Маричиќ ќе го предводи тимот што ќе преговара со ЕУ

by fokus

На денешната Владина седница е усвоена одлуката за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Во 2019 година, Владата донесе сет на мерки со кои се воспостави механизам, но се утврди неопходност и потреба истиот да се промени од повеќе причини. Процесот на проширување е сменет, а критериумите за членство во Унијата се изоструваат, особено по усвојување на ревидираната методологија за пристапни преговори во 2020 година, информираше вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција.

Маричиќ вели дека нема модел на искуство од земјите кои досега преговарале или сè уште преговараат, бидејќи оваа методологија првпат се става во функција.

– Новата методологија наметнува пополитички пристапни преговори на начин што целокупниот процес го подигнува на повисоко политичко ниво во сите фази на преговорите. Со денешната одлука се одлучуваме за нова структура што го поедноставува овој механизам и воедно ќе го направи хиерархиски пофункционален, поефикасен и поефективен. Се воспоставува главен преговарач, функција што ќе ја вршам јас како заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања. За хиерархиска консистентност, ќе има и заменик на главниот преговарач, таа функција ќе ја врши државниот секретар за европски прашања, Дрита Абдиу Халили, информираше Маричиќ.

Појаснувајќи ја преговарачката структура, тој посочи дека покрај главен и заменик преговарач, содржи и Комитет за преговори, претседаван од Владата и премиерот Димитар Ковачевски, четворицата вицепремиери, министерот за надворешни работи и министерот за финансии. Содржи и Државна делегација за преговори, на чело со министерот за надворешни работи Бујар Османи како шеф на делегацијата.

Во составот на преговарачката структура вклучена е и група за преговори составена од главен економист, главен правник и главен анти-корупционер. Формирани се и Работен комитет за европска интеграција и работни групи за пристапни преговори, како помошни тела поделени по кластери, три области и 33 поглавја. Истите ќе учествуваат во подготовка на анализи за степенот на усогласеност на националното законодавство со ЕУ и подготовка на нацрт-преговарачки позиции.

Како единствена точка за координација ќе биде Секретаријатот за европски прашања, со оглед на надлежностите што ги дава Законот. Во секоја работна група ќе има претставник-координатор од СЕП, надлежен за методолошките и процесни аспекти и координација со останатите тела.

– Заради важноста и улогата на Собранието, неговата одлука ќе се дефинира со меѓусебен договорен акт во кој ќе биде дадена и дефинирана улогата на опозицијата. Во наредните денови се планирани средби со претседателот на националниот совет за евроинтеграции за што подаваме рака и опозицијата да се вклучи во овој процес, вели Маричиќ.

Поврзани новости