Загрижувачко намалување на бројот на домашни и странски туристи, како и ноќевања, покажуваат официјалните статистички податоци за периодот јануари – јули 2021 во однос на истиот период во 2019 година, пред корона пандемијата. Ова намалување е најголемо споредбено со сите земји од регионот, што упатува на заклучокот дека мерките за позиционирање на земјава како дестинација на меѓународниот туристички пазар се најслаби од сите држави во регионот, а загубата на бројот на туристи и ноќевања е процентуално највисока, оценува Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија.
Според Здружението, македонскиот туристички сектор е во лоша состојба и се уште има потреба од поддршка. Предвидувањата се дека бавно ќе закрепнува. Се очекува намалувањето на туристи и ноќевања за 2021 година да биде околу 60 отсто, а во 2022 година да изнесува приближно 40 проценти доколку не се променат пристапот и политиките. Обновување на пазарот и достигнување на перформансите од 2019 година се очекува најрано во 2023 година, а најдоцна до 2025 година.