Во областа „Правда, слобода и безбедност“ е направен првиот чекор во „забрзување на интеграцијата“. Побаравме Северна Македонија да стане дел од Европската миграциска мрежа, што е доказ плус за добрата подготвеност во оваа област и посветеноста на македонскиот преговарачки тим на процесот, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во Брисел, каде денеска заврши тридневниот билатерален скрининг за Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на скринингот членовите на македонската Работната група ја презентираат позицијата и нивото на усогласеност на правниот систем на земјава во однос на законодавството на ЕУ, поврзани со судската соработка во граѓански прашања и комерцијалната материја, како и судската соработка во кривичната материја и конфискацијата и замрзнувањето на имот.