Македонската Регулаторна комисија за енергетика на прво место од 9 европски регулаторни тела

by Fokus

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Македонија е оценета со 78% и е на 1-то место од 9-те регулаторни тела на земјите-договорни страни на Договорот за основање на Енергетската заедница.

РКЕ докажа способност и посветеност да изработи високо квалитетни регулаторни правила во временска рамка дефинирана со Законот за енергетика, се нотира во „Годишниот извештај за имплементација 2018/2019 година“, објавен од Секретаријатот на Енергетската заедница на 18 ноември 2019 година.

Регулаторната комисија на Македонија е оценета со 78% и е на 1-то место од 9-те регулаторни тела на земјите-договорни страни на Договорот за основање на Енергетската заедница.

Истовремено, овој извештај нотира дека Македонија е „шампион во реформите во сите енергетски сектори“. Вкупниот просек на спроведувањето на реформите е 59%, што ја рангира земјата на 2-то место од 9-те земји кои се споредуваат, односно годишниот пораст на Македонија е 10%.

„Годишниот извештај за имплементација“ изработен од Секретаријатот на Енергетската заедница, го прикажува напредокот при спроведувањето и имплементацијата на европското законодавство на земјите-договорни страни на Договорот за основање на Енергетската заедница.

Во изминатите 17 месеци Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги успешно го имплементираше Законот за енергетика и Третиот енергетски пакет на ЕУ, преку донесување и одобрување на 33 подзаконски акти, што беше голем предизвик имајќи ги предвид кратките рокови и сложеноста на прашањата со кои се регулира енергетскиот сектор.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Македонија успешно ги спроведе: сертификацикацијата на операторот на електропреносниот систем; правното, функционалното и оперативно раздвојување на операторот на електродистрибутивниот систем; работењето на универзалниот снабдувач со електрична енергија; либерализацијата на пазарите на енергија; намалувањето на цените и тарифите на енергијата и услугите кои ги користат потрошувачите.

Вицепремирот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на панелот „Енергетска безбедност во Источниот Медитеран“, кој се одржа во Вашингтон во рамките на Конференцијата на Југоисточна Европа и Источен медитеран „Нови стратегии – нови перспективи“, во организација на Делфи форумот и весникот Катимерини изјави дека Македонија, како мала земја, мора да биде и е отворена за секаков вид соработка со другите земји, особено кога станува збор за соработка во енергетскиот сектор. Тој потенцираше дека Македонија во поглед на производството на електрична енергија е во голема мера зависна од производството на термоцентралите од јаглен.

„Потребна е транзиција кон поеколошки капацитети за производство на енергија, користејќи ги обновливите извори. Во последниот редовен годишен извештај, објавен денеска, Енергетската заедница го нотираша напредокот во имплементација на реформите во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија и ја посочи нашата земја како шампион во спроведување  енергетски реформи. Усвојувањето на Законот за енергетика во мај 2018 година и имплементацијата на сите реформи кои произлегуваат од овој Закон по предвидената динамика носат многу можности за развој на енергетскиот сектор во Северна Македонија, особено кога станува збор за обновливите извори на енергија. Сведоци сме за успешно реализирана тендерска постапка за изградба на првите 19 мегавати инсталирана моќност од фотоволтаични електрани на државно земјиште. Тендерот беше одлично конципиран и условите многу атрактивни за инвеститорите, почнавме со позитивна понуда за премиуми, но со поддавањето помеѓу заинтересираните компании, не само што државата нема да исплаќа премиуми, туку и компаниите за да ги изградат тие фотоволтаични електрани од 19 мегавати ќе ѝ исплатат на државата околу 2 и пол милион евра, што е еден позитивен исчекор во зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и еден од најдобрите проекти во Југоисточна Европа“, потенцира вицепремиерот.

За снабдувањето со гас, Анѓушев велин дека нашиот главен приоритет во таа смисла е изградбата на гасоводен интерконектор помеѓу Македонија и Грција, со кој би се поврзале со трансатлантскиот гасоводен систем и терминалите за природен гас на брегот на Егејското Море. „Изработена е физибилити-студијата и одредена е трасата по која ќе поминува овој гасовод, во тек сме со изработка на студијата за заштита на животната средина и основен проект, обезбедени се и финансиски средста преку Европската инвестициона банка, што значи дека сме веќе во финална фаза пред објавување на тендерската постапка за изградба на гасниот интерконектор. Заедно со Република Грција треба да работиме на овој проект, на тој начин би се зголемила конкурентноста во снабдување со гас, што значи и сигурност и поповолни цени за крајните потрошувачи“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Поврзани новости