Малата Ембла учела одвоена во незагреана просторија!

Во текот на постапката Комисијата извршила ненајавен директен увид во училиштето во Гостивар, информираа од КСЗД за „Фокус“.

by fokus

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) ја заврши постапката за случајот со малата Ембла од Гостивар и донесе Мислење дека е извршена дискриминација.

Комисијата утврди дека училиштето извршило сегрегација и исклучување на ученичката од редовниот образовен процес, што претставува облик на дискриминација. Исто така, Комисијата утврди директна продолжена дискриминација кон ученичката поради неприспособена училишна инфраструктура соодветна за нејзините посебни образовни потреби.

ДИСКРИМИНАЦИЈА И ОД РОДИТЕЛИТЕ

Дополнително, КСЗД утврди дека 11 родителки на соученици на девојчето со потпишувањето на Петицијата за нејзино отстранување од редовниот воспитно-образовен процес и организирањето на бојкот на наставата, извршиле повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација, што е забрането со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Во текот на постапката, односно на 11.02.2022, Комисијата извршила ненајавен директен увид во училиштето во Гостивар, информираа од КСЗД за „Фокус“.

Членовите на Комисијата што го извршиле овој увид, констатирале дека тој ден таткото ја донел ученичката во школото нешто пред 13.15 часот, кога започнува втората смена и ја предал ученичката на нејзината образовна асистентка пред вратата на училиштето. Таа ја однела ученичката во одделението, кај своите соученици.

Потоа членовите на Комисијата побарале да ја видат просторијата што ја користи асистентката за работа со Ембла. Тие утврдиле дека се работи за поголема просторија во која еден дел бил адаптиран за работа со ученичката, имало пијано и неколку реквизити за работа со ученичката соодветни за нејзините посебни образовни потреби. Членовите биле информирани дека истата просторија се користела и за работа со уште еден ученик со посебни образовни потреби.

НЕНАЈЕВЕН УВИД И НЕЗАГРЕАНА ПРОСТОРИЈА

Клучната документација при донесувањето на Мислењето Комисијата ја обезбедила од Регионалниот ресурсен центар, каде образовната асистентка има должност да испраќа редовни неделни извештаи за работа со ученичката.

Од тие извештаи, КСЗД утврди дека по бојкотот на наставата од страна на соучениците на ученичката кој траел од 01 до 03 декември 2021, по Петицијата потпишана од страна на 11 родителки, ученичката и асистентката биле сместени во друга просторија, каде ученичката била физички одделена од своите соученици подолг период. Асистентката во тие извештаи информира дека просторијата не била соодветно загреана.

Комисијата сега му дава 30 дена на училиштето да ги спроведе препораките кои вклучуваат:

-да обезбеди услови за непречено одвивање на образовниот процес на ученичката во иста паралелка со нејзините соученици.

-да изработи акциски план, одобрен од ресурсниот центар, во кој детално ќе бидат прецизирани мерките, активностите и роковите за обезбедување соодветна ресурсно-сензорна просторија

– да побара од Ресурсниот центар да одржи задолжителна обука на наставниците и стручните работници за инклузивните принципи и начинот на користењето на средствата на асистивна технологија

Случајот со малата Ембла го сврте вниманието на јавноста кога излезе во медиумите. Претседателот Стево Пендаровски тогаш отиде во Гостивар и го посети семејството на Ембла и тој ја придружуваше до училиштето. Овој потег пак, го привлече вниманието на многу светски медиуми кои позитивно известуваа за постапката на претседателот.

Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости