Трговијата меѓу Македонија и Украина во иднина ќе биде олеснета, откако денеска во Прага беа потпишани одлуките со кои се дополнува и ревидира постојниот Договорот за слободна трговија. Целта е да се олесни слободната трговија и обезбедувањето храна меѓу двете земји, соопштија од Владата.
Со денешното потпишување на договорите поврзани со слободната трговија и обезбедувањето храна, дополнително се зацврстува соработката меѓу двете земји, се вели во соопштението.
Потпишаните документи овозможуваат понатамошна либерализација на трговијата со земјоделско-прехранбени производи и на двете страни. Воедно, се овозможува бесцарински извоз, особено на свежото овошје и зеленчук и намалена царина при извоз и увоз на голем број прехранбени производи.
Со овие дополнувања на Договорот за слободна трговија се постигнува многу поголема либерализација во врска со правилата за потекло, односно ако досега за извоз во Украина се користеа само суровини од Северна Македонија и Украина и обратно, а за извозот од нашата земја се користеа само суровини со потекло од Северна Македонија и Украина, со овие нови правила ќе биде возможно да се користат и ЕУ суровини. Новиот Договор ќе овозможи користење на суровини од Украина при извоз во ЕУ и обратно.
Одлуките ги потпишаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и заменик министерот за економски развој и трговија на Украина, Тарас Качка, во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и премиерот на Украина, Денис Шмихал.