Македонскиот павилјон освои главна награда во конкуренција со 79 земји на Прашкото Квадриенале

by fokus

Павилјонот на Република Северна Македонија со наслов „Оваа зграда зборува (на)вистина” на вчерашното доделување на наградите на Прашкото Квадриенале за перформанс дизајн и простор  (6-16 јуни 2019 година) ја доби главната награда „Златна Трига“ која се доделува за најдобра изложба и претставување на оваа манифестација.„Оваа зграда зборува (на)вистина“ е дело на уметникот Филип Јовановски и кураторката Ивана Васева, продуцирано од Музеј на град Скопје и неговата директорка Фросина Зафировска и беше во конкуренција со 79 земји од светот.

Интернационалното жири гласаше во широк спектар на категории, вклучувајќи изложбено искуство, најветувачки студент талент, најдобар кураторски концепт или награда за животно дело – вкупно 28 награди. Жирито на Прашкото квадриенале во 2019 година се состоеше од Дорита Хана, Тим Фостер, Џим Клејбург, Лиу Ксинглин, Софија Пантуваки, Роберт Капловиц, Јарон Абулафија, Содја Лоткер, Омар Рајех, Моника Раја и Кејт Бејли. Наградата ја дизајнираше архитект Петр Бакош. Според статутот на ПК, наградите ги доделува Министерот за култура на Чешката Република по препорака на меѓународното жири, со исклучок на ПК Младинска награда, која директно ја доделувамладинската публика.

Објаснувањето на жирито за престижната награда за „Оваа зграда зборува (на)вистина“ вели: „Оваа изложба е повеќеслојна заедничка работа која ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација. Тоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст. Златната Трига оди кај Република Северна Македонија “.

Павилјонот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ се состои од просторна инсталација со перформативен дел со актерката Кристина Леловац, која е дел од „Изложбата на земји и региони“и се изведува секој ден од 13 часот; кратко видео насловено „Кино Култура“ кое е дел од архитектонската изложба на простори за изведувачки уметности (Performance Space Architecture Exhibition) и двојазична публикација.

Публикацијата  за овој проект,  уредена од Ивана Васева и Филип Јовановски, претставува зборник од текстови на неколку истакнати автори од областа на визуелните уметности, перформансот, театарот, архитектурата и културните политики, како Биљана Тануровска Ќулавковски, Борис Бакал, Оливер Фрљиќ, Ана Виленица, кураторски текст на Ивана Васева, осврт на сите активности од иницијатвата „Кога зградите би зборувале“ на Филип Јовановски, интервју со Кристина Леловац, текст за архитектурата на Железничка зграда од Томе Димитриевски како и анкета со жителите на  Железничка зграда спроведена од организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“ во соработка со Симона Димковска, Марија Гелмановска и Јана Кастратовиќ.

На отворањето на павилјонот на 7 јуни настапуваше Телемама.

Поврзани новости