Текстот е објавен на 22 јуни 2007 во неделникот „Фокус“ во бројот 625
Пишувала
Јадранка КОСТОВА
Кога пред извесно време Минчо Јорданов на свечен начин го прослави кредитот со кој Макстил се задолжил 22 милиони евра за производство и нова опрема, ја искористи приликата пред Никола Груевски да каже за себе дека не е олигарх, туку инвеститор.
„Ме ставаат во таа група олигарси и затоа сакам да потенцирам дека нема никакви елементи да ме стават во било каква негативна конотација“ – ќе рече ексвицепремиерот пред актуелниот премиер земајќи ги како појдовна основа резултатите на Макстил. А според Јорданов тие покажувале „вистинско однесување на вистински инвеститор“.
Деновиве, скопски Дневник во воведот за интервјуто со газдата на ТВ Алсат, Веби Велија го претстави преку следнава дистинкција: „не спаѓа во редот на транзициските олигарси што во периодот на транзицијата на сомнителен начин приватизирале исцрпени и осиромашени социјалистички фирми. Сѐ што има, изградил сам“.
Овие два примери доволно покажуваат дека терминот олигархија во Македонија пушти корени. Без оглед на одредени јалови обиди да се проблематизира перцепцијата, во стилот „тази дупка не е дупка“ или македонската олигархија не е олигархија, факт е дека граѓаните една „бизнис групировка“ ја доживуваат и идентификуваат како олигархија. Таа можеби по некои карактеристики и да се разликува од нивните „колеги“ во другите посткомунистички земји, но кога овде за некого ќе се каже дека е олигарх под тоа се подразбира дека станал голем газда преку сомнителна приватизација, која мнозинството граѓани ја оценува и како криминална.
Но, кои се македонските финансиски олигарси? Како настанаа? Која е нивната моќ? И пред сѐ и над сѐ, каков е односот на актуелната власт кон нивните (не)дела? Ова се дел од прашањата врзани за олигархијата која се изнедри во транзицијата и стана нераскинлив дел од нашиот „национален фолклор“.
ОД КАДЕ Е ПРВИОТ МИЛИОН?
Фото роботот на македонскиот финансиски олигарх би изгледал вака: влезен е во шестата деценија од животот. Генерален менаџер е во приватизираната фирма. Акциите му тежат неколку милиони евра. Сметките во странство се подразбираат. Близок по срце и душа е до СДСМ, ама за не дај Боже игра на повеќе купчиња. Си има свои новинари, но и свои инсталации во судството. Влезен е и во спортот, а се јавува и како донатор во разни хуманитарни акци.
Се разбира, ова е просекот. Има и разлики меѓу нив. Некои се задржаа во дејноста на веќе своите фирми, а други се распослаа на сите фронтови. Заеднички е сепак начинот на кој го стекнаа богатството во првата половина на 90-сетите години од минатиот век. Кога од морално-политички подобни директори за СКМ станаа големи газди и менаџери. Ги создаде СДСМ и Бранко Црвенковски. Но не се мутави за да не ги знаат ахиловите пети и на другите партиски шефови.
Љубчо Георгиевски им вдахна нов импулс за време на својот 4 годишен мандат. Враќањето на нивниот Творец на власт им донесе двојно задоволство. Тогаш и нивен човек, Хари Костов дојде на чело на полицијата, а неколку месеци дури ќе дотурка до претседател на владата. Добро живееја и во времето на премиерувањето на Владо Бучковски. Ниту после 9-те месеци од мандатот на коалиционата влада на ВМРО-ДПМНЕ не им е нарушена комоцијата. Ако по утрото се познава денот, Груевски само ќе го доврши процесот кој го започна Црвенковски. Ќе им удри параф на дипломите за угледни и способни менаџери. И потоа сѐ ќе биде веќе историја.
Сепак, обичниот граѓанин ги доживуваат како нечесни или како што се пожали Јорданов „им дава негативна конотација“. Таквата етикета ќе ја остават во наследство, со сѐ капиталот, на своите потомци. Не дека целите империи им се создадени криминално. Напротив. Кога доволно ќе натрупаат, тогаш стануваат најгласни за ред и поредок. Но секогаш е клучно како дошле до првиот милион? И тука лежи зајакот.
