МАНУ подготвува документ за проблемите во државата, а ќе понуди и решенија

by fokus

Сите одделенија во Македонската академија за науките и уметностите работат на еден текст што би требало да претставува една сумарна визија за Македонија, за нашите главни проблеми, за иднината, вели во изјавата за МКД.мк академик Митко Маџунков од Одделението за уметност во МАНУ.

Тој појаснува дека ништо однапред не е договорено, туку сите одделенија треба да се изјаснат за проблемите од својата област од научна и уметничка гледна точка.

-Како да ги решиме проблемите што нѐ мачат во ова време. Некои одделенија веќе ја завршиле работата, а за ова ќе разговараме на седница што е закажана за во вторник. Тоа би било едно соопштение за сите проблеми од општ карактер. Тогаш кога ја договаравме оваа работа, во државата не беа заострени толку работите, па за некои работи ќе треба и порано да реагираме. Обично акцентот се става на економските проблеми и на проблемите со правната држава, но според мене има и други проблеми што го поставуваа прашањето за постоење на државата. Кога државата е во прашање, како што сега гледаме дека е, тогаш навистина мора да се реагира. Претпоставувам дека за главните работи решенијата треба побргу да се формулираат, вели Маџунков.

Ова е една поширока активност во која се вклучени сите академици, појаснува Маџунков, и е дел од подготовката на монографијата за 50-годишнината на МАНУ, на македонски и на англиски јазик, во која не треба да има само статистика, туку ќе се каже што е важно за државата.

Поврзани новости