Македонски олигарси (3): Штерјо Наков

by Фокус

Текстот е објавен на 30 јуни 2007 во неделникот „Фокус“ број 626

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Штерјо Наков и Минчо Јорданов може да се сметаат за најмоќните олигарси или, ако така им годи повеќе – најголемите инвеститори во Македонија. Додуше, Штерјо како „нумеро уно“ на домашната „десетка“ додека Минчо како најистакнат бренд на тајкуните со „руско потекло“. Ваквата привилегија да бидат издвоени од групировките ја „заработија“ според она што официјално се знае дека е во нивен посед. Така земено нивните империи тежат побајаѓи и во евра и во хектари.

Иако се разликуваат по многу нешта овие „ајкули“ на македонската транзициона економија сепак имаат допирни точки. Ги спојува на почетокот скопската железара, каде Минчо беше генерален директор, а „Фершпед“ ја работеше шпедицијата. Сега, пак, ги поврзува железницата односно амбициите да станат газди на нејзиниот транспортен сегмент. Иако на почетокот се говореше дека двата моќни тајкуни се со намера да се тркаат поединечно за транспортот на МЖ, откако се обелодени дека австриската шпедитерска компанија „Шенкер“ е со истите амбиции, наеднаш се пушти муабетот дека Штерјо и Минчо решиле да се здружат заедно до целта. И „Фершпед“ и „Макстил“ за превозот годишно даваат меѓу 6-8 милиони евра на сметката на МЖ, па логично и нормално што железничкиот транспорт е одамна во нивните агенди.

Дека обајцата се пуштени во погон, потврдува и фактот дека пред некој месец Штерјо го продаде својот удел во „Комерцијална банка“. Така барем се протолкува веста за зделката тешка 10 милиони евра од продадените 5% од капиталот на КБ, преку 4 блок трансакции на берзата. Неофицијално, акциите ги продал „Фершпед“, но и „Брилијант“ на Мите Николов, фирма поврзана и блиска со Штерјо Наков (Мите му е внук). Приближно во исто време, Минчо се пофали со нов кредит од 22 милиони евра.

Секако, заедно се посилни, но да се задржиме на секој од нив одделно. Како изгледаше нивниот транзиционен подем или метаморфозата од подобен социјалистички директор во влијателен и моќен инвеститор … или по нашки- олигарх.

ШТЕРЈО НЕ ГО БОЛИ ЗА ПРИВАТИЗАЦИЈАТА

„Што те боли тебе к…р за приватизацијата“’ – беше вулгарниот коментар на газдата на „Фершпед“ што ТВ А1 го емитуваше на своите ударни вести минатата година. Иако потоа се обиде преку „Утрински весник“ да си ја поправи „крвната слика“ со пораката дека „приватизацијата му ја оспорувале луѓе што не направиле ништо во животот“, сепак телевизијата на Велија Рамковски го разголи моќниот олигарх  како арогантен простак.

Но за пореално објаснување на транзицискиот феномен „Штерјо Наков“ ќе се послужам со изјавите дадени за „Фокус“ пред некоја година од Драгослав Димески и Милорад Јовчевски, луѓето кои ја започнаа битката низ институциите за незаконитостите во приватизацијата на „Фершпед“. Димески бил и еден од 16-те менаџери што го презедоа управувањето во оваа шпедитерска куќа, и во клучниот период нејзин претставник во Солун. Најкусиот коментар за клучот на успехот на Штерјо им се сведува на формулате: моќно лоби што тој го контролира.

А патот не му е многу трнлив. Влегува на работа во „Фершпед“ во 1983 година, но најмногу ќе му се „позлати“ периодот на ембаргото кон Србија. Кога Владата ќе донесе одлука дека само „подобни“ типови можат да го кршат ембаргото, на списокот видно место ќе добие токму Штерјо. И Бинго! Нафтата и бензинот купени во Солун и товарени во железнички или друмски цистерни чинеле околу 208 до 210 долари по тон, а некогаш и по 192 долари. Во Србија потоа се продавани до 500 долари, а при крајот и по 700 долари по тон. Или за 300% поскапо. Државата имала евиденција на протокот на стоката, но не и на парите. Димевски објаснува: Ние ја плаќавме нафтата на инсталациите на „Џет оил“ и „Мамидакис“ во Солун, а парите од продадената нафта во Србија доаѓаа преку „Фершпед“.

