Македонско канадски адвокати го повикаа Груевски да се повлече од уставната промена!

by Фокус

Канадскиот правник и претседател на Друштвото на македонските канадски правници (МЦЛА), Крис Г. Палиаре О.Онт. испрати писмо до премиерот Груевски и претседателот Иванов, изразувајќи силно противење на предложениот уставен амандман XXXIII, со кој ќе се забранат истополовите бракови, како и воведување забрана за граѓански заедници или било која друга форма на животно партнерство за истополовите партнери.

Македонско-канадското здружение на правници, каде се претставени повеќе од педесет канадски адвокати со македонско потекло, во согласност со мислењето од Извештајот на Венецијанската комисија, го повика премиерот да се повлече овој предлог на Нацрт-амандмани на Уставот на Република Македонија.

Адвокатите сметаат дека не постои рационално-правно оправдување за овој уставен амандман.

„Единственото оправдување што може да произлезе е поради политички цели, кои никогаш не треба да бидат дел од владината програма, кога се во прашање човековите права. Второ, доколку самата држава Македонија се ангажира во уставна дискриминација на сопствениот народ, така ќе се оневозможи тешкиот процес на убедување на другите земји за потребата од заштита на македонските човекови права, бидејќи се чини дека истите не се достојни за заштита на сопствената територија. Трето, во шест наврати ЛГБТИ Центарот за поддршка во Скопје беше нападнат во текот на изминатите две години, од кои во пет од случаите нема правни последици, вклучувајќи го и нападот што се случи на 23 октомври 2014 година во кафе-барот ,,Дамар” во Скопје врз ЛГБТ заедницата, при што вооружени, маскирани хулигани извршија напад за време на прославата за 2-годишното постоење на ЛГБТИ Центарот за поддршка“ пишува во писмото.

Палиаре тврди дека шестте напади од последните две години, без било кој од сторителите да се гонети или изведени пред лицето на правдата, не е нешто со што Македонија треба да се гордее.

На крај, Палиаре го потенцира и економскиот удар кој земјата ќе го доживее доколку овој амандман помине, особено поради тоа што Владата на премиерот Никола Груевски активно бара странски директни инвестиции. Ако клучните вработени се во истополовите бракови или нивните деца се во таков однос, тоа може да биде пресуден фактор во нивното одлучувањето да се лоцираат на друго место. Компаниите имаат голем избор за тоа каде може да се лоцираат, и токму таму ќе се лоцираат. Дополнително, адвокатите сметаат и дека туризмот неизбежно ќе биде негативно погоден од уставните измени.

Од МЦЛА  велат дека до денеска, ниту претседателот Иванов ниту премиерот Груевски не одговориле на писмото.

Поврзани новости