По сведочењето на Талат Џафери, за обидот за убиство на Зијадин Села, во Кривичниот суд денеска сведочеше и министерот Дамјан Манчевски.
-По завршувањето на пресот веќе слушнавме дека упаднале луѓето што протестираа. Се слушаше кршењето на стаклото и надоаѓаа луѓе. Бев во холот кога се појавија луѓе со фантомки. Веднаш влегов и се обидовме да ги симнеме пратениците кои беа во галеријата затоа што се плашевме да не бидат бутнати. Се слушаше дека топата е пред врата на прес центарот и набрзо се пробија. Веднаш кон мене се упатија неколкумина и ме удрија со бокс во лицето. Потоа се утврди дека носот ми е скршен. Обезбедувањето ме повлече за да ме заштити. Потоа сите маваа. Некој со раце, некој со сталци од камери, столови и монитори. Се што имаше во салата беше фрлено кон нас. Тоа траеше два и пол часа – рече Манчевски.
Според него Зијадин Села и останатите пратеници константно биле цел на нападите.
-Видов дека беше повреден. Имаше крв на главата. Слушав закани и за него лично, за Зоран Заев и за останатите. Дел ги повикуваа со име, а имаше и генерално повикување. Викаа „Убиј го Заев. Убиј го Заев. Убиј ги предавниците!“, рече Манчевски кој спомена дека имало и закани за нивно бесење.
За лицата со фантомки министерот рече дека не биле многу гласни, но се забележувало дека ги координирале останатите.
-Кога остантите замолчуваа тие почнуваа да викаат и ги поттикнуваа и останатите. Ќе се качеа на некоја од масите и ги повикуваа да продолжат со активностите- рече тој.
Тој опиша дел од насилниците, односно посочуваше како биле облечени.
-Во одреден момент еден од толпата се сврте и почна да не брани. Мислам дека тоа се случи кога влезе пратеникот Влатко Ѓорчев – рече сведокот, тогаш пратеник, мислејќи на обвинетиот Тошта.
Тој го опиша и нападот врз Села, односно она што можел да го види.
-Едно време видов дека лежи човек, а насобраните го маваат со клоци и со предмети. Неговото тело се поместуваше од ударите – рече министерот, додавајќи дека Села го напаѓале десетина лица.
Тој не успеа да ги препознае тепачите на Села, односно рече дека не можел да каже точно кој го удирал.
-Дознав дека тој што лежи е Села бидејќи некој извика дека го убиле Села, по што дел почнаа да слават – рече Манчевски.