Еве ја „веселата математика“ ако за еден ден заминат само два воза. Еден маршрутен воз има 20 цистерни, секоја цистерна е натоварена со околу 50 тони нафта или бензин, или вкупно еден воз има околу 1.000 тони. Ако ја пресметате само разликата во цените, ќарот е околу 500 000 долари. Од нив да ги одбиете транспортните трошоци, приближно 30 000 долари, имате чист ќар од 470 000 долари. Ова е само дневниот „пазар“. Понатаму множете ја сумата со денови, недели и месеци, колку што траеше ембаргото и ќе добиете цифри од која боли глава.

Но „Фершпед“ превезува тогаш и бакар. Тој, пак, поради условите што ги имаа Србите, доаѓал со 21% под берзанската цена. Милиони се тоа само по дневна шема. Каде завршија?! Или и за тоа ич не треба да не боли к..р?

МОЌТА НА ЛОБИТО

Но вака „зајакнат“ се втурнува во вториот негов махерски проект – приватизацијата на шпедитерската компанија. Основната „фалинка“ во трансформацијата е што „Фершпед“ воопшто не можел да се приватизира по законот на Анте Марковиќ затоа што е основан со 51% средства од Јавното претпријатие ЖТП, основано од Собранието на СРМ. Значи, таму капиталот е државен, а не општествен. Со оглед на тоа што не постоела одлука на ЖТО за трансформацијата, со тоа е оштетен државниот капитал и сите акти се ништовни бидејќи се незаконски. Со ова се согласуваат сите правни експерти што не се во лоби мрежата. Според акционерите, пак, што ја оспоруваат приватизацијата, за таа цел се фалсификувани судските документи. Или логично резонираат дека тоа мора да се направило со помош на некој од судството.

И следната фаза, во 1995-та, кога се влегува во приватизација со менаџерски откуп, според Димовски и Јовчевски има „фалсификаторски“ шмек. Тие се убедени дека се фалсификувани акционерските книги. Сижето на драмолеткава е следно: Агенцијата за приватизација овозможува менаџерски откуп за „Фершпед“, иако 16-те менаџери имале откупено само 3,66% од проценетата вредност на претпријатието, а законскиот минимум е 10%. Па со „напумпување“ еден месец пред да го склучат договорот со Агенцијата, менаџерскиот тим „добил“ 13,99%. Нашите соговорници тврдеа дека Агенцијата можела да ја открие дубарата. Но очигледно на вакви „дребулии“ не арчеле драгоцено време. И нормално, тоа проаѓа токму во времето на Таки Фити. Или како што ни рекоа соговорниците од „Фершпед“: тоа е моќта на лобито.

Следува ново продолжение од истиот проект. Ноември 1998-та се влегува во доприватизација. Што е тука спорно? За доприватизацијата на „Фершпед“ на база на менаџерски откуп требало да се откупат 6.771 акција, а поделени биле само 6.137 акции. Остануваат неподелени 634 акции. Каде се? Димевски, кој тогаш е дел од менаџерскиот тим, одговара дека веројатно Штерјо и Кираца си ги задржале акциите што ги зеле од акционерите, а од доприватизацијата им ги вратиле на дел од обичните акционери

И тоа не е крај на приказната. Сериозни се сомнежите за фиктивни трансакции на акции. Имено, во февруари 1995 година Штерјо имал 50 акции, а Кираца 41 акција. Во делот од потврдите за промени кај обајцата се набележани повеќе купувања на акции, на пример, Штерјо купил 394 акции, а Кираца 490. За нашите соговорници, тие се измислени затоа што тогаш никој не поседувал толкав број на акции. Едноставно, во „Фершпед“ газда Штерјо го имал максимумот – 50 акции. Дури и евентуално да купил 200 акции од 20 лица, на пример, тогаш би морал да склучи 20 договори.

МИЛИОНИТЕ НА ВНУКОТ МИТЕ

И доаѓаме до моментот кога нешто треба и да се плати. Менаџерите на „Фершпед“ земаат кредит од „Стопанска банка“ врз основа на писмена изјава за залог на потврдите за обични акции, иако истите во тоа време не преставувале хартии од вредност. Договорите биле склучени во 1996, а дури после 40 месеци до банката се доставени акциите како залог. Исто така, како гаранција за овие кредити за физички лица биле дадени акцептни налози од „Фершпед“, што повторно се коси со законот.

