ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за масакрот на диви свињи во „Јасен“

by fokus

Граѓаните се фрапирани од масакрот во ловиштето во „Јасен“ извршен врз 57 диви свињи, во ловостој и во сезона на размножување. Имено според член 12 од Законот за ловство, ловот на диви свињи е забранет во период од 1 февруари до 30 септември, изјави денеска Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата бараат Јавното обвинителство да ги истражи случајот затоа што, велат,  неосновани се изговорите на управата дека се работи за санитарен, а не за комерцијален лов.

„Доколку станува збор за санитарен лов, истиот се изведува согласно Законот за ловство и член 15 од истиот, кој пропишува дека ловот може да биде извршен единствено со претходно одобрение на Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, од страна на внатрешно вработени лица, врз претходно селектирани единки, под надзор од инспектор за ловство. Санитарниот лов не се прави со надворешни ловци и во форма на масакр. Од оваа слика се гледа дека отстрелот на дивите свињи е направен од надворешни лица. Односно дека станува збор за комерцијален лов. Со однапред договорени клиенти“, изјави Нацев.

Како што рече тој од самата фотографија може да се забележи дека станува  збор за над 20-тина трофејни животни, чијашто цена согласно ценовникот на отстрел на дивеч во ЈП Јасен се движи од 800 до 2.300 евра по единка.

„Односно ловџиите требале да платат од 16.000 евра до 46.000 евра само за трофејните животни. Додека за останатите единки согласно истиот тарифник се движат од 150 до 200 евра по единка. Односно вкупна претпоставена цена би требало да биде 5.500 евра до 7.400 евра. Оттука ловците само за уловот требало да платат од 21.500 евра до 53.400 евра. Како ако имало санитарен лов се отстрелани трофејни животни?Со оглед на тоа дека управата овој лов го претставува како санитарен, тоа значи дека ловците немаат никаква обврска за плаќање за отстреланиот дивеч. Односно ЈП „Јасен“ се откажува од горенаведената сума. Со што нанесува огромна финансиска штета на претпријатието“, рече тој.

Како што посочи Нацев бидејќи станува збор за сезона на породување, управата на ЈП „Јасен“, мора да одговори колку од отстреланите единки биле женски единки и колку од нив веќе имале мали прасиња.

„Дополнително се отвора прашањето дали месото од приближно 5 тони ќе се чува во ладилниците во ЈП „Јасен“, дали ловците си ја зедоа наградата или месото ќе се продава на слободниот пазар? Го повикуваме ОЈО да преземе мерки и да го истражи целиот овој скандал во ЈП „Јасен“ со што ќе се утврди фактичката состојба со законските прекршувања, сторените кривични дела по Законот за ловство, евентуално сторените дела од областа на финансискиот криминал и други злоупотреби направени од оваа неодговорна власт“, порача тој.

Поврзани новости