Македонски државјани на списокот на странци кои денеска ќе можат да ја напуштат Газа преку преминот Рафах

by Fokus

Пограничните власти на Газа рано утрово го објавија списокот со околу 600 странски државјани и лица со двојно државјанство од повеќе земји на кои денеска ќе им биде дозволено да ја напуштат Газа, меѓу нив и државјани на Северна Македонија.

Во информацијата што ја објави „Њујорк тајмс“, на списокот се имињата на лица од 15 странски земји, меѓу кои и Северна Македонија.

„На списокот се 400 Американци, како и луѓе од Мексико, Унгарија, Хрватска, Јужна Кореја, Азербејџан, Грција, Чад, Бахреин, Италија, Швајцарија, Шри Ланка, Холандија, Белгија и Северна Македонија“, се наведува во веста на  „Њујорк Тајмс„.

Во веста што ја објави државната новинска агенција МИА, а во која не е наведен извор, станува збор за четворица македонски државјани кои се на листата странски државјани што денеска ќе можат да го минат граничниот премин Рафах и да заминат од Газа во Египет.

Преминот беше отворен вчера по повеќе од три недели целосна блокада од страна на Израел, поради што голем број странски државјани и носители на двојни државјанства се најдоа заглавени во Појасот.

Инаку, според информациите на македонското Министерство за надворешни работи, кои и денеска ги потврдија, за евакуација од Газа во Египет чекаат петмина македонски државјани. Како што денеска информираат од МНР, на листата за напуштање на Газа, покрај овие петмина, е и една палестинска државјанка за која велат дека е сопруга и мајка на две деца што имаат македонско државјанство.

Министерството вчера го поздрави отворањето на граничниот премин Рафах, посочувајќи дека тоа ќе овозможи и евакуација на петтемина државјани на земјава.

Поврзани новости