Малчески: Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ треба да се ослободи од врхушката на Груевски

by Фокус

 

После настаните од „црниот четврток“, Никола Груевски го има целосно изгубено легитимитетот во партиското членство, вели универзитетскиот професор и член на Форумот на слободоумни патриоти, Самоил Малчески, кој очекува во блиска иднина да има вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ за избор на нов партиски лидер.

– После кукавичкиот начин на кој тој се огради од луѓето и ги нарече насилници, јас не верувам дека во партијата се уште има некој кој верува дека Груевски има искрени и чесни намери. Треба да дојде лидер кој нема да биде извалкан и да биде поистоветуван со врхушката. Ако јасно не се дистанцира од врхушката и нивните злодела, тогаш не верувам дека ќе има светла иднина, а тоа може да го направи доколку веднаш после изборот за лидер ги распушти општинските комитети и избере нови раководства. Паралелно со тоа, од членство во партија треба да ги исклучи сите оние партиски членови кои биле дел од врхушката или се извалкале со нивните криминали – смета Малчески, додавајќи дека ВМРО ДПМНЕ мора да остане партија со прозападна ориентација, која ќе ги негува пријателските односи со нашиот стратешки партнер САД.

Поранешниот студенски лидер и член на ВМРО-ДПМНЕ, кој не се согласува политиките на актуелното партиско раководство, порачува дека потребна е целосна реконструкција на партијата, преку итна промена во општинските комитети, Централниот и Извршниот комитет на партијата и партиските комисии.

В.С.

Поврзани новости