Хан: Западниот Балкан е тава полна со маслo, доволно е само едно чкорче и се би пламнало

by fokus

Ако не извезуваме стабилност, ќе увезуваме нестабилност – тоа важи како за Балканот, така и за преостанатото соседство на ЕУ, оценува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за „Цајт онлајн“. Тој зборува и за Македонија.

-Во наш интерес е во ПЈР Македонија да има стабилност и развој на правна држава. Секоја земја на Балканот треба да има европска перспектива. Тоа значи дека треба да се постигне промена во еден еволуциски процес. Ние се ангажиравме многу. Издејствувавме низа резултати. Имаше слободни и фер избори. За земјата, се разбира со извесен напор, е подобро ако тој развој продолжи мирно.“

На прашањето дали ЕУ е заинтересирана само за стабилност на Западниот Балкан и дали е важно само да биде мирно, Хан вели дека би било „наивно да се верува дека промена на режим може да се наметне однадвор“:

-Тоа не е ниту наша намера. Ние ги почитуваме нашите партнери како суверени држави. Нашата ‘soft power’ се состои во тоа да се постигне стабилност и благосостојба со мирнодопски средства. Не можеме од една страна да зборуваме за правна држава и демократски процеси, а истовремено луѓето на Западен Балкан да ги поместуваме овде-онде како на шаховска табла, вели Хан.

Хан оценува дека целта на ЕУ мора да биде сите држави од Западен Балкан еден ден да се приклучат кон Унијата, зашто во интерес на Европа е во тие земји да нема нестабилност и немири, кои само би го зголемиле миграцискиот притисок. Тој Западниот Балкан го споредува со тава полна со масло: „Доволно е само едно чкорче и сѐ би пламнало. Долгорочно смирување на регионот е можно само преку перспектива за зачленување во ЕУ.“

Поврзани новости