Голем број Македонци и оваа пролет заминаа на сезонска работа во странство, а најголем број од нив бараат работа вп Хрватска. Дел од нив се веќе заминати, а други ќе заминат до крајот на месецот. Заработувачка во странство бараат поради невработеноста, високите цени, незадоволството од платите во Македонија.
Во 2021 година во Хрватска биле издадени 5.925 дозволи за работа и престој на граѓани од Северна Македонија, а лани речиси двојно повеќе или 10.053, пишува „Дојче Веле“ на Македонски.
„Мои пријатели заминаа уште пред еден месец, бидејќи се ангажирани во хотели кои ги отвораат вратите за новата сезона од април. Јас со работа почнувам во јуни. Првпат дојдов на сезонска работа во Хрватска во 2021 година, преку фирма посредник. Лани веќе немав потреба од посредништво, бидејќи директно се договарав со сопствениците на ресторанот во кој работев како келнер. Бев задоволен од платата и условите, а и тие од мојата работа. Одам на истото место“, раскажува за „Дојче Веле“ скопјанец кој се подготвува да замине во Задар.
Според него не се потребни фирми за посредување за да се најде работа во Хрватска, бидејќи од човек на човек се шири можноста дека се бараат работници. Мештаните кога ќе разберат од кај доаѓа работникот, прашуваат дали знае некој кој би можел да дојде и да работи кај нив.
Македонските фирми за посредување велат дека на петокот на летната сезона најбарани се келнери, готвачи, работници во кујна, хотелски персонал и хигиеничари, но дека се бараат и градежници, медицински сестри, продавачи, негуватели, возачи и магационери.
“Но, секогаш не станува збор за лица кои поради невработеност заминуваат на сезонска работа. Има и вработени во јавен сектор кои земаат неплатен одмор за да работат сезонски во странство“, објаснуваат посредувачите.