МАЛИОТ КОМПЈУТЕРСКИ МОЦАРТ ЈА ИЗГУБИ МАЈКАТА: ПОЧИНА РАДИЦА ЧАЛАСАН

by fokus

Малиот компјутерски гениј, како што го нарекуваа уште во времето кога имаше едвај осум години, Марко Чаласан, денес ја изгуби својата мајка, Радица, која што беше воедно и негов ПР менаџер.

Марко, кој денес има 16 години беше најмладиот системски инженер на светот, а неговата мајка секогаш му беше најголема поддршка. Радица, која по потекло е од Неготино, долги години живееше во Скопје и максимално му беше посветена на својот единствен син, кого што светските медиуми го нарекуваа Компјутерски Моцарт и уште на своја осумгодишна возраст го даде своето прво интервју за лондонски ,,Тајмс’’ кое што потоа беше преземено од сите поголеми светски пишани медиуми.

Радица ја изгуби долгогодишната битка со ракот. Уште пред осум години и бил дијагностициран рак на дојка, и тогаш таа јавно прозборе за болеста, но и за желбата да се избори со неа, за нејзиното дете да расте покрај мајка.

,,Кога ми беше дијагностициран рак на дојка, бев  советувана да отидам на операција веднаш. Не можам да ја опишам  реакцијата на моето семејство. Веста ни дојде како гром од ведро небо, бидејќи никој во моето семејство немал поголеми здравствени проблеми, ниту пак јас сум имала нешто повеќе од обична настинка. Буквално, сите  беа шокирани. Јас бев збунета, не сакав да верувам, па затоа побарав  мислење и од лекари во Словенија и Бугарија, но за жал и тие ми ја потврдија истата дијагноза.  Не сакав да го потресувам моето семејство, не можев да ги поднесам погледите со сожалување, не сакав да ме  гледаат во болничката соба, па затоа почнав да се однесувам како ништо да не се случува. Си го зедов со себе лап-топот во болничката соба и продолжив со сите нормални активности. Во тој период Марко имаше  многу обврски, интервјуа, патувања, а јас како и секогаш продолжив да ги организирам сите настани поврзани со него. Само неколку часа по операцијата морав да се исправам и да продолжам со животот кој го имавме пред болеста, а една недела по операцијата заедно со Марко заминавме на патување во Црна Гора каде што тој на покана на нивното министерство требаше да одржи предавање во економскиот факултет.

Со еден збор, и кажав Не на болеста и не сакав да ја прифатам’’ – ни ја раскажа својата потресна приказна Радица пред пет години, во времето кога болеста се повлекла и таа се надеваше дека ќе го продолжи животот оставајќи го лошото искуство зад себе.

Таа раскажуваше дека во тој период, Марко бил постојано со неа, не прашувал ништо, но се му било јасно.

,,Во тој период со Марко си ги заменивме улогите. Наместо дете, тој ми стана како родител. На секоја минута ме прашуваше како сум, да не  треба нешто да ми донесе, постојано беше крај мојот кревет. Дури и сега, кога ќе легнам да се одморам тој се плаши повторно да не се разболам,  па веднаш прашува што ми е. Затоа дури и избегнувам да одморам’’ – се  смееше раскажувајќи храбрата жена.

По операцијата на дојката на Радица и биле предложени седум  хемотерапии и 22 зрачења како превентива. Кога таа се решила да ја  прими првата хемотерапија, само по неколку часа, од  личност која била постојано активна таа се нашла неподвижна во кревет. Поминала 14 дена во огромни болки, со тешки мачнини и многу  пореметувања во организмот. Иако во лоша состојба, решила да истражува на интернет и се шокирала од сознанието дека многу мал број на пациенти кои што ја примале истата терапија успеале да преживеат.

,,Многу ми беше лошо од хемотерапијата, помислив дека ќе умрам. Сите околу мене беа преплашени, крајно загрижени. Барањето спас преку  интернет ми беше единственото кое што ми преостануваше, па сурфајќи  низ страниците на кои што се нудеа секакви препарати за лекување на  малигни заболувања, случајно вниманието ми го привлече природен лек кој што се нудеше преку шведска веб страница. Се работеше за хербален медицински препарат наменет за третман на различни  канцери, бенигни и малигни заболувања, со или без метастатски промени, со најразлична локализација и фаза на раст, но и средство за третман на заболувања кои се карактеризираат со нарушен имунитет.

Веднаш сакав да го порачам, но при барањето на најпогоден начин за доставување на лекот, на мое огромно изненадување завршив со адреса во Македонија! Отидов во претставништвото на компанијата која што произведуваше  кое се  наоѓа во Скопје и веднаш започнав со терапијата. Првиот месец ми беа  потребни четири дози од лекот, бидејќи бев во многу лоша состојба, а  веќе вториот месец ја намаливме дозата. Резултатите од тумур маркерите веднаш покажаа подобрување, и јас продолжив со терапијата. Го земав лекот неколку месеци и можам да кажам дека ми го спаси животот.

Сега се уште земам по една терапија годишно, чисто превентивно, ја имам истата енергија од порано, се вратив на стариот  живот. Започнав да се хранам здраво, на време, но и спортувам. Сфатив  дека се во животот може да се купи, освен самиот човечки живот и се  надевам дека на многумина ќе им помогне тоа што ја раскажав мојата  приказна’’ – ни рече тогаш Радица, во времето кога и таа и Марко биле сигурни дека болеста ќе им остане само како лош спомен.

За несреќа, болеста пак и се вратила пред извесно време и ја прикова енергичната жена за постелата. Сепак, иако уништена од болеста, таа до последниот здив се трудеше да му помогне на Марко и ги известуваше медиумите за сите негови достигнувања и предизвици од областа на компјутерите.

Вики КЛИНЧАРОВА

Поврзани новости