Но, еве, според анализата и податоците на Димевски и Јовчев, како и од кои извори плаќал газда Штерјо. Есапот изгледа вака: во готово уплаќа околу милион и 100 илјади евра. Ако се подели со тогашната вредност на една акција – 600 евра, значи дека со тие пари Штерјо откупил 1.853 акции. Со кредитот што го има подигнато од „Стопанска банка“ во износ од околу 500 илјади евра откупил 897 акции. Или вкупно платил 2.750 акции. Математиката се расипува со податокот дека платил 2 750, но поседувал 4.236 акции. Дилемата: како ги платил 1.486 акции кои коштаат без малку 900 илјади евра, нашите соговорници ја разрешија преку сомнежот дека овие 1.486 акции воопшто не му се платени. Инаку, денес на берзата овие неплатените вредат околу 10 милиони евра. Ете, толкав е ќарот од „бакшишот“ акции.

Сепак, има тука со плаќањето уште една занимлива цака. Кредитот од „Стопанска банка“, Штерјо го отплаќал со месечната рата од 6.500 евра. Што се однесува до готовината, милион и сто илјади евра, му ги дава неговиот внук Мите Димов од штедна книшка. Овој детал стои и во записникот на УЈП, кога со наредба на истражен судија е извршен увид во девизната книшка на Димов, за 1995 и 1996 год., при што е констатирана уплатата во готово од околу 2 милиона марки.

На ова лани реагираше Јанко Бачев, кој повикувајќи се на Сојузот на здруженијата на девизните штедачи посочи дека во тој период имало 36 девизни штедачи со влог од 500.000 – 1.000.000 ДМ, и само 4 штедачи со над еден милион. На овој список со сигурност, тврди Бачев, ги немало имињата на Митко Димов и Штерјо Наков. Познато е дека во процесот на криминалната приватизација се правеа злоупотреби и со т.н. заробени девизи, така што се изготвувани фиктивни девизни книшки кои се користени при откуп на фирмите. Дали и книшката на Мите е од тој „произход“?! Кој знае, но внукот Мите од чија штедна книшка Штерјо земал околу 1 милион евра, неколку години потоа влегува како главен играч во „Лотарија на Македонија“, покрај „Фершпед“.

Но дури ни ова не е крајот на оваа приватизациона сторија. Во ноември 1998, откако СДСМ ја губи власта, „Фершпед“ издава нова акционерска книга, во која на обичните акционери им се враќаат одземените акции, кои во 1995 требаше да го набилдаат цензусот над 10%. За овој меѓупериод од три години, акционерите со „одземени“ акции, сепак си добивале дивиденда на вистинскиот број акции. Мотивот за ваквата операција потекнува од стравот, бидејќи коалицијата „За промени“ ветуваше ревизија на приватизацијата, па со цел да се покријат трагите нормално дека документите требаше да се средат. И тоа се прави, но повторно со едно фалсификување од еден акционер на друг.

„ПРОМЕНИ“ БЕЗ ПРОМЕНИ

Иако Црвенковски го создаде „феноменот Штерјо“ нему и со Промените не му оди лошо. „Злобниците“ велат дека морал да си го купи мирот со неколку милиончиња , нели, за партијата де, кога Љубчо Георгиевски му испрати контрола. Сепак, Димевски тврди дека во записникот од контролата што УЈП на Станинов ја направила во декември 1999-та, било утврдено дека „Фершпед“ должи на државата 93 милиони денари неплатени даноци по основ на персонален данок, данок од добивка и акциза. И тој записник останал во УЈП, не видел бел ден и веројатно веќе е застарен .

Односите на релација Љубчо – Штерјо се влошуват до коска последната година од мандатот на владата на Георгиевски. Многумина ова го коментираат како одмазда затоа што „Вест“ зад кој стоеше „Фершпед“, му го откри дворецот на Водно. Неколку месеци пред изборите, поради страв од апс, газда Штерјо дури ќе се засолни во омиленото прибежиште на руските тајкуни, Лондон. Патем речено, во тоа време Никола Груевски е претседател на Комисијата за хартии од вредност, а Горан Трајковски е шеф на скопската управа за приходи.