Социолозите и психолозите имаат објаснување и за тоа. Поради нечистата совест и стравот да не бидат фатени, а сепак е во игра големо богатство, ваквите персоналитети по правило го корумпираат општеството. Купуваат политичари, купуваат медиуми, купуваат експерти, судии, пратеници. Така нивните економски монополи ги засилуваат со политичка и медиумска потпора. Тогаш веќе ја креираат стварноста по свој вкус. Обезбедени се на сите фронтови. Тоа важи за сите олигарси или тајкуни, како што се нарекуваат во различни земји од посткомунистичкиот лагер.
Во Македонија тие главно се лоцирани како „Клубот на Комерцијална банка“, а некои ги препознаваат во „началството“ на Стопанската комора, која, глеј симболика, ја има иста кратенка како и Сојузот на комунистите на Македонија или СКМ. Обично се идентификуваат преку квантитативната дилема: десетмината или дванаестемина, но во секој случај квалитативно неспорно како најмоќни. Шегобијците би рекле „десетката со кромид“. А циниците би додале од Фамилијата
„ТАЈНАТА ВЕЧЕРА“ ВО ПИВАРА
И кои се 10-те топ олигарси? Одговорот на ова прашање можеме сликовито да го лоцираме временски во мај 2004, а просторно во Скопската пивара. Кога Црвенковски стана претседател на државата, тоа не можеше да се игнорира и да не се валоризира во прослава. И се собраа олигарсите на „тајната вечера“, во случајов како ручек. Изборот на Б.Ц. за „државник“ и уште потегот Хари да биде премиер беше награден така што неговите „чеда“- олигарсите му подарија шах- со симболичната порака дека „Бранко влечел добри потези“.
Дрим тимот покрај „државничкиот двоец“ изгледал вака: Драгољуб Арсов – Комерцијална банка, Штерјо Наков – Фершпед, Андреја Јосифовски – Макпетрол, Минчо Јорданов – Макстил, Трајко Давитковски – Скопски пазар, Свето Јаневски – Пивара, Савка Димитрова – Европа, Глигорије Гоговски – Тетекс, Доне Таневски – Македонија Турист, Јорго Ќука – ОХИС, Ристо Гушков – УСЈЕ и Трајче Мукаетов – Алкалоид.
Сепак, на Драгољуб Арсов, сега прв човек на државната ревизија, ова друштво не му беше „природен амбиент“. Очигледно бил викнат само според моменталната функција, која додека Костов е на привремена работа во владата му ја даруваа олигарсите. Веднаш после успешната мисија, најбезобѕирно, понижувачки го шутнаа од банката.
Секако, на местото на Драгољуб според описот на олигархот „мејд ин ФИРОМ“, комотно би влегол еден Ѕинго. Во РИК Силекс дури 54% од акциите се на негово име и уште 7% на синот му. Има и Телевизија, и банка и … Но, ете, тој е пример дека и ВМРО коалицира со некој од нивните. Може да се каже дека недостасува во групната слика за „тајната вечера“ и првиот човек на Витаминка, Симон Наумоски. Не може секој да биде претседател на Управен одбор на Комерцијална. Но, веројатно бил во тоа време некаде на пат. Инаку би бил голем пропуст на организаторот.
Од друга страна, и Хари Костов не би можел да биде сместен меѓу олигарсите според приватизациониот клуч, а и не се јавува меѓу големите акционери во банката. Па, човекот повеќе делува како лице за специјални операции на олигархијата, но и на Црвенковски. Или тој е нивно заедничко општо добро. Неговата кариера меѓу политиката и бизнисот оди по цик-цак линија. Де е таму, де е ваму. Според потребите на Фамилијата. Најпрвин беше заменик министер за финансии. Потоа и заменик за надворешни работи и тоа во отсуство оти во исто време Бранко му натовари уште една задача – беше и наш претставник во ММФ.
