На Европа ѝ се заканува недостиг на струја и гас?

by Fokus 14:30
14:30

Сметките за електрична енергија за домаќинствата и за бизнисите драстично се зголемија низ цела Европа. Во текот на оваа година цената постојано се зголемуваше, но најзабележителен беше скокотот во септември. Само во овој месец цените на големо на електрична енергија во Германија се зголемија за речиси педесет проценти, пишува во подолг напис „Дојче веле“.

Главната причина е глобалниот недостиг на гас, кој ја зголеми цената на овој енергент за четири пати од почетокот на годината. Се чини дека ситуацијата се влошува и многу влади стравуваат од прекин на електричната енергија пред неизбежниот скок на побарувачката во текот на зимата.

- Advertisements -

Во Обединетото Кралство, најголемите енергетски компании побараа од владата пакет за итни случаи. Пет помали добавувачи веќе престанаа да работат во последниот месец поради неможноста да ја платат енергијата со која требаше да ги снабдуваат компаниите. Други се плашат дека може да им се случи истото и во наредните денови и недели.

Во Шпанија, владата веќе усвои итен закон за намалување на високите сметки за енергија за потрошувачите преку пренасочување на профитот од енергетските компании. Италија оваа недела претставува пакет за поддршка на домаќинствата вреден 4,5 милијарди евра, додека Франција воведе субвенции за милиони домаќинства со ниски приходи.

Според „Verivox 32“, онлајн платформа која ги споредува цените на енергијата, цените во Германија во просек се зголемиле за 12,6 проценти во септември и октомври. Според нивните податоци, таквото зголемување претставува 188 евра дополнителни трошоци за греење годишно за едно домаќинство.

Една од причините за недостигот е тоа што Европа ја добива енергијата од различни извори, при што природниот гас изнесува околу 20 проценти. Некои земји повеќе се потпираат на гас отколку други. Во Германија, речиси половина од домаќинствата се греат на гас.

Исто така, недостигот на гас во голема мера беше под влијание на временските услови. Минатата зима во Европа беше невообичаено студена, што ги намали резервите на гас. Гасот обично се надополнува во текот на пролетта и летото во подготовка за следната зима, но еден од најстудените априли во последните две децении го отежна снабдувањето.

 

Поврзани новости