Македонската економија во рецесија, за Владата е очекувана

by fokus

Стапката на раст на Бруто домашниот производ во третото тримесечје е -3,3 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика. Со овој најнов податок македонската економија и официјално влегува во рецесија бидејќи по вториот квартал кој беше минус 14,9 проценти, сега има два последователни негативни квартала.

Овие статистички податоци за вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се очекувани. Тој денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека Владата уште во април најавила дека ова ќе биде година во рецесија.

– Остануваме на проекциите дека крајот на годината ќе биде со пад од 4,4 проценти. На неколку наврати кажав дека индустриското производство е во нагорна линија во смисла на опоравување. Не може да очекуваме, кога имаме над 30 проценти пад во вториот квартал, да имаме нагло одење во позитива во третиот квартал, рече Битиќи.

Тој смета дека следната година економијата ќе оди во нагорна линија.

Народната банка пак во последните макроекономски проекции, првично проектираниот пад на економијата од 3,5 проценти го ревидираше на 4,9 проценти.

Во овој период финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, номинално опаѓа за 1,4 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто домашниот производ изнесува 66 проценти.

Извозот на стоки и на услуги номинално е намалено за 6,8 проценти, а увозот на стоки и на услуги бележи намалување во номинален износ од 3,2 проценти.

Најголем пораст е забележан во секторите Земјоделство, шумарство и рибарство од 5,2 проценти, Градежништвото од 3,4 проценти и во Информации и комуникации од 3,3 проценти.

Поврзани новости