Но тоа е така, зашто како што ќе го опише новинарот Васко Ефтов уште пред една деценија во неделникот Пулс: „Костов важи за човек од исклучителна доверба на Црвенковски“. Со оглед на тоа што и Ефтов котира на берзата како исклучително близок до Црвенковски, занимлив е деталот што тогаш го открива. Дека Црвенковски го подготвувал Хари за нов лидер на Социјалистите. Но откако обидот да му направи пуч на Ѕинго „пропаднал како опција“, Костов се повлекол од СП и остана „само“ близок до Б.Ц. Сепак, искрсна нова работа. Олигархијата во зародиш имаше потреба од своја банка. Така во 1996-та кога во Александар Маневски видоа веројатно „туѓо тело“ незаконски го разрешија, а Хари ја зазеде неговата фотеља. После легендарниот „15 септември“ повторно притреба за одредени специјални задачи во власта, но овој пат во ресорот полиција.
НА МЕСТОТО НА ШУТУРКОВ ДОАЃА ШТЕРЈО
Ваквата флексибилност на Харчо ретко се наоѓа кај оваа дружина. Обично тие милуваат од сенка да ги раководат процесите во државата. Понудите за одредени функции, а приори ги одбивале. Но затоа, пак, умееле секогаш да ја водат кадровската политика во оние ресори кои во сезоната им се клучни за нивниот бизнис.
На пример, се говореше дека Јорго Ќука во 1994 одбил да биде министер за финансии и потпретседател на Влада или министер за стопанство. Сепак ќе се „жртвува“, па ќе биде на повеќе функции: членство во УО- Агенција за приватизација, ГТЦ и сл.
Или за Данчо Шутурков, кој додека беше жив беше неформален шеф на олигархијата, се раскажуваше дека во 1994, Црвенковски му понудил да биде министер за трговија, но тој одбил без размислување. Затоа, пак, како негово кадровско решение се сметаше Бузлевски на Царината. Со други зборови, за време на ембаргото им беше битно нивен човек да биде на Царина.
Кога дојде на ред на приватизацијата, акцентот се стави на овој ресор преку Агенцијата, но и Министерството за финансии. Така на оваа функција се најде Таки Фати, кој уште тогаш важеше за близок до Штерјо Наков. После ВМРО-овското владеење, кога и приватизацијата на Фершпед беше ставен на тапет, интересот на олигархијата се лоцираше на кадрите во обвинителството и јавното правобранителство. И својата улога ја одиграа Кољо Штерјов и Зоја Лега.
Секако важна беше и полицијата. Според нашите сознанија кога по „15 септември“ почна во јавноста да се врти името на професорот Борче Давидковски за прв човек на МВР, опцијата ќе пропадне после ручекот на Б.Ц. со Штерјо, кому не му биле пријатни проценките на професорот за приватизацијата на Фершпед. И кој, ако не Хари ја доби честа да го гони криминалот и корупцијата.
Интересно е дека прв пат нивното подведување под терминот олигархија го најдов во ноември 1997 г. во неделникот Пулс што веќе го споменав, каде новинарот Васко Ефтов, денес автор на емисијата „Во центарот“, прави ранг листа од 10 највлијателни бизнисмени во Македонија (види рамка). Во најголем дел, проценките за нив се актуелни и денес. Ги опишува, во тоа време, како претпазливи во јавно манифестирање на својата моќ или со „молчи-толчи филозофија“.
Она што е важно да се регистрира е дека уште тогаш за оваа олигархиска структура се врзува минирањето на секој обид за влегување на странски капитал во Македонија. Но, тогаш се во фаза кога „го затвораат брачниот триаголник-политика, бизнис, медиуми и така влегуваат многу посилни во постприватизацијата-плеј оф, што ќе се случува во наредниот период“ – ќе забележи авторот.
Сепак, има една грешка, која сега ја признава и самиот- најмоќниот и највлијателен во тоа време беше Шутурков, сивата еминенција на македонскиот тутунски бизнис и вечен заменик директор. Како резултат на неговото лобирање врз владата или како негово дело се наведува: затворањето на фришоповите, намалување на тутунската акциза, елиминација на „непослушниот“ менаџерски тим на прилепскиот Тутунски комбинат. И уште нешто. По смртта на Шутурков, неговото место неформален шеф на олигарсите го зазеде Штерјо Наков.