Ќе следуваат уште едни промени на власта. По „15 септември“, кога повторно дојде на власт СДСМ, во „Фершпед“ се правела фешта со музика, песни, свирки, радост, демек, еве го, нашиот спас е тука. Така барем ни раскажуваа акционерите кои ја оспорија приватизацијата на шпедитерската куќа. По нивната верзија, банкарот Хари Костов само што станал министер за внатрешни веднаш ги побарал документите за кривичната пријава за „Фершпед“. А Кираца Трајковска му отишла со букет цвеќе на честито.

Сепак, досието „Фершпед“ ќе почне систематски да го турка Антикорупциската комисија. Тоа, пак, не е доволно. Власта е на друга адреса. Целиот мандат на владата на СДСМ и ДУИ предметот ќе се пимпла цик-цак: де во Јавното правобранителство со новдојдената шефица Зоја Лега Станоевска, па малку во УЈП на Петра Митева. На крајот во времето на Бучковски, демек, ќе се стави точка. И ќе се обзнани дека се било „девствено“ чисто. За обвинителскиот дел ќе се погрижи Кољо Штерјов. Тој прв, уште пред Зоја и Петра, ќе констатира дека од сево ова горенаведено немало зијан за никого, ни за државата!!! Неодамна дури преку ТВ сподели со нас дека без малку се гордее со својот „труд“ за досието „Фершпед“. Дотичниот,  Штерјов, сега инаку работи во одделението за организиран криминал. Прогресирал во кариера, што би се рекло.

КОНЕЧНО ДЕВСТВЕНИ ОСТРОВИ

За сиве овие години, бизнис империјата на газда Штерјо се шири „уздуж и попреко“. За себе во едно интервју ќе рече дека е скромен човек, кој, ете, и покрај сѐ што поседува нема ниту возач ниту телохранител. Ама би додале има многу пари. А тие греота да скапуваат некаде далеку. Во 2002-та наеднаш се појавија и „девствените“. Беше соопштено дека „Фершпед“ го купи хотелот „Панорама“. После некоја година се покажа дека хотелот тогаш е купен од фирмата „Серена трејдс ЛТД“ од Девствени острови. Да нема забуна, во договорот стоеле потписите на Штерјо и Кираца. Дури после две години ќе ја снема „Серена“ а ќе се појават потписниците. Што му доаѓа дека сами меѓу себе си препродаваат, само под различна фирма.

Потоа сѐ оди лесно. Винарство, хотелиерство, игри на среќа, нафта, овци, медиуми, банки, штедилници … Или, тоа е дел од она што е официјално и каде што стои „црно на бело“ името на „Фершпед“ или Штерјо, сеедно, затоа што исто му доаѓа. Друга приказна е што за дузина фирми и проекти јавна тајна е дека стои газда Штерјо, ама формално нема трага. Некаде се негови роднини во прашање, некаде блиски пријатели, но кај сите нив се чувствува мирисот на најбогатиот шпедитер.

Покрај внукот што му помогна со „заштедата“ за плаќање на акциите – Мите Димов, тука е уште еден внук, Мите Николов со познатата „Нико Петрол“ од Штип, но и „Брилијант“. Според некои муабети Штерјо има замешано прсти и во новата скопска меѓуградска автобуската станица. Лани „Канал 5“ од сигурни извори ја пласираше веста дека ја купил и „Алфа ТВ“ од Гркот Кондоминас.

Или овците од државните резерви. Кога во 2003-та Бирото за стокови резерви продаде околу 49 000 грла, без наддавање и по најниска цена – од 1900 денари за грло (со пресметан ддв), иако постоела можност да се достигне двојно поголема цена, се шпекулираше дека среќниот добитник е Штерјо односно негови блиски. Штетата за државата од оваа зделка се процени на најмалку 1,5 милиони евра.

Понатаму, неофицијално нели се типува дека „Фершпед“ и „Макошпед“ се управувани со ист капитал. Во тој контекст, е вклучен и Кочо Моцан и неговата „Мепком“. Всушност безбројни се комбинаториките меѓу овој трилинг асови. На пример, Коста Младеновски има една четвртина од акциите на „Макошпед“, нешто помалку 21% се на Моцан, кој е и директор на „Технометал“. Таму, пак, во Технометал Младеновски има 17%, а Макошпед 7%, а Моцан 16%, и најмногу Јован Јоанидис(!!!) 23%.

