Максим Димитриевски: Полиција ме запре и ми ги одзеде документите и не носат наводно на технички преглед

by fokus

Полициски службеници попладнево го запрела возилото на актуелниот градоначалник и независен кандидат за Куманово, Максим Димитриевски, му ги одзеле документите без образложение, а возилото кое е ново е испратено на технички преглед, објави Димитриевски на личниот Фејсбук профил преку видео со кое во живо пренесува што се случува на една од најпрометните улици во Куманово.

Димитриевски вели дека заминал да прими терапија кај својот матичен лекар, а полицијата го запрела.

-Еве сега во моментов како да сум најголем криминалец во државата, а не градоначалник на најголемата општина. Со ротации ми ги одземаа документите и не спроведуваат на наводно вршење на технички преглед на возилото, иако возилото е ново, со уредно полномошно за управување, согласно сите законски нормативи и прописи. Сепак, на овој начин јас лично се онеспособувам да ја работам мојата работа како градоначалник и кандидат во рамки на изборната кампања. Односот на полициските службеници е целосно непрофесионален, може да видите дека на возилото се запалени ротации и не насочуваат, каде ќе не носат не знам, вели Димитриевски.

ОД Министерството за внатрешни работи за „Фокус“ рекоа само дека ќе има реакција за тоа што се случува во Куманово, но друго објаснување не дадоа.

Инаку Димитриевски заедно со кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски ќе се трка во втор круг за прв човек на Куманово на 31 октомври.

 

Поврзани новости