ЗАШТИТЕНИ СО ЗАКОН АМА И СО УРЕДБИ И ПРАВИЛНИЦИ
Како се развиваше македонската олигархија? Се роди преку приватизацијата со закон по нивна мерка. Социјалистичките директори добија историска шанса. Сите главно од нив влегоа во приватизацијата по моделот менаџерски откуп преку кредити на „жими мајка“. Некој добија ексклузивна можност да приватизираат монополи како Топлификација, Скопските пазари, Макпетрол. На други, пак, преку високи царини им се штитеа производите, како пивото на Свето или чоколадата на Савка.
И така државата им ја симна евентуалната конкуренција од врат, но никој од нив не успеа да се прошири со бизнисот ниту од Табановце нагоре. Останаа да си ги мерат само меѓу себе или да бидат бренд само овде, во Македонија. И секако, владата на Црвенковски им учини уште една добрина. Направи „ситни“ корекции во делото злоупотреба од Кривичниот закон. Така, смислено или намерно однапред беа рехабилитирани од одговорност за сторени кривични дела.
Сепак, пред изборите во 1998-та, дел насетија Промени, па за секој случај пуштија странски капитал од Грција и Кипар во своите фирми, како Усје и Пивара. Потоа се „разиграа“ на берзата, секој кај секого да купи по некој дел. Тие си ги диктираа уловите и „молчи-толчи“ си работеа на окрупнување на својот пакет во својата фирма. Имаа „фини“ методи како од работниците за бадијала да им ги купат акциите. Затоа сега се здрмаа кога граѓанството ја откри берзата. Прогласија вонредна состојба зашто „натрапници“ им влегле на нивната ексклузивна територија.
Откако се врати на власт партијата што ги создаде, продолжи да им угодува сега преку подзаконски акти. На пример, со Уредба на Министерот за финансии можеа за багателни цени да си го купат земјиштето на кои се нивните фирми. Само случајот со Скопски Пазар доволно го верглаа ВМРО-овци како опозиција. Го купија земјиштето на сите 16 зелени пазари во Скопје по цени од 3,5 до 10 евра. Или се измени само еден член на еден Правилник за само една фирма. Нико Петрол на внукот на Штерјо потоа можеше да добие поголем дел од државните нафтени стокови резерви во своите резервоари.
И откако веќе доволно зајакнаа и станаа неприкосновени, настапи најбезобразната фаза. Се прогласија за жртви на транзицијата, и без срам и перде ја префрлија вината врз работниците. Тоа јасно и гласно ни го плесна во фаца, Бранко Азески од СКМ – менаџерска, жалејќи се како тие веќе 15 години влечат на врат стечајци и лица прогласени за технолошки вишок. Дежурниот „громобран“ Љупчо Зиков од Капитал ќе се исчудува за каква олигархија зборуваме кога тие стотина фирми полнеле 70% од вкупниот државен даночен приход. Ма, да бидеме среќни што воопшто оставиле покрај нив 100 да може да егзистираат и други. А за олигархија говориме по начинот како настанал нивниот првичен капитал, а не за резултатите кога олигархијата е веќе моќна и етаблирана.
И ГРУЕВСКИ ЗАСЛУЖИ ШАХ
И сега да се задржам на актуелната влада на Груевски. Иако, барем во секој настап на портпаролот Бичиклиски, но и во собраниските настапи на Влатко Ѓорчев, устата им е преполна со приказните за лошите олигарси кои ги создаде СДСМ и Црвенковски, сепак изминативе 9 месеци клубот на КБ спие мирно „ѓоа бебенца“. Оттаму, неизбежното верглање на истото па истото, без конкретна акција делува како замајување на јавноста. Та, нели, се власт.
