МВР: Кривична пријава за докторката која издавала лажни уверенија на здрави гласачи

by fokus

Министерството за внатрешни работи извести дека покрена кривична пријава против докторка од „Геронтолошкиот завод 13 ноември“ во Ѓорче Петров, за незаконско издавање лекарски уверенија на здрави граѓани со цел тие, еден ден пред изборите, како болни и немоќни лица, да гласаат во домашни услови.

Од МВР информираат дека има сомненение дека таа издала 58 специјалистички упати и супспецијалистички извештаи за 29 лица како неподвижни, иако истрагата на терен покажала дека некои од нив одат и на работа.

Кривичната пријава е поднесена за сторено кривично дело по член 381 ст.1 ,,Издавање и употреба на невистинито лекарско или ветеринарно уверение.”

-Извршени се проверки од страна на МВР во Државната изборна комисија на Република Македонија, при што е констатирано дека лицата наведени во Барањето до Општинска изборна комисија на Општина Ѓорче Петров, имаат доставено Известување со кое ја известуваат Општинската изборна комисија дека од здравствени причини не се во можност да го остварат своето избирачко право на избирачкото место на кое што треба да гласаат на престојните парламентарни избори во Република Македонија кои што ќе се одржат на 11.12.2016 година и воедно барат Општинската изборна комисија да им овозможи да гласаат во домашни услови. Во прилог на известувањето е доставена и медицинска документација, односно извештај на специјалистот-субспецијалистот од ЈЗУ” Геронтолошки завод 13 Ноември- Скопје”, заверен со факсимил и потпишан од страна на М. И..

МВР изврши службени разговори со директорот на ЈЗУ “Геронтолошки завод 13 Ноември”, со докторката М.И., како и со членовите на комисијата која ги посетувала подносителите на барањата во нивните домови и констатирала дека истите се “болни и неподвижни”, Ј.Ј, Л.Ј. и П.М., сите вработени во оваа институција како медицински лица.

По преземањето на повеќе оперативно-истражни мерки констатирано е дека дел од лицата на кои од ЈЗУ “Геронтолошки завод 13 Ноември – Скопје” им се издадени специјалистички извештаи со дијагноза ,,не се движи, односно тешко се движи” и истите од нивна страна се употребени во Државната изборна комисија, всушност се во добра здравствена состојба, а некои од нив редовно одат на работа -стои во соопштението на МВР.

Поврзани новости