Две години по првите случаи на Ковид-19, луѓето се чини дека се повеќе се навикнаа да живеат со пандемија. Меѓутоа, глобалното јавно мислење сега изгледа покритично кон идејата за жртвување на човековите права (намалување за 10 процентни поени), иако сè уште преовладува подготвеноста да се жртвуваат човековите права во борба против вирусот. Сомнежот во ефикасноста на главната алатка за борба против Ковид 19 – вакцините – се зголемува бидејќи половина од анкетираните ширум светот не се сигурни дали вакцините навистина функционираат.
Ова се некои од главните наоди на новото глобално истражување за ставовите кон вирусот
КОВИД-19 , спроведено од Меѓународната асоцијација Галуп на крајот на 2021 година кое вклучува околу 42 000 полнолетни граѓани од 45 земји низ светот меѓу кои и Македонија.
На прашањето дали вакцините против корона вирус се навистина ефикасни, Македонија е во рамките на светскиот просек, скоро половина (49%) од испитаниците се изјасниле дека се согласуваат со оваа изјава, 43 отсто не се согласуваат, а 5 отсто немаат одговор на ова прашање.
Прашани дали заканата од корона вирусот е претерана, во земјава, 60 отсто од анкетираните веруваат дека заканата од корона вирусот е претерана, 34 проценти сметаат дека заканата од корона вирусот не е претерана и 5 отсто немаат одговор на прашањето.
На прашања колку сум подготвен да жртвувам некои од моите човекови права доколку тоа помогне да се спречи ширењето на вирусот, Македонија е во рамките на светскиот просек (60%), 61 процент од анкетираните во земјава се согласуваат со оваа изјава и покажуваат подготвеност да жртвуваат некои од своите човекови права доколку тоа го спречи ширењето на вирусот, 31 процент не се подготвени за тоа, а 8 отсто немаат одговор на ова прашање.
Според истражувањето, на светско ниво мислењата се поделени за ефикасноста на вакцините – половина од анкетираните се сомневаат дали тие се навистина ефикасни, додека 43 отсто не се сомневаат. Несигурноста кон вакцините е најизразена во Африка (64%),исто така несигурност е изразена и на Блискиот Исток, Индија, Азија и Русија. Најмалку кои се сомневаат за ефикасноста на вакцината се луѓето во Австралија (78%), ЕУ (53%) и САД (51%). Овој иманентен сомнеж, според анализата на резултатите, има потенцијал да го наруши и рутинското вакцинирање.
Истражувањето покажува и дека луѓето се помалку подготвени да ги жртвуваат своите човекови права за да го спречат ширењето на вирусот две години по почетокот на пандемијата, иако подготвеноста сè уште преовладува. Сега, 60 отсто ширум светот изјавуваат дека се подготвени, па дури и многу подготвени да жртвуваат некои од своите човекови права доколку тоа би го спречило ширењето на болеста, а 31 процент не се согласуваат или многу не се согласуваат. Останатите се двоумат да одговорат. Пред една година, 70 проценти од испитаниците ширум светот изјавија дека се подготвени да се откажат од некои од своите права во борбата против Ковид-19. Една четвртина се спротивстави на идејата да ги жртвуваат своите права за да се спречи ширењето на пандемијата.
-Животот со вирусот е прифатен како “новото нормално“ од поголемиот дел од јавноста низ сите континенти, но поддршката за ограничувањата опаѓа речиси насекаде. Огромното одобрување на владите, регистрирано во светот пред две години на почетокот на пандемијата, постојано се намалува. Вакцините веќе не се доживуваат како „магично чудо за спас“ за мнозинството од глобалните граѓани и сериозно разочарување од тој аспект е регистрирано во развиените земји каде што нивото на вакцинација е високо. Кризата со пандемијата не е завршена, но начинот на кој се решаваше досега ја губи поддршката од јавноста и има јасни знаци дека „повеќе од истото“ нема да функционира, вели Канчо Стојчев, претседателот на Меѓународното здружение Галуп (ГИА).