Евровизиски делегации од 25 земји дојдоа во Израел, каде се дел од промотивниот настан ,,Израел ве повикува’’. Помеѓу нив е нашата евровизиска делегација и годинашните претставници, групата ,,Ај Кју’’.
-За евровизиските делегации од дваесет и пет земји организаторот подготви низа активности, како свечена церемонија во Тел Авив со црвен килим за евровизиските ѕвезди, разгледување на Ерусалим и гала забава, а настанот традиционално вклучува и засадување дрвца во Претседателската шума, пресконференција и средба на евровизиските претставници со медиумите – информираат од МРТ.
Марија Ивановска и Бојан Трајковски од ,,Ај Кју’’ за прв пат биле во Израел и се воодушевиле од гостопримството и организираноста на високо ниво на настанот.
Според Ивановска, многу луѓе и пришле и и кажале дека нивната песна ,,Lost and found’’ им била омилена, и барале да се фотографираат со нив. На евровизиската сцена во Лисабон, Португалија, групата ,,Ај Кју’’ ќе настапи во полн состав, односно покрај Марија и Бојан на сцената со нив ќе настапи и нивниот тапанар Иво Митковски, а придружни вокали ќе им бидат Антониа Гиговска, Дина Јашари и Валери Димовска.
Од МТВ како дел од делегацијата се Мери Попова, шеф на делегацијата, Александра Јовановска како шеф на прес и новинар кој што подготвува специјални емисии од настанот, Каролина Петковска како коментатор и новинар кој ги подготвува сите останати извештаи за програмата, Цветко Стојановски – снимател, Авни Ќаили, новинар од Вториот Програмски сервис и новинар од радиото – Јошко Бошковски.
Директните преноси од двете полуфинални и финална вечер на Евровизија, која годинава ќе се одржи во Португалија, ќе се емитуваат на Првата програма на МТВ на 8-ми,10-ти и 12-ти мај со почеток во 21 часот.
Вики Клинчарова