Ете, убаво што преку пратеничкото прашање на младиот Ѓорчев дознавме дека Фершпед, Макошпед и Скопски Пазар остварувале големи профити од своите царински складишта, затоа што „сите“ две државни царински складишта на Табановце и Богородица немале потребна инфраструктура, со наравоучението дека „така намерно е оставено да биде цели 15 години“. Но што од тоа што ги збогативме нашите знаења за финтите на кои им се овозможувало на олигарсите да трупаат профити?! И што сега?!
Има три опции. Првата е да се прогласи амнестија за валканиот капитал, која заговорниците ја бранат со аргументот демек да не скапувале милијардите евра по девствени дестинации и швајцарски конта, туку подобро да се инвестирале тука. Ова ми звучи како најнереална варијанта, а башка што е и најнеправедна. Амнестијата значи дека „талентите“ што полнат нели буџет 70% ќе треба да признаат дека стотици милиони испумпале надвор од земјава. Да признаат дека краделе, а државата да им прости за тоа. Е токму тоа во една мала држава како Македонија, би довело така амнестираните од власта да се соочат со гневот на работниците. Оние, де, што ги носеле на врат 15 години. Такво признание, богами тешко да излезе од нечија угледна уста.
Втората варијанта е да се расчисти со сомнителните приватизации, како што се случува(ше) во Хрватска која е далеку пред нас пред портите на Унијата, но и во Србија која силно удри на овој план. Деновиве белградска Политика ќе констатира дека од „топ 10“ листата на најбогатите српски олигарси што ја објавиле пред некоја година, веќе третиот и четвртиот, Кариќ и Суботиќ, се во бегство. Е, вакви крупни ѕверки, Груевски уште не уловил. Се разбира, Смиленски го доби во „наследство“ од времето на Бучковски.
И на крајот како трета алтернатива е статус квото или ова што сега се ни случува. Политика на „ни риба, ни девојка“. Ни амнестија, ниту процеси. Барем за оние кои додека беа опозиција се „закануваа“ дека ќе ги ревидираат: сомнителната приватизација на Фершпед или газдинството со пазариштата во Скопје. Но, и од тоа не бидна ништо. Од една страна, држи вода тезата дека „со вакво судство и обвинителство“ крупните риби секогаш ќе ги добиваат битките. Но, Шврговски е избор на тимот на Груевски. Одговорноста за развлекување на промените во оваа сфера, веќе не може да се бара кај опозицијата. Од друга страна, останува сомнежот и за врските на Груевски со истата олигархиска структура. Зошто инаку никако да смогне сили да ги обелодени спонзорите од скапата им кампања на ланските избори. Или им капнало „нешто“ и од олигархиски извори! Ако сепак му заврши мандатот по ова „сценарио Ц“, тогаш заслужува и тој еден шах. Не правејќи ништо всушност влече добри потези во полза на Фамилијата.
На крајот се присетив на претставата „Власт“, на сцената кога еден добронамерник го советува францускиот олигарх Фуке да бега додека може, затоа што неговото богатство започнало да го засенува младиот монарх Луј 14. Но, Фуке се чувствува комотен бидејќи кралот му е пријател. Откако ќе заврши во Бастиља олигархот ќе го праша: зошто, кога не му направил ништо лошо. Но ќе добие кус одговор од кралот: „Едноставно, затоа што можам“.
Е, ние, немаме крал, а и прашање е дали Груевски МОЖЕ.
„Пулс“ за олигарсите во 1997-та:
ВРЕМЕТО НА ШТЕРЈО НАКОВ ДОПРВА ДОАЃА
Во анализата „Македонските олигарси“ на новинарот Васко Ефтов, објавена во неделникот Пулс есента 1997 година, дадена е и ранг листа од 10-те највлијателни. Значи, не најбогати, не најуспешни, туку највлијателни. Со оглед на тоа што истите имиња и денес се вртат ем како највлијателни, но сега и како најбогати и најуспешни, интересно е да ја репринтираме оваа ранг листа.
На првото место според Пулс како убедливо највлијателен е Трајче Мукаетов од Алкалоид. Претставен е како „најдобар политички и економски прогнозер меѓу директорите“. Второто место му е доделено на Данчо Шутурков од Македонија табак, со забелешката дека „веќе го губи приматот на некрунисан тутунски барон на Балканот“. Инаку, обајцата и Мукаетов и Шутурков веќе не се меѓу живите.
