Маричиќ: Шпекулација е дека ќе бидам мандатар за новата влада

by Fokus

Консултациите и состаноците и со коалициските партнери и на ниво на СДСМ се во тек. Денеска има серија на средби, очекуваме наредната недела веќе да излеземе со конкретен план затоа што е тоа важно и за граѓаните и за државата, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ во одговор на новинарско прашање околу оставката на претседателот на партијата Зоран Заев.

Во врска со најавите дека следната недела СДСМ планира да излезе со мандатар, но оти коалицискиот партнер ДУИ смета дека треба најпрво да се избере лидер на СДСМ, а потоа да се оди со мандатар и дали ова значи некакво нарушување во коалициските врски со партијата на Али Ахмти, Маричиќ потенцира дека приоритет е да се зачува парламентарното мнозинство и оти тоа е волја на сите коалициски партнери.

– Нас ни е приоритет да се зачува парламентарното мнозинство бидејќи тоа е и волја на сите коалициони партнери и секако, да ја најдеме најдобрата формула како да продолжи да функционира Владата во овој момент, бидејќи има расположение, има одлука да се продолжи, а да нема избори во овој момент, рече Марчиќ на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано и програмски директор за Западниот Балкан во AIRE Центарот Билјана Брајтвејт.

Во врска со тоа дали тој ќе биде следниот мандатар на Владата, актуелниот министер за правда ова го означи како шпекулација.

-Тоа е шпекулација, ниту сум разговарал, ниту некој ме прашал, ова освен да го означам како шпекулација ништо друго не можам да кажам, рече Маричиќ.

Како што информира досега имале неколку средби на повеќе нивоа, а денеска има сериозна серија на средби на кои се прави оценка и на одговорноста на централниот изборен штаб и на сите нивоа.

-Мислам дека после тоа кога ќе се договориме ќе има сигурно објава во смисла на тоа што понатаму, рече Маричиќ.

 

Поврзани новости