ЕКСТЕРНО: Нема бесплатно после првите две полагања, испитот ќе се снима!

by Фокус 12:17
12:17

Новите законски решенија кои го тангираат екстерното тестирање во текот на вчерашниот ден беа објавени на веб страна на ресорното министерство.

Детално е објаснето она што најмногу ги засега студентите, односно како ќе изгледа државниот испит.

„Заради проверка на стручната оспособеност на студентите за самостојна примена на стекнатите знаења, способности и вештини пропишани во самата студиска програма, во текот на студирањето и на крајот на завршната година се изведува и државен испит за студенти запишани на прв, односно втор циклус на студии. Државниот испит за студенти го реализира Одборот за акредитација и евалуација на високото образование“, се вели во соопштението од МОН објавено на нивната веб страна.

- Advertising -

Новите измени предвидуваа студентите државниот испит да го полагаат по завршување на втората студиска година, но може и порано доколку студентот има положено најмалку 50% од вкупниот број на предмети предвидени за конкретната студиска програма и на крајот на завршната година на студии, пред одбрана на дипломската работа, доколку студиската програма предвидува изработка и одбрана на дипломска работа.

Државниот испит студентот го полага само еднаш во кварталот на академската година, при што првите две полагања се бесплатни. Студентите запишани на втор циклус на студии државниот испит го полагаат на крајот на последната студиска година.

Доколку студентот не успее да го положи државниот испит двапати по ред, наредните пријавувања за полагање се на негов товар.

За трето пријавување ќе треба да се плати 1.000,00 денари, за четврто 6.000,00 денари и за секое наредно пријавување по 12.000,00 денари.

Во испитот ќе има по пет прашања со различна тежина за секој предмет, како и четири понудени решенија, а електронски ќе биде достапна базата на прашања со клучните предмети за државниот испит. Испитот ќе може да се полага само еднаш во кварталот на академската година. Студентите ќе полагаат електронски, а ќе се поминува со најмалку 70% од вкупниот број поени, за секој предмет поединечно. Државен испит ќе има и за студентите запишани на втор циклус студии кои ќе го полагат на крајот на последната студиска година. Полагањето на испитот, според овој предлог, ќе се снима и емитува во живо на веб страницата на Министерството за образование.

Минатата недела студентите одржаа масовен протест протв екстерното тестирање, на кој се приклучија и многу професори и јавни личности. Неколку дена подоцна Министерот Адеми објави дека Владата нема да се повлече од предлогот за државен испит.

Поврзани новости