Горан Трајковски од Скопје веќе пет години живее и работи во Нирнберг, Германија. Истовремето, тој е и специјализант по интерна медицина, а во болницата во која работи, се среќава и со пациенти заразени со Ковид-19.
Во Германија има вкупно 195.228 потврдени случаи, а над осум илјади лица ја загубија битката со вирусот. И додека состојбата во земјата во која тој моментално живее полека се стабилизира, таков не е случајот со Северна Македонија.
Во нашата земја од почетокот на јуни рапидно почна да расте бројот на заболени од корона вирусот, а Трајковски низ „негови очи“ се обиде да ја искоментира состојбата во нашата држава.
Според него, порастот на бројот на заболени во Северна Македонија може да се должи на неколку работи.
„Засилено тестирање и со тоа детектирање на повеќе случаи и намалување на „црната бројка на заразени“.
2. Опуштање на мерките што логично води до зголемување на бројот на заразени, но не значи дека е грешен потег. Целта на секоја држава е да се опуштат мерките до ниво на кое што здравствениот систем ќе биде подготвен да се справи со бројот на заболени и на тој начин ќе се обезбеди функционирање на општеството не само на здравствено туку и на социо-економско поле. Поради ова е важно постепено укинување на мерките за да не дојде до нагол наплив на пациенти во болниците и со тоа преоптеретување на системот што придонесува за лоша прогноза на болеста.
3. Недоволно почитување и спроведување на мерките од Владата.
4. Самата природа на вирусот: да не ја заборавиме силата на природата и дека иако е 21 век, некои работи се надвор од наша контрола“, анализира Трајковски.
Како што истакна тој, за ваквата ситуација во која се наоѓа моментално нашата земја, треба да се изнајдат креативни решенија, а не да се бараат виновници.
„Мерките кои ги презеде државата се истите кои се превземаат во остатокот од светот. Број 1 и најважна мерка применета уште во времето на шпанскиот грип е социјално дистанцирање. До каде ќе се одведе таа мерка зависи од моменталната ситуација, односно тоа е спектрум на мерки почнувајќи од држење дистанца помеѓу луѓето се до полициски час. Другите мерки во однос на обезбедување доволен медицински капацитет и стручност за конкретниот проблем како и работа на изнаоѓање лек/вакцина, експериментални студии секоја држава ги спроведува според
своите капацитети“, додава тој.
Трајковски се обиде да направи споредба на мерките и почитување на истите помеѓу Германија и Северна Македонија.
„Морам да кажам дека сум воодушевен од сериозноста, организираноста, професионалноста со која беа донесени и спроведени одлуките во Германија. Секоја болница си зеде за задача да ги спроведе одлуките донесени на национално ниво што е можно подобро според своите локални можности. Тоа вклучуваше секојдневна обука на вработените, овозможување нови капацитети за пациентите со КОВИД со целосно преуредување на концептот на кој функционираат болниците за да се овозможи најдобро менаџирање на новонастанатата ситуација и секако флексибилност и постојано дообучување и ревизија на одлуките на база на новите податоци“, истакна Трајковски.
Тој се обиде да ја долови и ситуацијата со која се соочила болницата во која е тој ангажиран.
„Иако на почетоток владееше неизвесност и несигурност за тоа дали ќе успееме да се справиме со ситуацијата, мислам дека до сега работите се одвиваат оптимално. Во болницата се соочуваме секојдневно со живот, болест и смрт. Радост,смеа и тага. Тоа не беше ништо ново во оваа пандемија. Тоа што беше поразлично е чувството кога влегуваш во соба со тој невидлив непријател заштитен со тенко парче облека, посебно на почетокот кога се уште не знаевме со што се соочуваме. Секако, сега и тоа стана навика. Инаку како што секоја година се соочуваме со бран на грип така и оваа, само со друг вирус“, посочи Трајковски.
Како што посочи тој, германското население застанало на страна на медицинскиот персонал, ги почитувало па дури и помагало во спроведување на мерките на владата и
состојбата била сфатена како нешто кое ги засега сите и против кое сите заедно мора да се борат.
Но, во нашата земја се уште има луѓе кои не веруваат дека вирусот постои и дека е измислен, додека пак од друга страна се полнат болниците со заразени од Ковид-19.