Потоа, „Технометал“ и „Фершпед“, имаат по 24,37% во „УГОТУР“. „Макошпед“ има и околу 23% акции во Европа. Но, нема крај на акционерските игри. За жал, јавни се само податоците за сопствениците на акционерски удел над 5%. Така, остануваме посиромашни за кој знае колку „богати“ информации што се мерат во милиони. Ете, само од тие едвај до 5% од Комерцијална банка доби 10 милиони евра.

„АКО ИМА ПРИЧИНА“

Своевидна контроверза е односот на Груевски кон оваа транзициска ајкула . Пред една година, додека сѐ уште е опозиција, на прослава на „Фершпед“, Наков специјално го пречекал Груевски на влезот со обраќање „претседателе“ и потчукнување по рамо. Овој гест од љубопитните беше протолкуван како индикативен. Особено што ДПМНЕ тогаш постојано рафално стрелаше барем вербално кон метата – криминал на олигархијата. Со оглед на фактот дека кога се отвора случајот „Фершпед“, Груевски е претседател на Комисијата за хартии од вредност, што ќе рече одлично знае за што станува збор. Но кога веќе како премиер во една пригода беше прашан: ќе има ли ревизија на приватизацијата, со снебивање ама лаконски ќе одговори: ако има причина!

Иако наследничката на функцијата на Зоја, новата јавна правобранителка, Оливера Китановска уште зимава најави дека повторно ќе се прочешла досието „Фершпед“, потоа замолча на оваа тема. Скоро, пак, обвинителот Шврговски околу криминалниот сегмент ќе ни разјасни дека за нив тоа е затворена приказна.

Сепак, изминативе месеци власта во неколку наврати го зачеша шпедитерскиот магнат. Кон крајот на минатата година царината ги затвори складиштата на „Фершпед“ затоа што таму откри 2.100 тони шеќер, за кои немал дозвола за складирање. За нив не биле платени царинските давачки. Казната беше прекршочна поради незаконско чување шеќер.

Приближно во истиот период беше притворен директорот на „Макошпед“, Коста Младеновски, кој се најде на списокот од 11 лица осомничени за даночно затајување за случајот „ТК Прилеп“.  Апсењето на Младеновски во бизнис круговите се доживеа како директен атак врз Наков. За разлика од другите крупни предметите за организиран криминал, како шверцот со оружјето, „Бачило“  или „Фиком“, овој никако да започне. Сега, наводно се чека одделението за организиран криминал во ЈО да одлучи за обвинителен акт. Вештачењето потврдило дека државата е оштетена за околу 7,5 милиони евра, од неплатени акцизи и ДДВ. Меѓу осомничените е и Тони Мицајков близок до Црвенковски. Индикативно е и што наспроти праксата за вакви потешки облици на организиран криминал тежок неколку милиони евра, овде притворот траеше релативно кратко.

Неодамна повторно „Фершпед“ влезе во црната хроника. Беше поднесена  кривична пријава против поранешниот висок функционер на царината, Ванчо Лазаров, кој после петти јули 2006-та т.е. падот на СДСМ од власт, замина за советник во „Макпетрол“. МВР го товари Лазаров, кој важеше за сива еминенција во царината уште од времето на ембаргото, дека ја оштетил царината за 3,2 милиони денари. Сижето е следно: во 2004 со судска пресуда царината требала на „Фершпед“ да му плати 4,5 милиони денари заради задоцнето плаќање фактури. Лазаров не вложил жалба на пресудата, па поради тоа „Фершпед“ успеал со нова пресуда да наплати уште 3,2 милиони денари затезна камата.

Дека газда Штерјо со невидена леснотија ги добива сите битки во палатата на правдата потврдува и следниот пример. Драги Димевски има две тужби против „Фершпед“: едната за неправилна поделба на акциите на менаџерите, а втората затоа што не му била исплатена дивиденда колку што му следува за 1996, и за 1997 г. Обата судски процеса започнати уште во 2000-та, се уште немаат завршница. Вака гледано, делуваат дури оправдани верувањата на приврзаниците на Груевски дека со вакво судство и обвинителство, без радикални реформи, секоја акција против крупните заштитени транзициски ѕверки однапред е осудена на пропаст

Додека е така, „има причина“  ама „ич да не го боли к… за приватизацијата“!

Поврзани новости