На третата позиција е Хари Костов, со едногодишен стаж на директор на Комерцијална банка, претставен како „нова ѕвезда на македонското менаџерско небо“. Следуваат Свето Јаневски од Пивара чије влијание во таа 1997 се оценува како „опаѓачко“, за разлика од Штерјо Наков од Фершпед кој е дури петти, но со потенцијал да оди угоре. Ефтов ќе забележи дека „Наков важи за најважната личност во влашката лоби хиерархија, со одлични врски со премиерот Црвенковски и министерот за финансии Таки Фити“.
Втората петорка е по следниот редослед: Андреја Јосифовски – Макпетрол, Страшо Милковски – Гранит, Јорго Ќука – ОХИС, Љубисав Иванов Ѕинго – Силекс и Драгољуб Лазов – Лотарија.
Во битката за „десетката со кромид“ во острата конкуренција се Македонијатурист, Европа, Цементарница Усје, Витаминка, Скопски Пазар, Тетекс, чии директори: Доне Таневски, Савка Димитрова, Ристо Гушков, Симон Наумоски, Трајко Давитковски и Глигорије Гоговски се означени како „резервна клупа“ на финансиската олигархија, но со можен камбек во моќните 10.
Со перспективи да влезат меѓу „највлијателните“ неделникот Пулс ги регистрира и македонските бизнисмени од „руско потекло“: Ристо Гуштеров – Римако, Трифун Костовски – Кометал, Методија Смиленски – ЕВТ. Појдовна основа за ваквата прогноза е оценката дека нивните компании прават годишен промет од околу една милијарда долари, а дека Гуштеров, Костовски и Смиленски сакаат „преку својата значителна финансиска моќ да го подобрат и својот политички потенцијал во Македонија“.
Од сите олигарси кои ги оценува новинарот Ефтов, единствено Смиленски заврши со обвинение и сега се наоѓа во притвор.
Влатко ЃОРЧЕВ, пратеник на ВМРО ДПМНЕ:
ЦРВЕНКОВСКИ И ОЛИГАРХИЈАТА СЕ ДВЕ РАЦЕ ОД ИСТО ТЕЛО
ФОКУС: Кога говориш за олигархија, што подразбираш под тој термин? Како би го опишал македонскиот олигарх?
ЃОРЧЕВ: Збогатен за време на транзицијата, во 90-тите години, кој акумулирал енормно богатство преку „креативен бизнис“, односно богатство кое е акумулирано со финансиски махинации, без инвенција, без технолошки прогрес и конкретна работа, туку првенствено преку полуги во власта и блискоста со Бранко Црвенковски и неговите структури.
ФОКУС: Кој е денес помоќен: ТИЕ или ТОЈ?
ЃОРЧЕВ: Тоа се две раце од исто тело, ист организам. Мислам дека тие се комплементарни и имаат заеднички интереси кои се спротивни на пазарната економија, странските инвестиции и огромното мнозинство на македонски граѓани.
ФОКУС: Каква е нивната улога во транзицијата?
ЃОРЧЕВ: Политичко-економскиот центар на моќ кој што ја имаше главната улога во Македонија во овие 17 години, го има СДСМ како своја отворена филијала. Понатаму има свои упоришта кај некои новинари, во судството, во синдикатот, во некои невладини организации. Значи, се работи за еден неформален организам, за една неформална група на луѓе кои превенираа Македонија да има успешна транзиција каква што имаше во земјите на Балтикот или Средна Европа.
ФОКУС: Кои би ги издвоил како пет „топ олигарси“?
ЃОРЧЕВ: Штерјо Наков „Фершпед“, Хари Костов „Комерцијална банка“, Трајко Давидковски „Скопски Пазар“ и неколку кои што се веќе починати.
ФОКУС: Зошто нема ревизија за некои приватизации за кои како партија во опозиција јавно изнесувавте сомневања за криминал?
