални избори во октомври.

– Нашиот концепт е Државниот завод за статистика, како стручно тело, да го спроведе пописот со најсовремените технички и технолошки можности, што ќе чини 8 милиони, двојно помалку од предложениот во 2011 година и да има можности сите оние кои живеат во државата или се државјани, а не живеат во државата да бидат попишани, изјави Маричиќ, вечерва во емисија на ТВ 24.

Посочи дека претходно три месеци се преговарало со опозицијата, која, како што рече, барала враќање на принципите од последниот неуспешен попис, но дека сега, веќе е време да се донесе законот.

– Главна мерка за доверба предложена од опозицијата беше да се вратиме на Државна пописна комисија, која беше причина за неуспешниот попис во 2011 година и тоа е ставено во Извештајот на ЕУ. Затоа е ставен со европско знаменце, зошто имаше посебен извештај на ЕУ каде се изнесуваат забелешките кои треба да ги преточиме во закон за да имаме попис по европски стандарди, рече Маричиќ.

Поврзани новости