Во претстојниот период, нашиот фокус е на подготовка на нов Закон за потекло на имот, како и подготовка на нов Кривичен законик. Најзначајно, Северна Македонија работи на воведување на концептот на дигитална судница, а во наредниот период ќе дигитализираме околу 200 судници во државата, истакна министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој преку видео-врска се обрати на 30 – тата сесија на Комисијата за спречување на криминал и кривична правда на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ).
Маричиќ во своето обраќање ги претстави реформите кои Министерството за правда ги презема во областа на кривичната правда.
Како што информираат од Министерството за правда, министерот Маричиќ нагласил дека Северна Македонија вложува напори да ја зголеми ефикасноста во борбата против нелегалните финансиски текови и да ги зајакне можностите за конфискација на нелегално стекнатиот имот и ја потенцирал значајноста за отпочнување на преговорите со ЕУ, затоа што овој процес, како што кажал, може само позитивно да влијае и значително да ги забрза реформите во Северна Македонија.