МРТ најави правни мерки против секој кој ќе се обиде да го дискредитира Детски Евросонг!

by fokus

Јавниот радиодифузен сервис МРТ ја соопшти одлуката дека на музичката манифестација Детски Евросонг во Ница, Франција, годинава во ноември земјата ќе ја претставува Тамара Грујеска од Гостивар.

Таа била избрана од страна на членови на комисијата, чии имиња можеле да бидат објавени само по завршување на изборот, појаснето е во правилникот објавен на официјалната страница на МРТ.

Но, покрај тоа, објавено е и дека ќе се преземат правни чекори против сите кои ќе се обидат да го дискредитираат проектот Детска Евровизија, како и против оние кои негативно ќе влијаат на имиџот на Јавниот сервис.

-МРТ како носител на лиценца и организатор на проектот ќе ги преземе сите правни чекори пропишани со закон, против сите физички и правни лица кои неоправдано или несовесно ќе се обидат да го дискредитираат овој проект и негативно ќе влијаат врз имиџот на Јавниот сервис – наведено е во правилникот.

Освен зад Јуниорски Евросонг, МРТ стои и зад Евровизија.

Како потсетување, по завршувањето на минатогодишната Евровизија која остана запамтена во јавност по низа на пропусти и по инцидентот со фрлањето на македонското знаме од страна на тогашната претставничка Андреа, од МРТ најавија преземање на законски решенија и дисциплински мерки.

Соопштија дека мерките ќе бидат преземени по враќањето на нашата евровизиска делегација од Торино, откако членовите ќе ги поднеселе извештаите за случувањата на церемонијата, кои наидоа на огромна јавна критика.

До денес, јавноста нема информација дали и какви точно мерки биле преземени и дали некој воопшто сносел одговорност за настаните.

Единствено, беше откажано учеството на земјата на Евровизија 2023, поради економска криза, со најава дека наредната 2024 година повторно ќе се вратиме на евровизиската сцена.

Вики Клинчарова

Поврзани новости