Ние немаме, ние изгубивме обединувачки допир. Не зборам лично за тебе или за мене, зборам за сите нас. За целокупната слика. Поделени сме во секој избор. Но, за мене националниот интерес е пред било која партија. Ме нарекувале комуњар, соросоид, платеник луѓе што не ме познаваат. А за оние кои ме познаваат не сум ништо повеќе од човек што си го сака народот, сиот народ, да го види обединет за заедничка цел, обид и шанса за подобар живот на сите. Чесните, работливите и некоруптивните заслужуваат шанса затоа што силно верувам дека се многу повеќе и побројни од спротивните на нас.
Кај нас луѓето се мразат без да се познаваат, многу полесно мразат, отколку да сакаат и се обидат да разберат. 25 години не застанавме еден до друг за заедничка идеја. Едни кога поддржуваат едно, другите се веднаш контра без да размислат или дискутираат. Е тоа мора да го скршиме, па потоа да си бидеме политички и партиски определени и да дискутираме за различностите. Не знам, наивно звучи, непоправливо и комплексно сето тоа нужно обединување, ама ако се караме и не се сакаме само поради различниот избор и определување тогаш и не заслужуваме подобро. Туку напротив, го заслужуваме тоа што сега ни се случува – поделени, омразени и разединети како народ.
Македонија со години си пати и страда од синдромот – Не зошто јас немам, туку зошто ти имаш? Не зошто јас сум тажен, туку зошто ти да бидеш среќен?“
Кога ли ќе биде различно? Не знам, но знам дека треба волја и разум на повеќемина.