„Теориите на заговор се секогаш интересни и примамливи, посебно во ситуација каде што постои голема недоверба во официјалните државни органи. Постои и психолошки бенефит за оној кој верува во одредена теорија на заговор, односно чувство на поголема контрола и на сфаќање на овој комплициран свет. Тоа во комбинација со лошо медицинско или општо образование доведува до таков резултат. Такви ситуации во Германија јас не сум доживеал и не е тема на разговор во круговите во кои јас се движам, но, сигурен сум дека постојат“, додава нашиот соговорник.
И покрај секојдневните апели да се почитуваат мерките и да се носи маска, во нашата држава секој ден им по стотици казнети граѓани поради неносење на истата. Но, дали со поригорозни казни може да се реши тој проблем?
„Се додека носењето маска се сфаќа како нешто кое ни го наметува државата, а не нешто кое спречува ширење на вирусот, ќе бидат потребни ригорозни мерки за спроведување на истото. Мислам дека законска регулатива во комбинација со здравствена едукација за важноста и начинот на кој маските помагаат е вистинскиот пристап. Секако оние кои не веруваат дека постои вирусот ќе носат маска само доколку постои закана од парична казна“, смета Трајковски.
Граѓаните ја губат довербата во државните институции веќе години наназад и секоја мерка спроведена со сила се гледа како тиранија, а не нешто во нивна корист, анализира тој. Притоа додава дека, тој проблем не може да се реши преку ноќ.
Факт е дека нашите доктори се при крај на силите после неколку месечната борба со корона вирусот. Трајковски смета дека ваквата ситуација може да се преброди, но само со соработка од народот и институциите.
„Како лекар можам да кажам за себе дека мотивацијата и степенот со кој се вложувам во некоја работа зависи и од исходот и од важноста на истата. Доколку како медицински лица гледаме дека навистина помагаме и влијаеме позитивно на животите на луѓето може да се издржи се. Затоа сме обучени и не може во ситуација кога сме најпотребни да мислиме дали ќе издржиме. Секако дека да. Доколку ние вложуваме труд во лечење на болните, а гледаме дека нашата работа е залудна поради непочитување на мерките за сузбивање на ширењето на вирусот, тогаш секако дека мотивацијата паѓа. Тогаш сме како Сизиф со неговиот камен“, вели тој.
Отворањето на границите беше поздравено од дел од населението од Северна Македонија, додека пак некои беа против – сметаат дека дополнително ќе се зголеми бројот на заболени со протокот на луѓе.
„Мислам дека моменталната ситуација со корона вирусот е таква што другите европски држави ќе не гледаат нас како потенцијален извор на зараза и можеби ќе бараат 14 дена карантин. Не мислам дека туристите ќе направат толкава разлика во веќе големиот број заразени. Една капка во веќе полната чаша можеби“, посочи Трајковски.
Од Северна Македонија годишно си заминуваат стотици доктори, а нивна најчеста дестинација е Германија. И Трајковски раскажа како се одлучил на таков чекор.
„Јас заминав од Македонија пред околу пет години меѓу другото и поради голем револт кон начинот на бирање на вработените во државните институции. Бев пријавен на конкурс за вработување на 20 лекари во Брза помош, што е поле од мој интерес. Според сумата на поени од просекот на факултет и двата теста кои ги правевме (на македонски и англиски) бев на 6-то место и веќе се радував да почнам со работа. За жал, дознав дека директорката според новодонесен закон има дискреционо право да избере кого сака, независно од рангирањето. Се вработија луѓе кои беа 100 места (и повеќе) позади мене бидејќи го имаа светиот документ „партиска книшка“. Здравствен систем во кој вработените се бираат по било кој друг критериум освен стручноста е осуден на пропаст“, ни раскажа Трајковски.
Но, дали доколку му се укаже можност некогаш, повторно би се вратил во нашата земја?
„Можноста ја имам секогаш, но тоа што не се укажува се барем приближни услови за работа, едукација и заработка. Инаку секако дека ми е желбата да помагам на македонското население, моментално тоа го правам колку што можам преку Инстаграм. За во иднина ќе видиме, картите се отворени“, го заврши разговорот Трајковски.
Јорданчо Цветаноски