Македонците во Австралија за откажаната средба со Иванов: Се изнаслушавме за него, ама никако да го видиме

by fokus

Македонците во Австралија се разочарани поради откажаната посета на претседателот Ѓорге Иванов, која што требаше да трае од 27 март до петти април.

Македонско – австралискиот портал ,,Фаланга’’ пишува дека нашата дијаспора многу се израдувала што конечно Иванов за прв пат во своите два мандата храбро решил да ги посети, па одлуката за одложување на посетата ги разжалостила.

,,Македонците се радуваа дека ќе имаат прилика конечно да го видат претседателот за кого што во последно време доста се изнаслушаа, а за кој што и самите тие гласаа, но за жал тоа нема се случи овојпат’’ – известува ,,Фаланга’’, додавајќи дека било планирано Иванов да ги посети нашинците во Канбера, Сиднеј и Мелбурн.

Според Обединета Македонска Дијаспора, во Австралија живеат над 200.000 македонци.

Иванов вчера беше во Азербејџан, на петтиот Глобален Баку форум на тема ,,Иднината на меѓународните односи: моќ и интереси’’. Не е познато дали остварил средба со нашинци кои што живеат во Азербејџан, ниту пак колку македонци престојуваат таму.

Во јуни 2014 година регионот го тресеше скандал, кога Босанското обвинителство обвини 13 српски и босански државјани кои со измама однеле над 800 лица од поранешните Југословенски Републики во Азербејџан, и таму ги држеле како бело робје. Помеѓу нив имало и околу 120 македонци кои како градежни работници тргнале на печалба во Азербејџан. Експлоатацијата на жртвите се случувала помеѓу 2007 ни 2009 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости