Манчевски: Груевски и ДПМНЕ бегаат од слободни избори

by Фокус

Ќе застанеме на патот на урбаната мафија. Не е дозволиво во подножјето на Водно да се градат висококатници и да се уништува зеленилото, а на неколку метри од тука да нема ни водовод ни канализација, да нема основни услови за живот, рече потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски вчера пред граѓаните на Карпош.

– Приоритетите мора да се променат и ќе ги промениме. Се додека во секоја општина, град, село, не биде решен проблемот со водоводот, канализацијата, училиштата и амбулантите не можеме да зборуваме за модерна и успешна Македонија. СДСМ има програма и план со реални, остваливи цели и ние тоа ќе го направиме. Три милијарди евра во следните 10 години ќе одвоиме и ќе инвестираме за изградба на патишта. Тоа се 300 милиони евра годишно, за автопати, регионални, магистрални патишта и локални патишта – рече Манчевски.

На средбите, потпретседателот зборуваше и за актуелната политичка ситуација во Македонија.

–  Груевски и ВМРО-ДПМНЕ бегаат од слободни избори, од прочистување на Избирачкиот список и реформа на медиумскиот простор затоа што знае дека на фер избори ќе загуби. После проверките на избирачкиот список се покажа дека над 330 илјади гласачи се сомнителни и тоа го потврди изборниот криминал. Груевски и неговата банда владеела на тој начин што ги крадела гласовите и парите на граѓаните. Но промените доаѓаат и тие ќе се случат на следните слободни, фер и демократски избори – истакна Манчевски.

 

Поврзани новости