„Македонски шуми“ должи данок колку две „Пајажини“, ама не е мафијашка структура!?

by Фокус

Текстов е објавен на 25 ноември 2011-та во неделникот„Фокус“ во бројот 856.

Пишувал
Гоце МИХАЈЛОСКИ

Македонија е мала држава и не може да се пофали со којзнае каква економија. На прсти можат да се избројат компаниите што имаат годишен приход од повеќе десетици милиони евра. Се знае дека неколку од нив се занимаваат со извоз на руди и на железо, дел парите ги заработуваат дома со телекомуникациските бизниси, но малку е познато дека меѓу нив има и една што е во државна сопственост – најголемото јавно претпријатие „Македонски шуми“, кое со години наназад има годишен приход од 25 до 30 милиони евра!

Ова и не е изненадување, ако се знае дека претпријатието само го користи она што природата ѝ го дала на земјава, и тоа на ангро, колку што сака. Нема проблем со производство, ниту пак со пласман. Сече дрва од шумите и ги продава, просечно по околу 600.000 метри кубни годишно, а дополнително, преку Законот за шуми, има гарантиран монопол врз бизнисот. Со ваквата позиција, тоа е единствената фирма што неспречена од никого може да ги соголува планините. Дури и луѓето што имаат приватни шуми, мора да добијат дозвола од претпријатието, ако сакаат да сечат од сопствените стебла!

МНОГУ ВРАБОТЕНИ, МАЛКУ РАБОТНИЦИ

Неверојатно, но и покрај ваквите околности, „Македонски шуми“, откако е формирано пред 13 години, работи на работ на рентабилноста, или, пак, со загуба!? Заработуваат многу, но парите им стигаат само за плати и за одржување на возилата стари во просек од над 25 години, за кои само лани се потрошени над 2 милиони евра. Со ваква механизација, јавното претпријатие врши изградба, реконструкција и прочистување на шумски патишта во услови на временски непогоди.

Проблемите влечат конци уште од начинот на создавање на претпријатието, кога наместо рационализација на поранешните шумски стопанства, Владата одлучи да ги спои сите во една фирма. На тој начин, создаде чудовиште, кое, за да не го лути, воопшто не го чепка, а не, пак, да се осмели да го реформира. Дополнително, сите партии, како што доаѓаа на власт, во него гледаа дебели тендери и удобни јасли за залебување на своите војници. Така, по славните Промени во 1998 година, 15 септември 2002-та и Преродбата во 2006-та, потоа проширена и надградена во 2008-tа, „Македонски шуми“ успеа да вдоми 2.440 луѓе, за кои, само за плати, се одвојуваат по 1 милион евра месечно!

Но, тоа и не би било најстрашно, доколку оваа бројка вработени беше доволна за да ја заврши работата, за која постои претпријатието. Во него има вработено околу 50 директори, секој од нив со свој возач, голем број секретарки, правници, економисти и други службеници, но нема доволно стручен кадар за да ги извршува основните дејности. Ревизорскиот извештај за претпријатието за 2010 година, што беше објавен деновиве, откри дека дури 92 проценти од работата ја извршуваат надворешни фирми!

„Ревизијата укажува на потребата од сообразување на работните задачи, работните места и вработените лица, дотолку повеќе што основната дејност, дотур сеча и превоз (на огревно и техничко дрво), се врши со надворешни извршители за кои дополнително се плаќаат средства, кои достигнуваат и до 92 проценти од средствата што се исплаќаат за плата на редовно вработените“, забележуваат ревизорите.

Ако се има предвид дека за плати годишно се одвојуваат 12 милиони евра, според наодиве на ревизорите, за ангажман на надворешни фирми се плаќаат дополнително уште десетина милиони евра, или, вкупно само за плати, се трошат 22 милиони евра, што претставува три четвртини од вкупните приходи.

Во изјавите за медиумите, актуелниот директор Жарко Караџоски неодамна призна дека има превработеност во претпријатието, но проблемот, според него, лежи во тоа што работниците во јавните претпријатија се заштитени со многу колективни договори и со утврдена минимална плата. Дополнително се жалеше дека не може да ги натера неговите работници да отидат во планина за да сечат дрва!

ДОЛЖAT 21,2 МИЛИОНИ ЕВРА ДАНОК

Домаќинското работење не било силна страна на сите досегашни раководствата на „Македонски шуми“. Доказ за тоа се натрупаните долгови кон државата, за кои пак, се чини ниту таа не е многу заинтересирана, ем загрижена. Некој ги направил, некој ги наследиле па надградил, но никој не е виновен, се разбира.

