Во Европа до февруари може да починат половина милион луѓе од Ковид-19, предупредува СЗО

by Fokus

Со нови 500 илјади починати од коронавирус може да се соочи Европа до следниот февруари, ако земјите не го зголемат процентот на вакцинирани и ако продолжат да ги олабавуваат ковид-мерките, предупредува Светската здравствена организација. Доаѓа нов зимски бран, мутацијата делта-плус, а бројот на новозаразени на континентот бележи рекорден пораст од над 55 отсто, што е „предупредувачки удар за светот“, пишува Би-Би-Си.

Стапката на вакцинација е забавена низ целиот континент во последните месеци. Додека околу 80 отсто од луѓето во Шпанија се ревакцинирани, тој број е помал во Франција и Германија – на 68 отсто и 66 отсто соодветно – и сè уште помал во некои земји од централна и источна Европа. Само 32 отсто од Русите биле целосно вакцинирани до октомври 2021 година.

Досега СЗО има регистрирано 1,4 милиони смртни случаи низ Европа. Г-дин Ханс Клуге од СЗО исто така го обвини олабавувањето на мерките за јавно здравје за зголемените инфекции во европскиот регион на СЗО, кој опфаќа 53 земји, вклучително и делови од Централна Азија.

Германија денеска забележа повеќе од 37.000 дневни случаи на коронавирус, што е рекордно високо ниво втор ден по ред. Вирусот сега се јавува многу почесто на 100.000 луѓе споредено со април, со индекс 169,9, но тоа пак е многу под нивото во Велика Британија, која е во сериозна ковид-криза.

Германските власти за јавно здравје се загрижени дека овој зимски четврти по ред бран на инфекции може да доведе до голем број смртни случаи и притисок врз здравствениот систем. Во изминатите 24 часа се регистрирани 154 смртни случаи, за разлика од 121 од пред една недела.

Но, како што истакна Ханс Клуге од СЗО, порастот на случаите не е ограничен само на Германија.

Најдраматичен пораст на смртните случаи има во изминатата недела во Русија, каде што се регистрирани повеќе од 8.100 смртни случаи и во Украина каде имаше 3.800 смртни случаи. И двете земји имаат многу ниски стапки на вакцинација, а Украина објави рекордни 27.377 нови случаи во изминатото деноноќие.

Романија го забележа својот најголем број смртни случаи оваа недела со 591 починат, додека во Унгарија, дневните инфекции со ковид се зголемија повеќе од двојно во изминатата недела на 6.268 новозаразени. Таму носењето маска е задолжително само во јавниот превоз и во болниците.

– Во моментов се чини дека тежнееме да мислиме дека пандемијата е завршена, само треба да вакцинираме уште неколку луѓе. Тоа не е така – рече д-р Рајан од СЗО.

Оваа недела холандската влада рече дека повторно ќе воведе носење маски и социјално дистанцирање во многу јавни места, бидејќи се покажа дека приемите во болница се зголемиле за 31 отсто за една недела.

Во меѓувреме, Латвија од понеделник воведува тримесечна вонредна состојба поради рекордно ниво на новозаразени со коронавирусот.

Хрватска во четвртокот забележа 6.310 нови случаи, што е нејзин најголем број досега. Словачка го пријави својот втор најголем број случаи, а чешките инфекции се вратија на нивото последно забележано во пролетта.

Италија има една од највисоките стапки на вакцинација за постари од 12 години, но дури и овде новите случаи се зголемени за 16,6 отсто во изминатата недела.

Португалските инфекции се искачија на над 1.000 за прв пат од септември.

Шпанија е една од ретките земји што не забележа пораст на новозаразените 2.287 случаи пријавени во средата.

Поврзани новости