ЃОРЧЕВ: За преиспитување на сомнителните продажби, приватизации и слично, процесите се нужно упатени на ефикасно судство. Значи треба да имаме судство кое ќе ги процесуира тие предмети или судство во кое главниот збор нема да го имаат Бранко Црвенковски и Ленче Софрониевска и нивните инсталации. Постојат одговорни и чесни судии кои исправно ја делат правдата, но има и многу кои што се штетни и инструментализирани во заштита на СДСМ и неговата олигархија. Токму затоа се и опструкциите за ефикасно судство и неконституирањето на Судскиот совет. Значи се работи за намера да се задржи оваа ситуација на статус-кво во судството, а со тоа и да се попречи на борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Акција „Маестро“
СЕ ИСПИТУВА НЕЧЕСНАТА ПРИВАТИЗАЦИЈА ВО ХРВАТСКА
Во една од најспектакуларните акции, како што Иво Санадер ја окфалификува акцијата „Маестро“, минатиот викенд поради сомневања за корупција се уапсени шест лица меѓу кои тројца потпретседатели на Хрватскиот фонд за приватизација. Акцијата „Маестро“ траела една година, а бил користен агент провокатор. Само да се влезе во комбинација, или да се испие кафе со дотичните, според зборовите на обвинителот чинело околу 50.000 евра.
Сѐ уште нема податоци до кој период досегаат малверзациите во приватизацијата, но еден од уапсените на функција во Фондот бил цели 17 години. Властите најавуваат дека ќе се расветлува кои државни фирми и имот биле незаконски приватизирани, а потоа на сторителите на криминална приватизација ќе им се одземе илегално стекнатиот имот.
Премиерот Санадер најави дека ќе се консултира со експертите како да се реструктуира секторот приватизација. Тој побара контрола и надзор и доколку се докаже дека приватизацијата е нечесна, побара овие добра да се вратат во сопственост на државата. Во секој случај, ќе бидат преконтролирани сите предмети на кои работеле уапсените.
И претседателот Стипе Месиќ ја коментираше акцијата Маестро. Тој дури порача дека пресметката допрва почнува, и сликовито опиша дека „Фондот за приватизација е хардверот, додека се уште не се знае каде е софтверот“ на приватизациониот криминал. Месиќ уште оптимистички прогнозираше дека со „Маестро“ ќе се скрши кичмата на корумпираните.
Русија и САД
ОЛИГАРСИ И БАРОНИ РАЗБОЈНИЦИ
Секогаш и секаде првобитната акумулација на капиталот се одвивала со криминал, некаде и со убиства, но во секој случај со амин на политичката власт. Во Америка, ама во 19 век, ваквите финансиски моќници ги викале „барони разбојници“. Нивните методи на корупција биле исти како на актуелните тајкуни или олигарси.
„Бароните разбојници дошле до капиталот на сметка на јавниот имот: склучувале договори со железницата за добивање бизнис, купувале цели дневни весници и ги поткупувале нивните издавачи, ги уништувале конкурентските и до тогаш независни претпријатија, и во својата служба земале вешти правници и популарни политичари, преку нив за да ги бранат своите интереси и да ги сочуваат своите привилегии“. Вака познатиот американски социолог, Рајт Милс ги опишува „бароните разбојници“ панданот на олигарсите од крајот на 20-сетиот век во посткомунистичките држави.
Инаку, олигархијата прво се „изроди“ во Русија по падот на комунизмот. Неодамна на ТВ каналот „Дискавери“ беше емитувана емисијата за руските олигарси кои ги создаде Борис Елцин. Првично на нив се гледало со симпатии затоа што се силна брана против Комунистите на Зјуганов.
Но, како што тоа вообичаено бива, откако тие доволно зајакнаа со својата финансиска моќ стануваат главните кои ги диктираат потезите на власта. Тоа најсликовито го објасни Борис Немцов, кој едно време беше министер за финансии. Неговата прва средба со олигарсите започнала така што тие му дале инструкции што треба да направи. Кога ги прашал: „а, што ако не постапам така“, добил кус и јасен одговор: „нема да бидеш веќе министер“.