Според ревизорскиот извештај за 2007 година, заклучно со 3 декември истата година, по основ на неплатен ДДВ, данок на добивка и персонален данок, јавното претпријатие должело вкупно 18,6 милиони евра и немало платено придонеси во износ од 4,3 милиони евра. Три години подоцна, за време на директорувањето на Владимир Бахчовановски и неговиот наследник Жарко Караџоски, долгот кон пензискиот и здравствениот фонд се намалил на 2,8 милиони евра, но затоа тој кон Управата за јавни приходи нараснал на фантастични 21,2 милиони евра. Тогаш на сцена стапува директорот на УЈП, Горан Трајковски, кој покажал големо разбирање за претпријатието и одобрил долгот да го отплаќа на 120 рати, и тоа со грејс период од 3 години. Па така, ќе почнат во март 2013-та и ќе го исплаќаат без камати до март 2023 година, односно, по 175.000 евра месечно, за хепи енд на спорот.

Власта до сега не се потресе до толку, да бара одговорни за состојбите во „Македонски шуми“, но е свесна дека таму работите не се розови. Сепак, сѐ уште не презема ништо, иако и со Законот за шуми донесен во 2009 година, има обврска да донесе посебен закон за трансформација на претпријатието. Предлог-законот од поодамна е на маса пред министрите, но решавањето на проблемот, според упатените, се одлага поради две причини. Од една страна, бидејќи на сите им одговара статус-кво ситуацијата, а, од друга, затоа што постојат различни концепти за тоа како да се изврши трансформацијата. Директорот Караџоски сугерира да се примени австрискиот модел, кој подразбира концесијата и заштитата на шумите да останат во работните задачи на јавното претпријатие, а комерцијалниот дел, преку јавно-приватно партнерство, да го работат заедно со приватни компании. За разлика од него, вицепремирот Зоран Ставревски, во колумна од 2008 година, сугерираше се да остане државно, со тоа што ќе се воведе тристепена организациска поставеност: дирекција, 6 регионални центри и 30 шумски управи, секоја со прецизно одредени задачи. Но, двата концепта никако да видат бел ден. А и нема потреба од брзање, бидејќи ЈП „Македонски шуми“ и вака нема да пропадне. Има уште многу дрва за сечење, иако претпријатието понекогаш може повеќе да потроши, отколку да исече и да продаде!

Расипништво
ЗА ВИСКИ ПОТРОШИЛЕ 6.000 ЕВРА?!

Антикорупциската комисија не се истакнува многу во гонењето на актуелни функционери, но, еден од ретките за кого побара разрешување, е актуелниот директор на шуми, Караџоски. Барањето го упати Илми Селами во јануари годинава, како тогашен претседател, бидејќи комисијата утврдила дека директорот незаконски потрошил 11.500 евра за угостителски услуги, среде економска криза. Од нив, половината биле потрошени за виски, а другите за ручеци и вечери. Наводите беа веднаш демантирани од Караџоски, кој најави судска пресметка со Селами, а Владата го остави да директорува!

Колумнистот критичен
СТАВРЕВСКИ НЕМА ВИСОКО МИСЛЕЊЕ ЗА „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“

Од досегашното искуство во функционирањето на ЈП „Македонски шуми“, а и од искуствата што ги имаат земјите во транзиција, јасно се наметнува потребата за поинаква организациска поставеност на ова претпријатие. Преструктурирањето на ЈП „Македонски шуми“ е нужно поради следното: преголема задолженост, несоодветен однос на режиски со продуктивни работници, големи трошоци на производство, големо учество на трошоците на непродуктивните работници во вкупниот приход, лошо поставени функции на овластувања и одговорност, урамниловка во наградувањето, поради што отсуствува мотивираност и креативност кај стручниот кадар; централизираната поставеност го оневозможува користењето на други ресурси што ги нудат шумите, а се во интерес на остварување дополнителни приходи (други шумски производи, туризам, спорт, рекреација); отсуство на финансиска автономија во организациските единици; несоодветна и краткорочна кадровска политика која влијае дестимулирачки кај вработените…. Ова е само дел од колумната за „Дневник“ на вицепремиерот Зоран Ставрески од 12 декември 2008 година.

Богата фирма
ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ РАСПОЛАГА СО 70 ОТСТО ОД ШУМИТЕ

„Македонски шуми“ стопанисува со површина од 935.000 хектари, од кои 817.000 ха или 90 проценти од вкупниот шумски фонд се во државна сопственост, додека 89.000 ха се во приватна сопственост. Според формата на одгледување, шумите во Македонија со кои стопанисува оваа јавно претпријатие се високостеблени, на површина од 262.790 ха , или 29 отсто, како и нискостеблени, на површина од 643.000 ха, или 71 проценти од вкупната површина под шуми. Според намената, 92 проценти од шумите се од стопански карактер и тие се протегаат на површина од 834.347 ха, 17.617 ха се под заштитни шуми, а 54.036 ха опфаќаат шумите со посебна намена. Вкупната дрвна маса со која што располага ЈП „Македонски шуми” изнесува 74.343.000 метри кубни, со вкупен годишен прираст од 1.800.000 метри кубни.

Поврзани новости